Префрли се на текстот

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЈОНАТАН

„Ништо не може да го спречи Јехова“

„Ништо не може да го спречи Јехова“

 Од своето осамено стражарско место кое се надвиснувало над еден пуст и карпест предел, филистејските војници здогледале нешто што им ја разбудило љубопитноста — двајца Израелци стоеле спроти нив, од другата страна на клисурата. Штом ги виделе, Филистејците почнале да им се потсмеваат. Тие не ги сметале за никаква опасност. Впрочем, Филистејците со години ги држеле во покорност Израелците. Тие морале да одат кај непријателите дури и само за да наострат некоја од своите метални алатки, бидејќи во целата земја немало ниту еден ковач. Тоа значи дека израелската војска немала речиси никакво оружје. Освен тоа, пред овие филистејски стражари стоеле само двајца мажи! Дури и да биле прекалени војници наоружани до заби, што можеле да им направат? Со потсмев, Филистејците им довикнале: „Качете се кај нас да ви кажеме нешто!“ (1. Самоилова 13:19-23; 14:11, 12).

 Всушност, филистејските војници сакале да им одржат лекција, но на крајот самите го извлекле подебелиот крај. Двајцата Израелци брзо се спуштиле низ клисурата, ја преминале и тргнале нагоре по карпестата падина од другата страна. Толку било стрмно што морале да се искачуваат и со рацете и со нозете, но не дозволиле тоа да ги запре. Продолжиле да се качуваат по карпите право кон стражарското место! (1. Самоилова 14:13). Кога се приближиле, Филистејците можеле да видат дека човекот што одел прв бил вооружен, а веднаш зад него бил слугата кој му го носел копјето и штитот. Но, можно ли е тој човек да тргнал во напад против цела чета војници само со својот штитоносец? Зарем бил луд?

 Не, не бил луд. Тоа бил Јонатан, човек кој имал силна вера. Вистинските христијани можат да научат многу од него. Иако денес не водиме дословни војни, од Јонатан може да извлечеме важни поуки за храброста, верноста и несебичноста, особини кои ни се потребни за да развиеме вистинска вера (Исаија 2:4; Матеј 26:51, 52).

Верен син и храбар војник

 За да разбереме зошто Јонатан го нападнал тоа стражарско место, добро е да дознаеме нешто повеќе за него. Јонатан бил најстариот син на Саул, првиот цар на Израел. Кога Саул бил помазан за цар, Јонатан веројатно веќе имал 20-ина години. Изгледа дека бил доста близок со татко му, кој честопати му се доверувал. Кога почнал да владее, Саул бил висок, убав и храбар човек. Но, Јонатан знаел дека татко му имал уште две прекрасни особини — понизност и силна вера. Затоа му било јасно зошто Јехова го избрал за цар. Дури и пророкот Самоил рекол дека во целата земја нема човек како Саул (1. Самоилова 9:1, 2, 21; 10:20-24; 20:2).

 На Јонатан сигурно му било чест да се бори против непријателите на Јеховиниот народ под заповедништво на својот татко. Тие војни не биле како воените судири денес во кои луѓето се борат за својата земја. Во тоа време, Израелците биле Јеховин народ, и затоа постојано биле напаѓани од околните народи кои им служеле на лажни богови. Филистејците, кои обожавале лажни богови како што бил Дагон, го угнетувале Јеховиниот избран народ обидувајќи се да го уништат.

 Со тоа што учествувал во војните против Божјите непријатели, Јонатан, всушност, покажувал верност и оддаденост кон Јехова. Бог го благословил поради тоа. Набрзо откако станал цар, Саул го поставил својот син над 1.000 војници. Јонатан ја предводел оваа војска во нападот против Филистејците во Гева. Иако неговите луѓе биле слабо вооружени, тој ден Јонатан извојувал победа со Јеховина помош. Но, сакајќи да се одмаздат, Филистејците собрале огромна војска. Војниците кои биле со Саул се треселе од страв. Некои од нив избегале и се скриле, а имало дури и такви што преминале на противничката страна! Но, Јонатан бил толку храбар што ни за миг не помислил да се повлече (1. Самоилова 13:2-7; 14:21).

 Како што беше опишано во почетокот, тој решил скришум да излезе од логорот заедно со својот штитоносец. Додека се приближувале до филистејското стражарско место кај Михмаш, Јонатан му го изнел својот план на штитоносецот. Му рекол дека ќе им се покажат на филистејските војници, и ако тие им речат да дојдат кај нив, тоа ќе им биде знак дека Јехова ќе им помогне. Штитоносецот спремно се согласил со неговиот план. Веројатно бил охрабрен од силните зборови на Јонатан: „Ништо не може да го спречи Јехова да спаси, било со многу луѓе било со малку“ (1. Самоилова 14:6-10). Што сакал да каже со тоа?

 Очигледно, Јонатан многу добро го познавал својот Бог. Сигурно знаел дека во минатото Јехова му помогнал на својот народ да порази непријатели кои биле далеку побројни. Во некои случаи им донел победа на Израелците преку само еден единствен човек (Судиите 3:31; 4:1-23; 16:23-30). Според тоа, на Јонатан му било јасно дека победата не зависи ниту од бројноста, ниту од силата, ниту од оружјето на Божјите слуги, туку од нивната вера. Бидејќи имал вера, Јонатан дозволил Јехова да одреди дали тој и неговиот штитоносец да ги нападнат Филистејците. Побарал од Јехова да му даде знак со кој ќе му покаже дека е со нив. Кога го добил тој знак, Јонатан бестрашно тргнал во напад.

 Да спомнеме две работи во врска со верата на Јонатан. Прво, тој имал длабока стравопочит кон својот Бог, Јехова. Знаел дека, иако може да ја оствари својата намера без да користи луѓе, Семоќниот Бог многу сака да ги употреби и да ги благослови оние што верно му служат (2. Летописи 16:9). Второ, пред да преземе нешто, Јонатан побарал од Јехова да му даде знак дека го поддржува. Денес не бараме натприродни знаци од Бог за да ни потврди дека е задоволен со она што го правиме. Ние ја имаме целата Божја Реч, што значи дека имаме сѐ што ни е потребно за да ја разбереме Божјата волја (2. Тимотеј 3:16, 17). Дали внимателно бараме совети во Библијата пред да донесеме важни одлуки? Ако го правиме тоа, покажуваме дека Божјата волја ни е поважна од нашата — исто како што било случај и со Јонатан.

 Но, да се вратиме на приказната. Јонатан и штитоносецот брзо почнале да се искачуваат по стрмната падина. Кога на Филистејците им станало јасно дека се нападнати, испратиле луѓе против двајцата Израелци. Филистејците биле во предност не само затоа што биле побројни туку и затоа што биле на повисоко. Изгледало дека лесно ќе се справат со двајцата натрапници. Но, Јонатан почнал да ги соборува филистејските војници еден по еден, а штитоносецот кој одел зад него ги убивал. За кратко време, убиле 20 непријателски војници! Но, Јехова направил и нешто друго. Читаме: „Тогаш завладеа страв во логорот во полето и меѓу сите стражари. Четата пљачкаши трепереа од страв, а згора на тоа и земјата се затресе. Тоа беше страв од Бог“ (1. Самоилова 14:15).

Јонатан тргнал во напад против цела чета војници само со својот штитоносец

 Саул и неговите луѓе оддалеку гледале како во непријателскиот логор се шири паника и хаос — филистејските војници почнале дури и да се убиваат едни со други! (1. Самоилова 14:16, 20). Израелците се охрабриле и тргнале во напад, по сѐ изгледа, земајќи го оружјето од убиените Филистејци. Тој ден Јехова му дал голема победа на својот народ. Бог не се сменил до ден-денес. Ако и ние покажуваме цврста вера во него, исто како Јонатан и неговиот штитоносец, никогаш нема да зажалиме за тоа (Малахија 3:16; Римјаните 10:11).

„Со Бог го изврши денес ова дело!“

 Тоа било славна победа за Јонатан, но не и за Саул. Тој направил некои сериозни грешки. Ја принел жртвата што требало да ја принесе пророкот Самоил, кој бил левит, и со тоа покажал непослушност. Кога Самоил пристигнал, му рекол на Саул дека Јехова ќе му го одземе царството затоа што бил непослушен. Освен тоа, кога ги испратил своите луѓе во битка, Саул повторно постапил неразумно така што ги обврзал со следнава заклетва: „Проклет да е оној што ќе јаде нешто пред вечерта, додека не им се одмаздам на своите непријатели!“ (1. Самоилова 13:10-14; 14:24).

 Овие зборови на Саул откриваат дека тој почнал да се менува — за жал, на полошо. Дали овој човек, кој во почетокот бил понизен и имал силна вера, дозволил да го заслепат амбицијата и гордоста? Јехова никогаш не би им поставил такво неразумно ограничување на тие храбри и самопожртвувани војници. А што дознаваме за Саул од неговите зборови „додека не им се одмаздам на своите непријатели?“ Дали сметал дека тоа е негова војна? Дали заборавил дека е најважна Јеховината правда, а не неговата жед за одмазда, слава и победа?

 Јонатан не знаел ништо за неразумната заклетва на татко му. Исцрпен од жестоката битка, го натопил стапот во едно саќе со мед и, откако каснал малку, веднаш му се вратила силата. Тогаш еден од неговите луѓе му кажал за заклетвата на татко му. Јонатан одговорил: „Татко ми ѝ нанесе неволја на земјата. Погледнете како ми светнаа очите затоа што вкусив малку мед. Што ли ќе беше ако народот јадеше денес од пленот што го зеде од своите непријатели! А вака колежот на Филистејците не е голем“ (1. Самоилова 14:25-30). И бил во право. Јонатан бил добар и верен син, но не бил слепо послушен. Тој не се согласувал без размислување со сѐ што ќе направел или ќе речел татко му, и поради таквиот урамнотежен став, другите го почитувале.

 Дури и кога дознал дека Јонатан ја прекршил неговата заповед, Саул не сакал да признае дека неговата забрана била бесмислена. Наместо тоа, сметал дека син му заслужува да умре! Јонатан не се расправал ниту, пак, молел да биде поштеден. Она што го кажал е навистина впечатливо. Тој несебично рекол: „Еве ме, готов сум да умрам!“ Но, Израелците се побуниле: „Зарем да умре Јонатан, кој му ја донесе оваа голема победа на Израел? Во никој случај! Како што е жив Јехова, ниту едно влакно од главата нема да му падне на земја, зашто со Бог го изврши денес ова дело!“ Што се случило на крајот? Саул конечно попуштил. Извештајот вели: „Така народот го избави Јонатан, па не загина“ (1. Самоилова 14:43-45).

„Еве ме, готов сум да умрам!“

 Со својата храброст, посветеност и несебичност, Јонатан си стекнал добро име. Кога се нашол во опасност, угледот што го имал кај народот му го спасил животот. Добро е секој од нас да размисли какво име си стекнува од ден на ден. Библијата вели дека доброто име е скапоцено (Проповедник 7:1). Ако и ние, исто како Јонатан, се трудиме да си стекнеме добро име кај Јехова, тоа ќе ни биде од непроценлива вредност.

Саул тоне сѐ подлабоко

 И покрај многуте грешки на Саул, Јонатан продолжил верно да се бори на неговата страна. Може само да си замислиме колку му било тешко да гледа како татко му станува непослушен и горделив. Саул тонел сѐ подлабоко, а Јонатан не можел ништо да стори.

 Ситуацијата достигнала кулминација кога Јехова му рекол на Саул да поведе војна против Амаличаните. Тој народ бил потонат во толку голема злоба што, уште во времето на Мојсеј, Јехова прорекол дека ќе биде потполно уништен (2. Мојсеева 17:14). Саул добил заповед да ја убие целата стока на Амаличаните и да го погуби нивниот цар, Агаг. Израелците извојувале победа, а Јонатан, како и обично, се борел храбро под заповедништво на својот татко. Но, Саул бесрамно му се спротивставил на Јехова со тоа што го поштедил Агаг и ја задржал најдобрата стока. Пророкот Самоил ја изрекол конечната Божја пресуда над Саул: „Поради тоа што ја отфрли речта на Јехова, и тој те отфрли тебе за да не бидеш повеќе цар“ (1. Самоилова 15:2, 3, 9, 10, 23).

 Кратко потоа, Јехова го повлекол својот свет дух од Саул. Бидејќи веќе не бил под позитивното влијание на Божјиот дух, излегла на површина неговата мрачна страна. Саул имал нагли промени во расположението, изливи на гнев и претерани стравови. Потполно го изгубил својот душевен мир (1. Самоилова 16:14; 18:10-12). На Јонатан сигурно му се кинело срцето кога гледал каков станал неговиот татко, кој некогаш бил добар, благороден човек! И покрај тоа, Јонатан продолжил верно да му служи на Јехова. Тој го поддржувал својот татко колку што можел, па дури и отворено и искрено зборувал со него во неколку наврати. Сепак, на прво место во животот му останал неговиот Бог и Татко, Јехова, кој никогаш не се менува (1. Самоилова 19:4, 5).

 Дали некогаш си гледал како некој што го сакаш — можеби некој близок од семејството — драстично се менува на полошо? Тоа може да причинува огромна болка. Примерот на Јонатан нѐ потсетува на она што подоцна го напишал псалмистот: „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“ (Псалм 27:10). Јехова е верен. Тој ќе те прифати и тебе и ќе ти биде најдобриот Татко што постои, сеедно колку ќе те разочараат или ќе те повредат несовршените луѓе.

 Јонатан веројатно знаел дека Јехова има намера да му го одземе царството на Саул. Како реагирал? Дали можеби размислувал каков цар би бил тој? Дали се надевал дека ќе има можност да го исправи сето зло што го направил татко му, и дека ќе остави подобар пример како верен и послушен цар? Не знаеме како размислувал. Знаеме само дека, и да имал такви надежи, тие никогаш не се оствариле. Дали тоа значи дека Јехова го напуштил овој верен човек? Не. Во Библијата, Јехова го истакнал Јонатан како еден од најголемите примери за тоа што значи да се биде верен пријател. За ова ќе се зборува во некоја следна статија.