МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како изгледам?
Зошто треба да ти е важно како се облекуваш? Бидејќи облеката кажува многу. Што кажува твојата облека за тебе?
Три големи модни грешки и како да ги избегнеш
Грешка бр. 1: Им дозволуваш на медиумите да ти диктираат како треба да изгледаш.
„Понекогаш ми се допаѓа некој тренд бидејќи сум видела многу реклами за него“, вели една тинејџерка по име Тереза. „Кога постојано гледаш луѓе кои носат одредена облека, и ти сакаш да ја носиш.“
Рекламите не влијаат само врз девојчињата. „Модните трендови влијаат и врз момчињата“, вели книгата The Everything Guide to Raising Adolescent Boys. „Уште од рана возраст, тие се мета на рекламната индустрија.“
Подобра опција: Библијата вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Во склад со тоа начело, научи се внимателно да размислуваш за рекламите што ги гледаш. На пример, кога некоја облека се рекламира како „провокативна“, „заводлива“ или „секси“, прашај се:
„Кој навистина профитира ако го следам тој тренд?“
„Што ќе мислат другите за мене ако ја носам таа облека?“
„Дали тој стил дава вистинска слика за мене и за моите вредности?“
Моден совет: Една седмица внимателно следи ги рекламите за облека и другите модни емисии. Каков стил промовираат? Дали испраќаат скриени пораки кои имаат за цел да те убедат дека треба да следиш одреден тренд? „Постои огромен притисок да изгледаш совршено, да се облекуваш совршено и да го покажуваш своето ’совршено тело‘“, вели една тинејџерка по име Карен. „Рекламната индустрија го знае тоа, и затоа младите се лесна мета.“
Грешка бр. 2: Следиш одреден тренд само за да се вклопиш во друштвото.
Еден тинејџер по име Мануел вели: „Ако одреден стил на облекување е во мода, тогаш сите се облекуваат така. Ако не го следиш тој стил, нема да си прифатен во друштвото“. Една тинејџерка по име Ана се согласува со тоа. Таа вели: „Не е толку до модата колку што е до тоа да бидеш прифатен од друштвото“.
Подобра опција: Библијата вели: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет“ (Римјаните 12:2). Во склад со овој совет, разгледај ја гардеробата што ја имаш и прашај се:
„Кои работи влијаат врз изборот на мојата облека?“
„Колку ми е важно да носам брендирана облека?“
„Се трудам ли да ги импресионирам другите со мојата облека?“
Моден совет: Немој да мислиш дека имаш само две опции — да бидеш модерен (и прифатен) или да бидеш старомоден (и отфрлен). Постои и трета опција — да се чувствуваш сигурно и да имаш самодоверба. Ако си задоволен со себеси, нема да се грижиш премногу за тоа дали се вклопуваш во друштвото.
Грешка бр. 3: Си мислиш „што посекси, тоа подобро“.
„Да бидам искрена, понекогаш сум на искушение да носам нешто провокативно, како на пример нешто што е прекратко или претесно“, признава една девојка по име Џенифер.
Подобра опција: Библијата вели: „Вашиот украс нека не биде надворешен, туку тоа нека биде тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:3, 4). Во склад со овој совет, размисли што е попривлечно — атрактивна појава или убави особини.
Моден совет: Твојот најдобар „моден детаљ“ е скромноста. Точно е дека таа не е популарна во светот денес. Но размисли за следново:
Дали некогаш си разговарал со некој што зборува како навиен и само за себе? За жал, тоа лице можеби не ни сфаќа дека неговото однесување те одбива!
Кога се облекуваш нескромно, стануваш како тоа лице. Твојот изглед испраќа порака „видете ме“ и тоа може да остави впечаток дека си несигурен или премногу сконцентриран на себе — или и двете. Исто така, може да остави впечаток дека очајно бараш какво било внимание — дури и погрешно.
Наместо да рекламираш нешто што не продаваш, облекувај се скромно. „Да се облекуваш скромно не значи дека треба да изгледаш како баба ти“, вели една тинејџерка по име Моника. „Тоа значи дека покажуваш почит кон себеси и кон другите околу тебе.“