Префрли се на текстот

Што учиме од жените спомнати во Библијата?

Што учиме од жените спомнати во Библијата?

Што вели Библијата:

 Во Библијата читаме за многу жени од кои можеме да научиме вредни поуки (Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16, 17). Во оваа статија накратко се опишани само некои од жените кои се спомнати во Библијата. И на многу од нив вреди да се угледаме. Од други, пак, учиме како не треба да постапуваме (1. Коринќаните 10:11; Евреите 6:12).

  Авигеја

 Која била Авигеја? Авигеја му била жена на еден богат, но суров човек по име Навал. Но, таа била разборита и понизна, а била и убава и имала убави особини (1. Самоилова 25:3).

 По што е позната? Авигеја постапила мудро и разборито за да се избегне еден немил настан. Таа и Навал живееле во регионот каде што Давид, идниот цар на Израел, се криел како бегалец. Додека се криеле таму, Давид и неговите луѓе ги штителе стадата на Навал од разбојници. Но, кога Давид испратил гласници кај Навал за да побара храна, Навал дрско го одбил. Давид се разгневил и затоа со своите луѓе тргнал да ги убие Навал и сите машки во неговиот дом (1. Самоилова 25:10-12, 22).

 Кога чула што направил маж ѝ, Авигеја веднаш реагирала. На своите слуги им дала храна за да им ја однесат на Давид и на неговите луѓе, а потоа и самата тргнала да го моли Давид за милост (1. Самоилова 25:14-19, 24-31). Кога видел што сѐ донела, кога ја видел нејзината понизност и го чул нејзиниот мудар совет, Давид сфатил дека Бог ја искористил за да спречи трагедија (1. Самоилова 25:32, 33). Кратко потоа, Навал умрел, а Авигеја му станала жена на Давид (1. Самоилова 25:37-41).

 Што учиме од Авигеја? Иако била убава и богата, Авигеја не сметала дека е нешто посебно. За да го зачува мирот, таа била спремна да се извини за нешто за што немала никаква вина. Во една напната ситуација, таа изреагирала смирено, тактично, смело и промислено.

  Ана

 Која била Ана? Таа му била жена на Елкана и мајка на Самоил, кој подоцна станал познат пророк во древниот Израел (1. Самоилова 1:1, 2, 4-7).

 По што е позната? Бидејќи била неротка, Ана барала помош и утеха од Бог. Маж ѝ имал две жени. Неговата друга жена, Фенина, имала деца. Меѓутоа, и по долги години брак, Ана била неротка. Фенина безмилосно ѝ се подбивала, но Ана барала утеха кај Бог. Таа му се заветувала дека, ако ѝ даде син, ќе му го даде нему, со тоа што ќе го прати да служи во светиот шатор, еден пренослив шатор во кој Израелците го обожавале Бог (1. Самоилова 1:11).

 Бог ѝ ја услишил молитвата, и Ана го родила Самоил. Ана си го одржала ветувањето и го одвела Самоил да служи во светиот шатор уште додека бил детенце (1. Самоилова 1:27, 28). Секоја година, таа му правела туника и му ја носела во светиот шатор. Низ годините, Бог ја благословил Ана со уште пет деца — три сина и две ќерки (1. Самоилова 2:18-21).

 Што учиме од Ана? Тоа што од срце му се молела на Бог, ѝ помогнало да истрае во тешки ситуации. Нејзината благодарна молитва запишана во 1. Самоилова 2:1-10 открива колку длабока вера имала во Бог.

Девора

 Која била Девора? Таа била пророчица која Богот на Израел, Јехова, ја користел за на својот народ да му ја открие својата волја. Бог ја користел и за да им помогне на Израелците да решат некои проблеми меѓу себе (Судиите 4:4, 5).

 По што е позната? Пророчицата Девора смело ги поддржувала Божјите слуги. Според упатствата што ги добила од Бог, таа го повикала Варак за да ја предводи израелската војска против Ханаанците кои сурово ги угнетувале (Судиите 4:6, 7). Кога Варак ја замолил да појде со него, Девора бестрашно го сторила тоа (Судиите 4:8, 9).

 Откако Бог им дал важна победа на Израелците, Девора составила макар еден дел од песната што таа и Варак ја испеале во чест на таа победа. Во таа песна, Девора ја спомнала улога што Јаила, една друга бестрашна жена, ја одиграла во победата над Ханаанците (Судиите, поглавје 5).

   Што учиме од Девора? Девора била самопожртвувана и храбра жена. Таа ги храбрела другите да го прават она што е исправно во Божји очи. И кога правеле така, таа несебично ги пофалувала.

Делила

 Која била Делила? Во Делила се заљубил израелскиот судија Самсон (Судиите 16:4, 5).

 По што е позната? Таа зела пари од филистејските кнезови за да го предаде Самсон кого Бог го користел за да ги избави Израелците од Филистејците. Филистејците не можеле да го совладаат Самсон затоа што тој имал огромна физичка сила која ја добил преку чудо (Судиите 13:5). Затоа кнезовите побарале помош од Делила.

   Филистејците ја поткупиле Делила за да дознае од каде му е силата на Самсон. Делила ги зела парите и, по неколку обиди, успеала да дознае во што е тајната на Самсон (Судиите 16:15-17). Потоа им ја разоткрила таа тајна на Филистејците, кои го заробиле Самсон и го фрлиле во затвор (Судиите 16:18-21).

 Што учиме од Делила? Делила треба да ни служи како предупредување. Водена од алчност, таа постапила нечесно, нелојално и себично со еден слуга на Јехова Бог.

Ева

 Која била Ева? Таа е првото женско суштество и првата жена која е спомната во Библијата.

   По што е позната? Ева била непослушна на една јасна заповед од Бог. Исто како својот сопруг Адам, и Ева била создадена како совршено човечко битие со слободна волја и со способност да покажува Божји особини, како што се љубовта и мудроста (1. Мојсеева 1:27). Ева знаела дека Бог му рекол на Адам дека ако јадат од едно конкретно дрво, ќе умрат. Меѓутоа, служејќи се со измама, Сатана ја убедил дека нема да умре. Всушност, ја убедил дека ќе ѝ биде и подобро ако не го послуша Бог. И така, јадела од плодот, а го навела и својот сопруг да јаде од тој плод (1. Мојсеева 3:1-6; 1. Тимотеј 2:14).

 Што учиме од Ева? Од Ева учиме колку е опасно да размислуваме за погрешни желби. Пркосејќи ѝ на Божјата заповед, таа почнала да копнее по нешто што не ѝ припаѓало (1. Мојсеева 3:6; 1. Јованово 2:16).

Естира

 Која била Естира? Таа била Еврејка која персискиот цар Ахасвер избрал за своја царица.

 По што е позната? Царицата Естира го искористила своето влијание за да спречи геноцид врз нејзиниот народ. Таа дознала дека е издадена одредба според која на конкретен ден сите Евреи што живеат на подрачјето на Персиското Царство требало да бидат убиени. Тој злобен план го смислил еден човек по име Аман, кој бил управител на целото царство (Естира 3:13-15; 4:1, 5). Со помош на својот постар братучед Мардохеј и ризикувајќи го својот живот, Естира ја разоткрила таа сплетка пред својот сопруг, царот Ахасвер (Естира 4:10-16; 7:1-10). Потоа, Ахасвер им дозволил на Естира и Мардохеј да издадат друга одредба, според која Евреите имале право да се бранат. Евреите им нанеле тежок пораз на своите непријатели (Естира 8:5-11; 9:16, 17).

 Што учиме од Естира? Царицата Естира е неверојатен пример за храброст, понизност и скромност (Псалм 31:24; Филипјаните 2:3). Иако била многу убава и на висока положба, таа побарала совет и помош. Со својот сопруг зборувала тактично и со почит, но и смело. И во време кога на Евреите животот им бил во опасност, таа смело кажала дека и самата е Еврејка.

  Жената на Лот

 Која била жената на Лот? Во Библијата не е спомнато нејзиното име, но од неа дознаваме дека имала две ќерки и дека таа и нејзиното семејство живееле во градот Содом (1. Мојсеева 19:1, 15).

 По што е позната? Таа не послушала една конкретна заповед од Бог. Бог решил да ги уништи Содом и околните градови поради големиот сексуален неморал. Од љубов кон праведниот Лот и неговото семејство кои живееле во Содом, Бог испратил двајца ангели да ги изведат на безбедно (1. Мојсеева 18:20; 19:1, 12, 13).

 Ангелите им рекле да бегаат од тој крај и да не се свртуваат наназад, во спротивно ќе умрат (1. Мојсеева 19:17). Но, жената на Лот се свртела и станала „столб од сол“ (1. Мојсеева 19:26).

 Што учиме од жената на Лот? Извештајот за неа истакнува колку е опасно да бидеме толку приврзани за материјалните работи што ќе му бидеме непослушни на Бог. Исус ја навел како пример кој треба да ни служи како предупредување. „Сетете се на Лотовата жена“, рекол тој (Лука 17:32).

  Јаила

 Која била Јаила? Таа му била жена на Хевер, кој не бил Израелец. Јаила бестрашно застанала на страната на Божјиот народ.

 По што е позната? Јаила постапила одлучно кога во нејзиниот шатор дошол Сисара, заповедникот на ханаанската војска. Сисара изгубил во битката против Израел и барал каде да се засолни. Јаила го викнала да се скрие и да се одмори во нејзиниот шатор. И кога тој заспал, таа го убила (Судиите 4:17-21).

 Со тој чин, Јаила исполнила едно пророштво што го кажала Девора: „ Јехова ќе го предаде Сисара во рацете на една жена“ (Судиите 4:9). За она што го направила, луѓето ја величале Јаила велејќи дека е „благословена... повеќе од сите жени“ (Судиите 5:24).

 Што учиме од Јаила? Јаила била храбра жена, спремна да преземе иницијатива. Нејзиното искуство покажува дека Бог може да ги води работите за да ги исполни своите пророштва.

  Језавела

 Која била Језавела? Таа му била жена на израелскиот цар Ахав. Језавела не била Израелка и не го обожавала Јехова. Напротив, таа го обожавала ханаанскиот бог Ваал.

 По што е позната? Царицата Језавела била безмилосен и насилен тиранин. Таа се залагала за обожавањето на Ваал и за сексуалниот неморал кој бил дел од тоа обожавање. Во исто време, се обидувала да го искорени обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова (1. Царевите 18:4, 13; 19:1-3).

 Језавела се служела со лаги и убиства за да ги задоволи своите себични каприци (1. Царевите 21:8-16). Како што Бог и прорекол, таа завршила со насилна смрт, па дури не била удостоена ни со погреб (1. Царевите 21:23; 2. Царевите 9:10, 32-37).

 Што учиме од Језавела? Језавела треба да ни служи како предупредување. Таа била толку расипана и толку бескрупулозна, што нејзиното име станало синоним за бесрамна, неморална и разуздана жена.

Лија

 Која била Лија? Таа му била првата жена на семејниот поглавар Јаков. Нејзината помлада сестра, Рахела, му била втора жена (1. Мојсеева 29:20-29).

   По што е позната? Лија му родила шест сина на Јаков (Рут 4:11). Јаков сакал да се ожени со Рахела, а не со Лија. Меѓутоа, нивниот татко, Лаван, го наместил Јаков да ја земе Лија, наместо Рахела. Кога сфатил дека е изигран, Јаков отишол да се расправа со Лаван, но Лаван рекол дека не е обичај помладата ќерка да се омажи пред постарата. Една седмица подоцна, Јаков се оженил и со Рахела (1. Мојсеева 29:26-28).

 Јаков ја сакал Рахела повеќе отколку Лија (1. Мојсеева 29:30). Поради тоа, Лија била љубоморна и морала да се бори со својата сестра за љубовта и наклоноста на својот сопруг. Бог ги зел предвид нејзините чувства и ја благословил со седум деца — шест сина и една ќерка (1. Мојсеева 29:31).

 Што учиме од Лија? Лија му се молела на Бог и се потпирала на него. И покрај проблемите во семејството, таа била свесна што сѐ прави Бог за неа (1. Мојсеева 29:32-35; 30:20). Извештајот за нејзиниот живот реално ги прикажува недостатоците на полигамијата, која Бог ја толерирал некое време. Божјето мерило за бракот е еден маж и една жена (Матеј 19:4-6).

  •  Нешто повеќе за Лија можеш да прочиташ во статијата „Маките на сестрите кои ’го подигнаа домот на Израел‘“.

  •  Нешто повеќе за тоа зошто Бог толерирал полигамија меѓу својот древен народ можеш да прочиташ во статијата „Дали Бог ја одобрува полигамијата?

Марија (мајката на Исус)

   Која била Марија? Таа била млада Еврејка. Кога го родила Исус, била девица, зашто го зачнала Божјиот Син преку чудо.

 По што е позната? Марија понизно ја вршела Божјата волја. Таа била свршена со Јосиф кога еден ангел ѝ се појавил и ѝ кажал дека ќе забремени и дека ќе го роди долгоочекуваниот Месија (Лука 1:26-33). Марија без колебање ја прифатила таа одговорност. По Исус, Марија и Јосиф имале уште четири сина и најмалку две ќерки. Тоа значи дека Марија не останала девица (Матеј 13:55, 56). Иако добила една уникатна чест, таа никогаш не барала ниту очекувала почести од другите, ни додека Исус бил на Земјата ниту подоцна, како член на првото христијанско собрание.

 Што учиме од Марија? Марија била жена со цврста вера, која без колебање прифатила една сериозна одговорност. Таа многу добро ги познавала светите списи. Според една проценка, таа околу 20 пати цитирала од списите, како што се гледа од нејзините зборови запишани во Лука 1:46-55.

  •  Нешто повеќе за Марија можеш да прочиташ во статијата „Што учиме од Марија“.

Марија (сестрата на Марта и на Лазар)

   Која била Марија? Марија, брат ѝ Лазар и сестра ѝ Марта му биле блиски пријатели на Исус.

 По што е позната? Марија во многу прилики покажала колку го цени Исус како Божји Син. Имала вера дека Исус можел да ја спречи смртта на брат ѝ Лазар, и била таму кога Исус го воскреснал. Сестра ѝ Марта ја критикувала кога Марија избрала да го слуша Исус, а не да ѝ помага околу домашните задачи. Но, Исус ја пофалил Марија затоа што духовните работи ѝ биле поважни (Лука 10:38-42).

 Во една друга прилика, Марија покажала голема великодушност и гостољубивост кон Исус со тоа што му излеала „скапоцено мирисливо масло“ врз главата и нозете (Матеј 26:6, 7). Другите што биле таму ја обвиниле Марија дека се расфрла. Но, Исус ја одбранил и рекол: „Секаде каде што ќе се проповеда оваа добра вест [за Божјето Царство], по целиот свет, ќе се кажува и за тоа што го направи оваа жена, како спомен за неа“ (Матеј 24:14; 26:8-13).

 Што учиме од Марија? Марија имала цврста вера. Обожавањето на Бог ѝ било поважно од секојдневните работи. Таа понизно му искажала чест на Исус, иако тоа ја чинело многу пари.

Марија Магдалена

   Која била Марија Магдалена? Таа била верен ученик на Исус.

 По што е позната? Марија Магдалена била една од неколкуте жени кои патувале со Исус и со неговите ученици. Таа великодушно ги користела своите средства за да го имаат она што им е потребно (Лука 8:1-3). Го следела Исус сѐ до самиот крај на неговата служба, и била во близина кога бил погубен. Имала чест да биде меѓу првите кои го виделе Исус откако воскреснал (Јован 20:11-18).

 Што учиме од Марија? Марија Магдалена великодушно го поддржувала Исус во службата и останала верен ученик.

Маријам

   Која била Маријам? Маријам им била сестра на Мојсеј и на Арон. Таа е првата жена во Библијата која е наречена пророчица.

 По што е позната? Како пророчица, таа имала задача да ги пренесува Божјите пораки. Маријам била почитувана во Израел, и заедно со мажите испеала една победничка песна откако Бог ја уништил египетската војска во Црвеното Море (2. Мојсеева 15:1, 20, 21).

 Подоцна, Маријам и Арон почнале да зборуваат против Мојсеј. По сѐ изгледа, тоа го направиле водени од гордост и љубомора. Бог го слушал тоа, и строго ги укорил Маријам и Арон (4. Мојсеева 12:1-9). Потоа, Бог ја удрил Маријам со лепра, најверојатно затоа што таа ги подбуцнала критиките против Мојсеј. Кога Мојсеј се зазел за неа, Бог ја излекувал. Откако седум дена била во карантин, ѝ било дозволено пак да се врати во израелскиот логор (4. Мојсеева 12:10-15).

 Од библискиот извештај се гледа дека Маријам го прифатила укорот. Векови подоцна, Бог ги потсетил Израелците каква чест имала Маријам. Тој им рекол: „Пред тебе ги испратив Мојсеј, Арон и Маријам“ (Михеј 6:4).

 Што учиме од Маријам? Од извештајот за Маријам гледаме дека Бог обрнува внимание што си кажуваат неговите слуги еден на друг или еден за друг. Учиме и дека, за да го радуваме Бог, мора да се чуваме од гордост и љубомора — особини со кои би можеле да извалкаме нечие добро име.

Марта

   Која била Марта? Таа им била сестра на Лазар и на Марија. Тие тројцата живееле во селото Витанија, во близина на Ерусалим.

 По што е позната? Марта му била блиска пријателка на Исус, а за Исус пишува дека ги сакал Марта и нејзината сестра и Лазар (Јован 11:5). Марта била многу гостољубива. Кога еднаш Исус дошол кај нив, Марија избрала да седи и да го слуша Исус, а Марта била растрчана да ги угости. Марта му се пожалила на Исус дека Марија не ѝ помага. Тогаш Исус љубезно ѝ помогнал на Марта да сфати што е најважно (Лука 10:38-42).

 Кога Лазар се разболел, Марта и сестра ѝ го повикале Исус да дојде кај нив, зашто биле уверени дека Исус може да го излекува брат им (Јован 11:3, 21). Но, Лазар умрел. Од разговорот на Марта со Исус се гледа колкава вера имала во библиското ветување за воскресение и колку била уверена дека Исус може да го врати брат ѝ во живот (Јован 11:20-27).

 Што учиме од Марта? Марта била многу гостољубива и вредна жена. Била спремна да прифати совет. Отворено зборувала за своите чувства и за својата вера.

  •  Нешто повеќе за Марта можеш да прочиташ во статијата „Јас верувам“.

Раав

 Која била Раав? Раав била блудница која живеела во ханаанскиот град Ерихон и која подоцна станала слуга на Јехова Бог.

 По што е позната? Раав ги скрила двајцата Израелци кои биле испратени да ја извидат земјата. Ги скрила затоа што чула како Богот на Израел, Јехова, го избавил својот народ од Египет, а подоцна и од нападот на Аморејците.

   Раав им помогнала на двајцата извидувачи и ги преколнувала да ги поштедат неа и нејзиното семејство кога Израелците ќе дојдат да го уништат Ерихон. Тие се согласиле, но под одредени услови: никому да не кажува за нив, таа и нејзиното семејство да останат во нејзината куќа кога Израелците ќе нападнат и на прозорецот од својата куќа да врзе црвена врвца. Раав направила сѐ како што ѝ кажале, и таа и нејзиното семејство преживеале кога Израелците го освоиле Ерихон.

 Подоцна Раав се омажила за еден Израелец и им станала предок и на цар Давид и на Исус Христос (Исус Навин 2:1-24; 6:25; Матеј 1:5, 6, 16).

 Што учиме од Раав? Во Библијата Раав се спомнува како жена со огромна вера (Евреите 11:30, 31; Јаков 2:25). Извештајот за неа покажува дека Бог е спремен да прости, дека е непристрасен и дека ги благословува оние што имаат доверба во него, без разлика на нивното минато.

Рахела

 Која била Рахела? Таа му била ќерка на Лаван и саканата жена на Јаков.

 По што е позната? Рахела се омажила со Јаков и му родила два сина, кои подоцна биле меѓу семејните поглавари 12-те племиња на древниот Израел. Рахела го запознала својот иден сопруг додека се грижела за овците на татко ѝ (1. Мојсеева 29:9, 10). За разлика од сестра ѝ Лија, Рахела имала „убава става и убаво лице“ (1. Мојсеева 29:17).

   Јаков се заљубил во Рахела и се нафатил да работи седум години за да може да се ожени со неа (1. Мојсеева 29:18). Меѓутоа, Лаван го измамил Јаков прво да се ожени со Лија, а потоа му дозволил да се ожени и со Рахела (1. Мојсеева 29:25-27).

 Јаков ги сакал Рахела и нејзините два сина повеќе отколку што ги сакал Лија и децата што ги имал со неа (1. Мојсеева 37:3; 44:20, 27-29). Тоа довело до големо соперништво меѓу двете сестри (1. Мојсеева 29:30; 30:1, 15).

 Што учиме од Рахела? Иако ситуацијата дома ѝ била тешка, Рахела истрајала и не изгубила надеж дека Бог ќе ги чуе нејзините молитви (1. Мојсеева 30:22-24). Извештајот за неа покажува какви проблеми носи полигамијата во семејствата. Искуството на Рахела потврдува колку е мудро Божјето првобитно мерило за бракот — еден маж и една жена (Матеј 19:4-6).

  •  Нешто повеќе за Рахела можеш да прочиташ во статијата „Маките на сестрите ’кои го подигнаа домот на Израел‘“.

  •  Нешто повеќе во врска со тоа зошто Бог толерирал полигамија меѓу својот древен народ можеш да прочиташ во статијата „Дали Бог ја одобрува полигамијата?

Ревека

   Која била Ревека? Таа му била жена на Исак и мајка на нивните близнаци Јаков и Исав.

 По што е позната? Ревека ја вршела Божјата волја, дури и кога тоа не било лесно. Еднаш, кога отишла да наполни вода од бунарот, еден човек ја замолил да му даде да се напие малку вода. Ревека не само што му дала вода нему туку се понудила да нацрпи вода и за неговите камили (1. Мојсеева 24:15-20). Тој човек му бил слуга на Авраам, и пропатувал долг пат за да му најде жена на Исак, синот на Авраам (1. Мојсеева 24:2-4). Тој исто така го молел Бог да му помогне во таа задача. Кога видел колку е вредна и колку е гостољубива Ревека, сфатил дека Бог му одговорил на молитвата, му покажал дека неа ја избрал да му биде жена на Исак (1. Мојсеева 24:10-14, 21, 27).

 Кога разбрала зошто дошол слугата на Авраам, Ревека се согласила да оди со него и да му стане жена на Исак (1. Мојсеева 24:57-59). Подоцна Ревека родила двајца близнаци. Бог ѝ открил дека постариот, Исав, ќе му служи на помладиот, Јаков (1. Мојсеева 25:23). Кога Исак сакал да му го даде на Исав благословот што му припаѓал на првородениот син, Ревека презела чекори тој благослов да го добие Јаков, во склад со Божјата волја (1. Мојсеева 27:1-17).

 Што учиме од Ревека? Ревека била скромна, вредна и гостољубива жена — особини поради кои била добра сопруга, мајка и слуга на вистинскиот Бог.

Рут

 Која била Рут? Таа била Моавка која ги оставила зад себе своите богови и својата родна земја за да оди во Израел и да му стане слуга на Јехова.

   По што е позната? Рут покажала несекојдневна љубов кон својата свекрва Ноемина. Ноемина, заедно со својот сопруг и нивните двајца синови, се преселила во Моав зашто во Израел имало голем глад. Таму нејзините синови се ожениле со Моавки — Рут и Орфа. Но подоцна, мажот на Ноемина и нејзините двајца синови починале, оставајќи зад себе три вдовици.

 Ноемина решила да се врати во Израел бидејќи таму сушата веќе завршила. И Рут и Орфа решиле да појдат со неа. Но, Ноемина им рекла да се вратат кај своите семејства. И Орфа го направила тоа (Рут 1:1-6, 15). Меѓутоа, Рут лојално останала покрај својата свекрва. Таа ја сакала Ноемина и сакала да му служи на Јехова, Богот на Ноемина (Рут 1:16, 17; 2:11).

 Кога се расчуло колку лојална снаа е, и колку вреден работник е, Рут си стекнала добро име во Витлеем, родниот град на Ноемина. Таа му оставила силен впечаток на еден богат земјопоседник по име Вооз, и тој великодушно се грижел таа и Ноемина да имаат храна (Рут 2:5-7, 20). Рут подоцна се омажила за Вооз и им станала предок и на цар Давид и на Исус Христос (Матеј 1:5, 6, 16).

 Што учиме од Рут? Од љубов кон Ноемина и кон Јехова, Рут била спремна да ги остави домот и семејството. Таа била вредна, верна и лојална жена, дури и кога доживувала неволји.

Сара

   Која била Сара? Таа му била жена на Авраам и мајка на Исак.

 По што е позната? Сара го оставила својот удобен живот во богатиот град Ур затоа што имала вера во ветувањата што му Бог ги дал на нејзиниот маж Авраам. Бог му рекол на Авраам да замине од Ур и да оди во ханаанската земја. Му ветил дека ќе го благослови и дека од него ќе направи голем народ (1. Мојсеева 12:1-5). Можно е во тоа време Сара да имала веќе над 60 години. Оттогаш, таа и нејзиниот маж воделе номадски живот во шатори.

 Иако таквиот живот носел со себе и опасности, Сара го поддржувала Авраам додека тој го следел водството од Бог (1. Мојсеева 12:10, 15). Долги години Сара немала деца, и многу ѝ било тешко поради тоа. Но, Бог му ветил на Авраам дека ќе го благослови со потомство (1. Мојсеева 12:7; 13:15; 15:18; 16:1, 2, 15). Подоцна, Бог потврдил дека Сара ќе му роди дете на Авраам. И го родила на возраст кога жените веќе не раѓаат. Таа имала 90, а маж ѝ 100 години (1. Мојсеева 17:17; 21:2-5). На детето му дале име Исак.

 Што учиме од Сара? Од Сара учиме дека секогаш можеме да имаме доверба дека Бог ќе си ги исполни ветувањата, дури и кога тоа се чини невозможно! (Евреите 11:11). А таа е одличен пример и за тоа колку е важно да се покажува почит во бракот (1. Петрово 3:5, 6).

Суламката

 Која била Суламката? Таа била убава девојка од село и е главниот лик во библиската книга Песна над песните. Во Библијата не ни е откриено нејзиното име.

 По што е позната? Суламката му останала верна на пастирот што го сакала (Песна над песните 2:16). Меѓутоа, со својата убавина го привлекла вниманието на богатиот цар Соломон, кој се обидел да ја освои (Песна над песните 7:6). Другите ја терале да го избере Соломон, но таа одбила. Таа го сакала скромниот и сиромашен пастир и му останала верна (Песна над песните 3:5; 7:10; 8:6).

 Што учиме од Суламката? И покрај нејзината убавина и вниманието што го добивала, таа останала скромна. Не дозволила врз нејзиниот избор да влијаат другите или богатството и престижот. Таа не се водела според емоциите и останала морално чиста.

 Кога живееле

  1.  Ева

  2. Потопот (2370 пр.н.е.)

  3.  Сара

  4.  Жената на Лот

  5.  Ревека

  6.  Лија

  7.  Рахела

  8. Излегувањето од Египет (1513 пр.н.е.)

  9.  Маријам

  10.  Раав

  11.  Рут

  12.  Девора

  13.  Јаила

  14.  Делила

  15.  Ана

  16. Првиот цар на Израел (1117 пр.н.е.)

  17.  Авигеја

  18.  Суламката

  19.  Језавела

  20.  Естира

  21.  Марија (мајката на Исус)

  22. Крштавањето на Исус (29 од н.е.)

  23.  Марта

  24.  Марија (сестрата на Марта и на Лазар)

  25.  Марија Магдалена

  26. Смртта на Исус (33 од н.е.)