Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Зошто секогаш го кажувам она што не треба?

Зошто секогаш го кажувам она што не треба?

 „Понекогаш можам да се контролирам, но честопати јазикот ми е побрз од паметот!“ (Џејмс).

 „Кога имам трема, зборувам без да размислувам, а кога сум опуштена, зборувам повеќе отколку што треба. Што значи, речиси секогаш нешто ќе згрешам“ (Мари).

 Библијата вели: „Јазикот е оган“ и „Мал оган е потребен за да се запали голема шума!“ (Јаков 3:5, 6). Дали имаш проблеми затоа што јазикот ти е побрз од мислите? Ако да, тогаш оваа статија ќе ти помогне.

 Зошто сите понекогаш кажуваме нешто погрешно?

 Несовршени сме. Библијата вели: „Сите ние честопати грешиме. Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек“ (Јаков 3:2). Бидејќи сме несовршени, лесно може да направиме погрешен чекор и да се сопнеме. Од истата причина, лесно може да згрешиме кога зборуваме.

 „Бидејќи имам несовршен мозок и несовршен јазик, нема шанси совршено да ги контролирам“ (Ана).

 Премногу зборуваме. Библијата вели: „Многуте зборови не остануваат без грев“ (Изреки 10:19). Оние што зборуваат премногу, а не слушаат доволно, имаат поголеми шанси да кажат нешто со што ќе ги навредат другите.

 „Оние што зборуваат најмногу не се секогаш најпаметните. Никој не бил попаметен од Исус, но понекогаш тој едноставно молчел“ (Џулија).

 Саркастични сме. Библијата вели: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“ (Изреки 12:18). Сарказмот е еден вид непромислен говор. Тоа се зајадливи зборови кои се кажани со намера да ги омаловажат другите. Оние што се саркастични можеби ќе речат: „Ама јас само се шегував!“ Но, воопшто не е смешно да се омаловажуваат и понижуваат другите. Библијата нѐ поттикнува да не користиме злобен и навредлив говор (Ефешаните 4:31).

 „Сакам да кажувам смешки и да ги забавувам другите. Поради тоа, понекогаш сум саркастична, и ми се случува да си направам проблеми“ (Оксана).

Штом ќе кажеш нешто, не можеш да го вратиш назад, исто како што не можеш да ја вратиш пастата назад во тубата

 Како да си го контролираме јазикот

 Иако не е лесно да се контролира јазикот, некои библиски начела можат да ти помогнат во тоа. Да разгледаме неколку од нив.

 „Задржете ги зборовите во своето срце... и молчете!“ (Пс. 4:4).

 Понекогаш е најдобро да не кажуваш ништо. „Она што го чувствувам кога сум лута можеби нема да потрае“, вели една девојка која се вика Лора. „Кога ќе се смирам, обично ми е мило што не сум го кажала она што сум го мислела во тој момент.“ Понекогаш е доволно и само да молчиш неколку секунди. Самото тоа може да ти помогне да не кажеш нешто за кое подоцна ќе зажалиш.

 „Зарем увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната?“ (Јов 12:11).

 Би можел да се поштедиш од многу непријатни ситуации ако, пред да кажеш нешто, си ги поставиш следниве прашања:

  •   Дали она што сакам да го кажам е точно? Дали со тоа ќе повредам некого? Дали морам да го кажам? (Римјаните 14:19).

  •   Како ќе се чувствувам ако некој мене ми го каже тоа? (Матеј 7:12).

  •   Дали со тоа ќе покажам дека го почитувам туѓото мислење? (Римјаните 12:10).

  •   Дали сега е вистинското време и место за да го кажам? (Проповедник 3:7).

 „Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Филипјаните 2:3).

 Овој совет ќе ти помогне да гледаш позитивно на другите, а тоа, пак, ќе ти помогне да си го контролираш јазикот и да размислиш пред да кажеш нешто. А ако веќе си повредил некого со своите зборови, понизноста ќе ти помогне да му се извиниш — и тоа колку што е можно побрзо! (Матеј 5:23, 24). Освен тоа, добро е да си поставиш цел да внимаваш што ќе кажеш во иднина.