БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ
Библиската вистина ме зближи со татко ми
РОДЕН: 1954
ЗЕМЈА: Филипини
НЕКОГАШ: Во лоши односи со својот насилен татко
МОЕТО МИНАТО
Голем број туристи ги посетуваат прочуените водопади во близина на градот Пагсанхан на Филипините. Татко ми, Нардо Лерон, пораснал таму во тешка сиромаштија. Поради корупцијата што ја гледал кај властите, кај полицијата и на работа, тој станал огорчен и гневен човек.
Ние бевме осум деца, а моите родители работеа напорно за да нѐ издржуваат. Ретко беа дома бидејќи одгледуваа посеви во планините. Јас и брат ми Роделио обично моравме да се грижиме сами за себе, и честопати бевме гладни. Немавме вистинско детство. Штом секое од нас децата ќе наполнеше седум години, мораше да работи на плантажа и да носи тешки товари со кокосови ореви по стрмните планински патеки. Кога товарот беше претежок за носење, моравме да го влечеме.
Татко ми многу нѐ тепаше нас децата, но повеќе нѐ болеше кога гледавме како ја тепа мајка ни. Пробувавме да го спречиме, но бевме беспомошни. Јас и Роделио скришум се договоривме да го убиеме кога ќе пораснеме. Колку копнеев да имам татко кој ќе нѐ сака!
Бидејќи бев разочаран и лут поради насилството на татко ми, си заминав од дома на 14 години. Некое време живеев на улица, а почнав и да пушам марихуана. Подоцна најдов работа — заработував така што со чамец пренесував туристи до водопадите.
По неколку години се запишав на факултет во Манила. Но, бидејќи за викенд се враќав на работа во Пагсанхан, немав многу време за учење. Ми се чинеше дека мојот живот нема никаква смисла, а ни марихуаната веќе не ми помагаше да заборавам на грижите. Почнав да испробувам метамфетамини, кокаин и хероин. А дрогата и сексуалниот неморал одеа рака под рака. Секаде околу мене гледав сиромаштија, неправди и страдања. Ги мразев властите, и сметав дека се одговорни за таквата состојба. Го прашував Бог: „Зошто животот е ваков?“ Го барав одговорот во разни религии, но безуспешно. Почнав да земам уште поголеми количини дрога за да можам полесно да го поднесам очајот.
Во 1972 год., студентите на Филипините организираа протести против властите. И јас учествував во еден таков протест кој заврши со насилство. Многу луѓе беа уапсени и, неколку месеци подоцна, во земјата беше прогласена вонредна состојба.
Повторно се најдов на улица. Ми беше страв полицијата да не ме уапси затоа што учествував во протестите. За да имам пари да купувам дрога, почнав да крадам. Освен тоа, им нудев сексуални услуги на богатите и на странците. Ми беше сеедно дали ќе живеам или ќе умрам.
Во меѓувреме, мајка ми и еден од помалите браќа почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Татко ми збеснал и им ја запалил библиската литература. Но, тие не се откажале, и подоцна станале Јеховини сведоци.
Во една прилика, кога некој Јеховин сведок разговарал со татко ми за Библијата, му спомнал дека во иднина на Земјата ќе завладее вистинска правда (Псалм 72:12-14). Ова ветување толку многу му се допаднало на татко ми што решил да дознае нешто повеќе. Читајќи ја Библијата, тој не само што се уверил дека Бог ветил една праведна влада туку дознал и што очекува Бог од сопрузите и татковците (Ефешаните 5:28; 6:4). Набрзо тој и другите мои браќа и сестри станале Јеховини сведоци. Бидејќи бев далеку од дома, немав поим за сите овие работи.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Во 1978 год., се преселив во Австралија. Но, дури и во таа мирна и богата земја, не можев да најдам душевен мир. Продолжив да пијам и да земам дрога. Подоцна истата година, на врата ми дојдоа Јеховини сведоци. Ми се допаѓаше она што ми го прочитаа од Библијата во врска со мирот кој ќе завладее на Земјата, но сепак ги гледав со недоверба.
Кратко потоа, отидов на Филипините на неколку седмици. Моите браќа и сестри ми кажаа дека татко ми многу се труди да стане подобра личност, но јас бев толку огорчен што избегнував да имам каков и да било контакт со него.
Мојата најмала сестра ми објасни на темел на Библијата зошто животот е полн со толку страдања и неправди. Просто не можев да верувам дека една тинејџерка со толку мало животно искуство имаше одговор на прашањата кои ме мачеа! Пред да си заминам, татко ми ми ја даде книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, a и ми рече: „Доста бегаше. Оваа книга ќе ти помогне да го најдеш тоа што го бараш“. Тој ме поттикна да ги побарам Јеховините сведоци кога ќе се вратам во Австралија.
Го послушав неговиот совет и најдов една Сала за состаноци на Јеховините сведоци недалеку од мојот дом во Бризбејн. Почнав редовно да ја проучувам Библијата. Од некои библиски пророштва, како оние што се запишани во Даниел 7. поглавје и во Исаија 9. поглавје, се уверив дека во иднина над Земјата ќе владее Божјето Царство, влада во која ќе нема апсолутно никаква корупција. Исто така, дознав дека ќе живееме во рај на Земјата. Сакав Бог да ме смета за свој пријател, но знаев дека ќе мора да научам да си ги контролирам чувствата, и да престанам да се дрогирам, да пијам и да водам неморален живот. Раскинав со девојката со која живеев, и постепено се ослободив од моите пороци. Стекнував сѐ поголема доверба во Јехова, и го молев да ми дава сила да направам и други промени.
Со текот на времето сфатив дека она што го учам од Библијата навистина може да го смени човекот од корен. Библијата вели дека, ако вложиме искрени напори, можеме да ја облечеме „новата личност“ (Колошаните 3:9, 10). Додека се трудев да го постигнам тоа, сфатив дека можеби моите браќа и сестри беа во право кога ми кажуваа дека татко ми навистина се сменил. Повеќе не чувствував лутина и одбивност кон него, туку сакав да се смириме. Конечно му простив и се ослободив од омразата која уште од мали нозе ја носев во срцето.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Како млад, често се поведував по другите и правев лоши работи со кои си нанесував болка. И во мојот случај се исполни она што го вели Библијата — лошото друштво навистина ме одведе на погрешен пат (1. Коринќаните 15:33). Но, кај Јеховините сведоци си најдов вистински пријатели кои ми помогнаа да станам подобра личност. Меѓу нив ја запознав и мојата прекрасна сопруга, Лорета. Сега заедно им помагаме и на други луѓе да сфатат како може Библијата да им користи.
Благодарение на Божјата Реч, татко ми стана грижлив сопруг и понизен, мирољубив христијанин, иако си мислев дека такво нешто нема никогаш да се случи. Кога се сретнавме откако станав Јеховин сведок во 1987 год., татко ми ме прегрна за првпат во мојот живот!
Заедно со мајка ми, тој им ја пренесуваше библиската надеж на луѓето повеќе од 35 години. Стана трудољубив и сочувствителен човек, и беше познат по тоа што им помагаше на другите. Во текот на тие години, научив да го почитувам и да го сакам. Бев горд што сум му син! Почина во 2016 год., но имам пријатни спомени од него. Свесен сум дека, со помош на библиските учења, и двајцата направивме огромни промени кај себеси. Во моето срце нема ни трага од омразата што ја чувствував порано. А посебно сум благодарен што го пронајдов мојот небесен Татко, Јехова Бог, кој ветува дека ќе им стави крај на сите причини за проблемите со кои се соочуваат семејствата низ целиот свет.
a Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.