Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Петар бил првиот папа?

Дали Петар бил првиот папа?

„Кардиналот Хорхе Марио Берголјо, кој е избран за Врховен свештеник, е 265-тиот наследник на Петар“ (ВАТИКАНСКА ИНФОРМАТИВНА СЛУЖБА, ВАТИКАН, 13 МАРТ 2013).

„Бискупот на Рим има највисока положба во Католичката црква бидејќи тој е наследник на Свети Петар, кој добил таква положба од Исус Христос“ (THE PRIMACY OF THE BISHOP OF ROME DURING THE FIRST THREE CENTURIES, 1903, книга од ВИНСЕНТ ЕРМОНИ).

„Ако некој рече... дека Папата не е наследник на положбата на благословениот Петар, нека биде проклет [односно нека биде прогласен за еретик]“ (ПРВИОТ ВАТИКАНСКИ КОНЦИЛ, 18 ЈУЛИ 1870).

ЗА МИЛИОНИ католици низ светот, декретот донесен на Првиот Ватикански концил во 1870 год. е догма на црквата, односно учење кое верниците треба да го прифатат како апсолутна вистина. Сепак, се поставуваат прашањата: Дали ова учење се темели на Библијата? Дали папата Франциск навистина е наследник на апостол Петар? И, дали Петар бил првиот папа?

„НА ОВАА КАРПА ЌЕ ГО ИЗГРАДАМ СВОЕТО СОБРАНИЕ“

Декретот донесен во 1870 год. на Ватиканскиот концил се темелел главно на толкувањето на зборовите запишани во Матеј 16:16-19 и Јован 21:15-17. Разговорите меѓу Исус и Петар што се запишани во овие стихови, како и други библиски извештаи, покажуваат дека апостол Петар имал важна улога во почетоците на христијанството. Всушност, кога за прв пат го сретнал Петар, Исус претскажал дека Петар ќе биде цврст како карпа (Јован 1:42). Но, дали Исус го поставил Петар над другите апостоли?

Во извештајот од Матеј 16:17, 18, Исус му рекол на Петар: „Тебе ти велам: ти си Петар [чие име значи „карпа“]. На оваа карпа ќе го изградам своето собрание“. Дали со ова Исус сакал да каже дека собранието ќе го изгради врз човек, односно врз Петар? Дали Петар требало да биде глава на сите следбеници на Исус? Како другите апостоли кои го слушале овој разговор ги разбрале зборовите на Исус? Евангелијата ни откриваат дека во неколку ситуации по овој разговор, апостолите се расправале кој од нив е најголем (Матеј 20:20-27; Марко 9:33-35; Лука 22:24-26). Ако Исус веќе го поставил Петар на највисока положба, зошто апостолите би се расправале за тоа?

Како Петар ги сфатил зборовите на Исус? Бидејќи пораснал како Израелец, Петар ги знаел пророштвата за ‚каменот‘ или за ‚аголниот камен‘ кои биле запишани во Хебрејските списи (Исаија 8:13, 14; 28:16; Захарија 3:9). Кога во едно од своите писма цитирал едно такво пророштво, Петар објаснил дека проречениот „аголен камен“ бил Господарот Исус Христос, Месијата. Тој го употребил грчкиот збор петра (истиот збор од изјавата на Исус запишана во Матеј 16:18) само за Христос (1. Петрово 2:4-8).

И апостол Павле бил верен следбеник на Исус. Дали Павле верувал дека Исус го поставил Петар над сите други апостоли? Во врска со положбата што ја имал Петар во христијанското собрание, Павле напишал дека тој бил меѓу оние што биле „сметани за столбови“. Значи, за Павле, во собранието имало повеќе од еден ‚столб‘ (Галатите 2:9).

Во една прилика, кога Петар на несоодветен начин се однесувал со другите, Павле со почит, но отворено го прекорил. Во врска со тоа, Павле напишал: „Му се спротивставив в лице, бидејќи заслужи осуда“ (Галатите 2:11-14). Апостол Павле не сметал дека Христос го изградил собранието врз Петар или врз кој и да било друг несовршен човек. Наместо тоа, тој бил уверен дека темелот врз кој е изградено собранието е Исус Христос. Павле сметал дека ‚карпата го претставувала Христос‘ (1. Коринќаните 3:9-11; 10:4).

„ТИ СИ ПЕТАР“

Тогаш, како треба да ги разбереме зборовите: „Ти си Петар. На оваа карпа ќе го изградам своето собрание“? За исправно да ја разбереме оваа изјава, треба да го земеме предвид контекстот во кој била кажана. За што зборувале Исус и Петар во таа прилика? Кратко пред тоа, Исус ги прашал своите ученици: „Што велите вие, кој сум јас?“ Без двоумење, Петар одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“. Поради тоа, Исус го пофалил Петар и едноставно кажал дека ќе го изгради „своето собрание“ на уште поцврста „карпа“ — оној во кого Петар штотуку покажал вера — самиот Исус (Матеј 16:15-18).

Како треба да ги разбереме зборовите на Исус: „Ти си Петар. На оваа карпа ќе го изградам своето собрание“?

Имајќи го ова на ум, многу „Црковни отци“ пишувале дека Христос е карпата за која се зборува во Матеј 16:18. На пример, Августин во петтиот век напишал: „Господарот рекол: ‚На оваа карпа ќе го изградам моето собрание‘, затоа што Петар му рекол нему: ‚Ти си Христос, Синот на живиот Бог‘. Значи Господарот всушност рекол дека ќе го изгради своето собрание врз карпата во која Петар покажал вера“. Августин честопати изјавувал дека „карпата (петра) бил Христос“.

Ако на Августин и на некои други луѓе им се суди според декретот донесен на Ватиканскиот концил во 1870 год., кој важи до ден-денес, тие би биле прогласени за еретици. Всушност, според швајцарскиот теолог Улрих Луз, мислењето на повеќето библиски изучувачи денес во врска со оваа тема исто така би било осудено како ерес.

ДАЛИ ПАПАТА Е НАСЛЕДНИК НА ПЕТАР?

Титулата „папа“ воопшто не му била позната на апостол Петар. Всушност, до деветтиот век многу бискупи кои не биле Римјани се нарекувале себеси со оваа титула. И покрај тоа, овој назив не се користел како официјална титула сѐ до крајот на 11 век. Освен тоа, ниту еден од првите христијани не мислел дека Петар бил поставен над другите и дека неговата положба требало да ја наследи некој друг. Затоа, германскиот изучувач Мартин Хенгел дошол до заклучок дека „нема очигледни историски или теолошки докази“ дека папството е поврзано со Петар.

Значи, дали Петар бил првиот папа? Дали има наследници на неговата положба? Дали католичкото учење во врска со папата е во склад со Светото писмо? Единствениот точен одговор на овие прашања е ‚не‘. Сепак, факт е дека Исус го изградил своето вистинско собрание врз себе (Ефешаните 2:20). Затоа, важно е секој од нас да се праша: ‚Го најдов ли вистинското собрание на Исус?‘