Дали христијаните смеат да бараат медицинска помош?
Што вели Библијата:
Да. Исус рекол: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12). Со тоа покажал дека неговите ученици можат да бараат медицинска помош. Иако Библијата не е медицински прирачник, во неа се запишани совети кои можат да им помогнат на оние што сакаат да му угодат на Бог да изберат соодветно лекување.
Прашај се:
1. Колку добро сум запознаен со лекувањето кое ми се нуди? Библијата нѐ советува, наместо слепо ,да веруваме на секој збор‘, да проверуваме дали информациите се точни (Изреки 14:15).
2. Дали треба да побарам мислење и од други медицински лица? Имај на ум дека „успехот лежи во мноштвото советници“ (Изреки 15:22). Ова особено важи ако имаш тешка болест.
3. Дали во лекувањето се вклучени постапки кои ја кршат библиската заповед ,да се воздржуваме од крв‘? (Дела 15:20).
4. Дали во начинот на откривање на болеста и во нејзиното лекување е вклучен спиритизам? Библијата го забранува секој облик на спиритизам, како што е и ,гатањето‘ (Галатите 5:19-21). За да дознаеш дали во лекувањето има спиритизам, размисли за следниве прашања:
Дали оној што ќе те лекува се занимава со спиритизам?
Дали тој што ќе те лекува ти вели дека си ги налутил духовите или, пак, дека некој непријател ти фрлил магија?
Дали во подготовката или во начинот на употреба на лекот се принесуваат жртви, се бае, се користат некои спиритистички предмети или се извршуваат некакви обреди?
5. Дали сум опседнат со моето здравје? Во Библијата пишува: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Тоа што ќе бидеш разумен ќе ти помогне да сфатиш кои се поважните работи во животот, на пример блискиот однос со Бог (Филипјаните 1:10; Матеј 5:3).