Како влијае врз моралот?
„На факултет многу студенти велеа дека се побожни“, кажува Силвија, која работи како медицинско лице. „И покрај тоа, препишуваа на испити и користеа дрога. Религијата немаше никакво влијание врз нивниот живот.“
Лајонел вели: „Моите колеги лажат дека се болни и си земаат боледување иако се здрави. Тие имаат религија, но таа нема никакво влијание врз нивниот живот. Тоа е исто како да имаат мебел кој им служи само за украс“.
Религијата нема некое големо влијание врз животот на повеќето луѓе. Многумина денес на изглед се богобојазливи, но не живеат богобојазливо (2. Тимотеј 3:5). Верските водачи не им оставиле добар пример ниту, пак, ги поучиле што вели Библијата во врска со моралот. Затоа, не е ништо чудно што многу луѓе мислат дека Бог не е заинтересиран за тоа како живеат.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА?
Библијата покажува дека Бог има чувства и дека многу му е важно како постапуваме. Во минатото, кога Израелците се бунтувале, му нанесувале болка на Бог (Псалм 78:40). Но, кога еден човек ќе се промени на подобро, на небото има голема радост (Лука 15:7). Кога некој ќе ги запознае прекрасните особини на нашиот небесен Татко, неговата љубов кон Бог ќе порасне и ќе го мотивира да го сака она што Бог го сака и да го мрази она што Бог го мрази (Амос 5:15).
КАКОВ Е МОРАЛОТ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ?
Јеховините сведоци „се трудат да имаат подобри семејни односи, да бидат корисни членови на општеството и чесни граѓани“, пишува во еден весник од САД (Deseret News). Во истиот весник понатаму стои: „Нивните членови имаат висок морал. Тие сметаат дека пушењето, опивањето, користењето дрога, коцкањето, неморалот и хомосексуалноста се постапки кои ги оддалечуваат од Бог“.
Дали верските водачи им помагаат на верниците да живеат според Божјите морални мерила?
Како им помага на Јеховините сведоци тоа што го запознале Бог? „Измамата и корупцијата се вообичаени во медицинските кругови“, вели Силвија. „Лесно е и јас да се поведам по другите. Но, тоа што сум свесна какво мислење има Јехова * за таа работа ми помага да постапувам исправно. Многу сум среќна и имам душевен мир.“ Силвија е уверена дека води подобар живот затоа што ги следи своите верски убедувања.
^ пас. 9 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.