Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЧИТАТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ...

Зошто некои личности во Библијата не се спомнати по име?

Зошто некои личности во Библијата не се спомнати по име?

Во библиската книга за Рут, еден човек кој одбил да си ја изврши должноста што му ја налагал Мојсеевиот закон е наречен „тој и тој“ (Рут 4:1-12, фуснота). Дали тоа значи дека имињата на некои личности во Библијата намерно не се спомнуваат затоа што имале лоши особини или не биле важни луѓе?

Не. Да наведеме еден друг пример. За да ја прослави пасхалната вечер за последен пат, Исус им рекол на своите ученици ‚да појдат во градот кај тој и тој човек‘ и да подготват во неговата куќа сѐ што требало (Матеј 26:18). Дали човекот кој Исус го нарекол „тој и тој“ бил лош или премногу безначаен за да му се спомне името? Воопшто не. Без сомнение, тој бил ученик на Исус. Но, неговото име е изоставено од извештајот поради тоа што не е важна информација.

Освен тоа, во Библијата се запишани имињата на многу злобни личности, додека на многу верни луѓе не им се спомнуваат имињата. На пример, добро го знаеме името на првата жена, Ева. Сепак, таа постапила себично и непослушно. Потоа го навела и Адам да направи грев. Тоа ни донело горки последици на сите (Римјаните 5:12). За разлика од неа, во Библијата не се спомнува името на жената на Ное, иако покажала огромна самопожртвуваност и послушност кога му помагала на својот маж да ја направи арката. Јасно е дека тоа што нејзиното име не е кажано не значи дека била неважна во Јеховини очи.

Во Библијата читаме и за други личности кои имале важна улога во исполнувањето на Јеховината намера, но не се спомнати по име. Еден таков пример е малата Израелка која била слугинка во куќата на сирискиот војсководец Нааман. Таа храбро ѝ кажала на својата господарка, жената на Нааман, за еден Јеховин пророк во Израел. Тоа водело до големо чудо (2. Царевите 5:1-14). И ќерката на израелскиот судија Јефтај оставила прекрасен пример со својата вера. Таа спремно се откажала од можноста да стапи во брак и да има деца за да го исполни заветот што го дал нејзиниот татко (Судиите 11:30-40). Исто така, не се запишани имињата на околу 40 писатели на псалмите, како и имињата на некои верни пророци кои извршиле важни задачи (1. Царевите 20:37-43).

Можеби уште повпечатлив е примерот на верните ангели. Постојат стотици милиони ангели, но во Библијата се запишани имињата на само двајца — Гавриел и Михаел (Даниел 7:10; Лука 1:19; Јуда 9). Останатите воопшто не се спомнуваат по име. На пример, татко му на Самсон, Маној, прашал еден ангел: „Како ти е името? Сакаме да ти укажеме чест кога ќе се исполнат твоите зборови“. Што му одговорил ангелот? „Зошто прашуваш за моето име?“ Тој ангел скромно одбил да ја прими честа што му припаѓала само на Бог (Судиите 13:17, 18).

Библијата не објаснува зошто некои личности се спомнати по име, а други не. Но, можеме многу да научиме од сите оние кои верно му служеле на Бог без да бараат слава или углед за себе.