Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ

„Гледај, правам сѐ ново!“

„Гледај, правам сѐ ново!“

Дали сакаш ти и твоето семејство да имате добро здравје и долг живот? Дали копнееш по свет без болка, страдања и смрт? Ова не е само плод на нечија фантазија. Наскоро овој свет навистина ќе биде заменет со еден праведен нов свет. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? Затоа што така решил Јехова Бог. Да прочитаме со кои зборови во Библијата е опишано како ќе се исполни неговата намера. (Прочитај Откровение 21:3-5.)

Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи“ (Откровение 21:4). За какви солзи станува збор? Се разбира, Бог нема да ни ги избрише солзите радосници ниту, пак, солзите кои ни ги штитат очите. Божјето ветување се однесува на солзите што ги лееме кога страдаме или кога сме тажни. Јехова не само што ќе ги избрише таквите солзи туку и ќе ги отстрани страдањата и тагата — самата причина за солзите.

Смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Зар смртта не е виновна за безброј горки солзи? Сепак, Јехова ќе ги ослободи верните луѓе од прангите на овој страшен непријател. Како? Со тоа што ќе ја отстрани вистинската причина за смртта — гревот што сме го наследиле од Адам (Римјаните 5:12). На темел на Исусовата откупна жртва, Јехова ќе ги доведе до совршенство сите послушни луѓе. * Потоа, „како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26). Верните луѓе ќе живеат вечно и ќе имаат совршено здравје, токму како што била Божјата намера.

Нема да има веќе... болка“ (Откровение 21:4). Каква болка нема да постои? Ниту душевна, ниту емоционална, ниту телесна болка. Ќе исчезнат сите последици од гревот и смртта, кои им го загорчуваат животот на милиони луѓе.

Наскоро животот ќе биде без солзи, смрт и болка. ‚Но, каде ќе биде тоа?‘, можеби ќе прашаш. ‚Дали ќе биде на небото?‘ Не. Зошто можеме да го кажеме тоа? Прво, ветувањето започнува со зборовите: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето“, а луѓето живеат на Земјата (Откровение 21:3). Второ, во ова ветување се спомнува свет во кој „смрт нема да има веќе“, што значи дека се работи за свет во кој смртта некогаш постоела. На небото никогаш немало смрт. Но, смртта долго време постои на Земјата. Според тоа, Божјето ветување дека ќе имаме подобар живот ќе се исполни токму овде, на Земјата.

Бог ќе им стави крај на страдањата и на тагата, кои предизвикале да потечат реки солзи

Јехова сака да имаме доверба дека ќе го исполни своето ветување за еден праведен нов свет. Веднаш откако кажал колку убав живот нѐ очекува, тој дал гаранција дека неговото ветување ќе се исполни, велејќи: „Гледај, правам сѐ ново!“ Потоа додал: „Овие зборови се вистинити и верни!“ (Откровение 21:5). Дознај како ти и твоите најблиски можете да го дочекате времето кога ќе се исполни ова прекрасно ветување што го дал Бог.

^ Нешто повеќе за Христовата откупна жртва можеш да прочиташ во поглавје 5 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.