БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ
Дознав дека Јехова е милостив и дека простува
-
РОДЕН: 1954
-
ЗЕМЈА: КАНАДА
-
НЕКОГАШ: ГИ МАМЕЛ ЛУЃЕТО И СЕ КОЦКАЛ
МОЕТО МИНАТО
Пораснав во една сиромашна населба во градот Монтреал. Татко ми почина кога имав само шест месеци и целиот товар околу грижата за домот падна врз плеќите на мајка ми. Јас бев најмал од сите осум деца.
Уште како дете почнав да се дрогирам, да се коцкам, станав насилен и се дружев со криминалци. Кога имав десет години, им завршував различни работи на некои лихвари и проститутки. Често лажев, мамев и уживав да манипулирам со луѓето. Тоа ми стана зависност.
Уште на 14 години, смислував најразлични начини за да ги измамам луѓето. На пример, купував големи количини позлатени часовници, белегзии и прстени, им втиснував жиг за 14-каратно злато, и ги продавав на улица или на паркиралиштата од трговските центри. Бев изненаден што на толку лесен начин можев да дојдам до пари. Еден период заработував по 10.000 долари дневно!
Кога имав 15 години ме избркаа од поправниот дом. Бидејќи немав каде да живеам, спиев на улица, во парк или кај некои луѓе кои ќе ме примеа во својот дом.
Поради тоа што бев познат како измамник, полицијата често ме испрашуваше. Никогаш не лежев во затвор затоа што не продавав украдена роба. Сепак, плаќав високи казни за измама, лажно претставување и продавање без дозвола. Бидејќи не се плашев од никого, дури собирав пари за лихварите. Тоа беше многу опасно и затоа понекогаш носев пиштол со себе. Неколкупати учествував и во организиран криминал.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Првпат дознав нешто за Библијата на 17 години. Во тој период живеев со мојата девојка која почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Не ми се допаѓаа библиските ограничувања во поглед на моралот, и затоа ѝ раскинав и се преселив кај една друга девојка со која истовремено бев во врска.
Меѓутоа, по некое време и таа почна да ја проучува Библијата со Сведоците. Тоа беше пресвртница за мене! Мојата девојка почна да прави промени во животот. Бев воодушевен кога гледав дека стануваше пољубезна и пострплива. Ја прифатив поканата да одам на состанок во Салата на Јеховините сведоци. Таму ме пречекаа луѓе кои беа чесни и љубезни. Колку голема разлика имаше меѓу нив и луѓето што ги познавав! Додека растев, членовите на моето семејство не покажуваа љубов и грижа кон мене. Поради тоа се чувствував отфрлено. Љубовта што ми ја покажаа Јеховините сведоци беше токму тоа што ми недостигаше. Со задоволство прифатив да ја проучувам Библијата со нив.
Она што го учев од Библијата ми го спаси животот. Планирав грабеж со уште двајца соучесници бидејќи сакав да го вратам коцкарскиот долг од 50.000 долари. Сега ми е многу мило што навреме се повлеков. Другите двајца сепак го извршија грабежот. Едниот беше приведен, а другиот беше убиен.
Додека ја проучував Библијата, ми стануваше сѐ појасно колку многу промени треба да направам. На пример, дознав дека во 1. Коринќаните 6:10 пишува: „Ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние што зборуваат погрдно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“. Во тој момент се расплакав зашто сфатив во колку сериозна ситуација се наоѓам. Требаше да се сменам од корен (Римјаните 12:2). Бев насилен и агресивен, и сѐ во мојот живот се вртеше околу измами и лаги.
Сепак, од Библијата дознав дека Јехова е милостив и дека простува (Исаија 1:18). Сесрдно го молев да ми помогне да прекинам со старите навики. Со негова помош, постепено почнав да се менувам. Една важна промена беше тоа што јас и мојата девојка си ја озаконивме врската.
Денес сум жив благодарение на тоа што ги применував библиските начела
На 24 години веќе бев оженет и имав три деца. Остануваше уште да си најдам чесна работа. Не бев многу образован, а немав ни некакви препораки. Повторно, сесрдно му се молев на Јехова. Потоа отидов да барам работа. Им кажував на работодавците дека сакам да си го сменам животот и да работам чесно. На некои им објаснував дека ја проучувам Библијата и дека сакам да станам подобар граѓанин. Многу од нив не сакаа да ме вработат. Но на крај, откако отворено зборував за моето проблематично минато во едно друго интервју, работодавецот ми рече: „Не знам зошто, ама нешто ми кажува дека треба да те вработам“. Бев сигурен дека тоа беше одговор на моите молитви. По некое време, жена ми и јас се крстивме како Јеховини сведоци.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Денес сум жив благодарение на тоа што ги применував библиските начела. Имам прекрасно семејство. Уверен сум дека Јехова ми прости за моето минато и затоа имам чиста совест.
Веќе 14 години одвојувам 70 часови секој месец за да им помагам на луѓето да дознаат што учи Библијата, а од неодамна тоа го прави и жена ми. Радосен сум што можев во изминативе 30 години да им помогнам на 22 колеги да почнат да му служат на Јехова. Сѐ уште одам во трговски центри, но не за да ги мамам луѓето како порано, туку за да им пренесам една добра вест — дека наскоро ќе имаме можност да живееме во свет во кој ќе нема измама (Псалм 37:10, 11).