СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК
Како да не дојде до „сив развод“?
Во периодот од 1990 до 2015 во САД, стапката на развод кај оние што имаат 50 години и повеќе, двојно се зголемила, а кај оние што се постари од 65 години се зголемила за трипати. Истражувачите го измислиле изразот „сив развод“ за да го опишат растечкиот број на разводи кај постарата популација. Кои се причините за „сивиот развод“? Како можеш да го заштитиш твојот брак од оваа опасност?
Во оваа статија
Кои се причините за „сивиот развод“?
Честопати, причината за тоа зошто некои брачни партнери се разведуваат на постара возраст е тоа што со текот на времето едноставно се оддалечиле еден од друг. Низ годините, некои сопруги и сопрузи развиваат различни интереси и изгледа дека немаат многу заедничко. Или, откако децата си отишле од дома, брачните партнери можеби сфаќаат дека долго време се концентрирале на своите улоги на татко и мајка поради што заборавиле како да ја исполнат својата улога на сопруг и сопруга.
Во последниве децении, некои таканаречени стручњаци им кажуваат на брачните партнери да се концентрираат на своите лични потреби. Тие ги советуваат сопругите и сопрузите да се прашаат: „Дали сум среќен во мојот брак?“, „Дали ме прави подобра личност?“, „Дали мојот брачен партнер ги задоволува моите емоционални потреби?“ Луѓето денес мислат дека ако одговорот на кое и да било од овие прашања е „не“, тогаш треба да го правиш она што е најдобро за тебе — да се разведеш и да започнеш нов живот.
Луѓето повеќе не гледаат на разводот како на нешто лошо. Социологот Ерик Клајненберг напишал: „До пред неодамна, ако некој не беше задоволен од својот сопружник и сакаше да се разведе, требаше да наведе добри причини за таа одлука. Денес е спротивно: Ако не си среќен и задоволен во бракот, треба да наведеш добри причини зошто сѐ уште си во тој брак. Ова е така бидејќи многу луѓе мислат дека е најважно да го правиш она што е најдобро за тебе“. a
Се разбира, со разводот некои проблеми се решаваат, но се отвораат нови. На пример, едно истражување открило дека „сивиот развод“ носи огромни економски проблеми, особено за жените.
Треба да се земе предвид уште нешто. Во книгата Don’t Divorce пишува: „Можеш да почнеш од почеток, но ти сѐ уште си истата личност. Што си направил за да го смениш твојот начин на комуницирање кој се покажал како неуспешен? Што си направил за да го смениш начинот на кој се справуваш со недоразбирањата?” b
Што можеш да правиш
Прифати ја промената. Ниту една врска не останува вечно иста. Односот со твојот сопружник можеби се сменил бидејќи вашите деца се отселиле или затоа што и двајцата сте развиле различни интереси. Наместо да посакуваш работите да останат онакви како што биле во минатото, размислувај за тоа како да ги подобриш работите сега.
Библиско начело: „Не вели: ’Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?‘ — бидејќи не е мудро да го прашуваш тоа“ (Проповедник 7:10).
Зајакнувај го пријателството со сопружникот. Би можел ли да покажеш интерес за некоја нова активност во која ужива твојот сопружник, или да му предложиш заедно да правите нешто што тебе те интересира? Дали би можеле да најдете некоја нова активност во која и двајцата уживате? Твоја цел треба да биде да минувате време заедно за ти и твојот сопружник повеќе да се чувствувате како брачни партнери отколку како цимери.
Библиско начело: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).
Задржи добри манири. Немојте да дозволите времето да ги задуши учтивоста и љубезноста. Зборувај со почит со брачниот партнер и труди се да ги покажуваш убавите манири што си ги покажувал кога сте биле во врска. Користи ги зборовите „те молам“ и „фала“. Редовно покажувај му на сопружникот дека го сакаш и покажувај благодарност за она што го прави за тебе.
Библиско начело: „Еден спрема друг бидете добри, сочувствителни“ (Ефешаните 4:32, Превод на МПЦ).
Сеќавај се на убавите спомени. Разгледувајте го албумот со слики од вашата венчавка или гледајте ги сликите од други настани на кои сте биле заедно. Ова ќе ви помогне да ги зачувате или повторно да ги разгорите љубовта и почитта во вашиот брак.
Библиско начело: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33).
a Од книгата Going Solo — The Extraordinary Rise and Surprising Appeal of Living Alone.
b Единствената библиска основа за развод е сексуалниот неморал (Матеј 19:5, 6, 9). Види ја статијата „Дали Библијата дозволува развод?“