Што значи да простиш?
Што вели Библијата:
Грчкиот збор што во Библијата е преведен со „простување“ дословно значи „да се откажеш“ од нешто, на пример од долг. Исус направил ваква врска кога ги поучил своите следбеници да се молат: „Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме на секој наш должник“ (Лука 11:4). И во споредбата за немилосрдниот роб, Исус го поистоветил простувањето со поништување долг (Матеј 18:23-35).
Да простиме некому значи да не држиме лутина и да не бараме да ни ги надомести болката или штетата што ни ги нанел. Библијата учи дека, за да можеме вистински да простиме, неопходно е да имаме несебична љубов, зашто љубовта „не го памти злото“ (1. Коринќаните 13:4, 5).
Простување не е:
Да оправдуваш нечии погрешни постапки. Всушност, Библијата ги осудува оние што тврдат дека лошите постапки се сосема во ред и дека се прифатливи (Исаија 5:20).
Да ги затвораш очите пред погрешните постапки. Бог му простил на цар Давид сериозни гревови, но не го поштедил од последиците. Бог дури се погрижил да бидат запишани гревовите на Давид за да учиме од нив (2. Самоилова 12:9-13).
Да им дозволуваш на другите да те искористуваат. На пример, да речеме дека некому си му позајмил пари. Тој ги потрошил неразумно и не може да ти ги врати во договорениот рок. Многу му е жал и ти се извинува. Можеби ќе одлучиш да му простиш без да се лутиш и постојано да му го спомнуваш долгот, а дури можеби и нема да бараш да ти ги врати парите. Меѓутоа, можеби во иднина никогаш повеќе нема да му позајмиш пари на тој човек (Псалм 37:21; Изреки 14:15; 22:3; Галатите 6:7).
Да простуваш кога нема основа за тоа. Бог не им простува на луѓето кои грешат свесно и злонамерно и кои не си ги признаваат грешките, не сакаат да се сменат и не им се извинуваат на оние што ги повредиле (Изреки 28:13; Дела 26:20; Евреите 10:26). Бидејќи не се каат за своите постапки, Бог ги смета за свои непријатели и не очекува да им простиме затоа што ни тој не им простува (Псалм 139:21, 22).
Што ако некој бездушно постапува со тебе и не сака да ти се извини, па дури и не признава дека постапува така? Библијата ни го дава следниов совет: „Отфрли го гневот и остави ја лутината“ (Псалм 37:8). Тоа не значи да му ги оправдуваш постапките, туку да не дозволиш да те обземе гнев. Имај доверба дека Бог ќе му суди (Евреите 10:30, 31). Може да те теши и мислата дека наскоро тој ќе ги излечи и најдлабоките емоционални рани што сега ни причинуваат болка (Исаија 65:17; Откровение 21:4).
Да простиш нешто што ти си го замислуваш како навреда. Понекогаш, наместо да му простиме на некој што наводно ни згрешил, можеби ќе треба да си признаеме дека воопшто и немало основа да се навредиме. Библијата вели: „Немој брзо да се навредуваш, зашто навредливоста почива во пазувите на безумните“ (Проповедник 7:9).
Што ќе ти помогне да простиш
Не заборавај што значи да простиш. Тоа значи да преминеш преку некоја грешка, а не да ги затвориш очите пред неа или да ја оправдуваш.
Биди свесен колку е корисно да простуваш. Тоа што нема да се гневиш и да држиш лутина може да ти помогне да останеш смирен, да влијае позитивно на твоето здравје и да се чувствуваш поубаво (Изреки 14:30; Матеј 5:9). Што е уште поважно, ако им простуваме на другите, и Бог ќе ни прости нам (Матеј 6:14, 15).
Стави се на местото на другиот. Сите сме несовршени (Јаков 3:2). Исто како што нам ни е убаво кога ни простуваат, така и на другите им е убаво кога ние им простуваме (Матеј 7:12).
Биди разумен. Ако се работи за мала грешка, би можеле да го примениме библискот совет: „Поднесувајте се еден со друг“ (Колошаните 3:13).
Простувај брзо. Прости што е можно побрзо и не дозволувај во тебе да тлеат негативни чувства (Ефешаните 4:26, 27).