Дали сте знаеле?
Има ли докази дека христијаните избегале од Јудеја пред да биде уништен Ерусалим во 70 год. од н.е.?
„Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување! Тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат!“ (Лука 21:20, 21). Исус им го дал ова упатство на своите ученици во врска со уништувањето што требало да го снајде Ерусалим. Постојат ли докази дека учениците го послушале предупредувањето на Исус?
Неколку децении по смртта на Исус, римската војска на чело со Цестиј Гал навлегла во Палестина за да ја задуши побуната. Овој напад бил потврден и од еврејскиот историчар Јосиф, кој живеел во тоа време. Римските трупи го опкружиле Ерусалим и изгледало дека сигурно ќе го заземат. Одеднаш, Гал наредил војската да се повлече. Според црковниот историчар Евзебиј, христијаните во Јудеја ја искористиле таа можност за да избегаат во Пела, град во еден планински предел на Декаполис.
По неколку години, во 70 год. од н.е., друга римска војска под водство на генерал Тит се вратила и повторно го опколила главниот град на Евреите. Овојпат војниците го довршиле она што не го довршил Гал и целосно го опустошиле градот. Стотици илјади луѓе биле фатени во стапица во Ерусалим и ги изгубиле своите животи.
Кои биле „пророчките синови“?
Во библиските извештаи за пророците Самоил, Илија и Елисеј се спомнуваат мажи кои биле наречени ‚пророчки синови‘. На пример, кога Елисеј рекол дека Јуј ќе биде цар на Израел, испратил „еден од пророчките синови“ за да го помаза (2. Царевите 9:1-4).
Изучувачите сметаат дека овој израз не се однесува на дословни потомци на пророците, туку на школа за добивање обука или на група луѓе кои живееле и работеле заедно. Според списанието Journal of Biblical Literature, членовите на овие групи веројатно биле „посветени на службата за Јахве [Јехова] под водството на некој пророк кој бил... нивни духовен татко“ (2. Царевите 2:12). Всушност, во извештајот за помазувањето на Јуј се спомнува дека Елисеј го испратил „слугата на пророкот“ (2. Царевите 9:4).
Изгледа дека „пророчките синови“ воделе едноставен живот. За една таква група во времето на Елисеј се вели дека почнала да гради свое сопствено живеалиште и користела позајмена секира (2. Царевите 6:1-5). Некои пророчки синови биле женети. Тоа се гледа оттаму што во Библијата се спомнува вдовицата на „еден од пророчките синови“ (2. Царевите 4:1). Очигледно верните Израелци ги ценеле пророчките синови и во еден случај за кој пишува во Библијата ги снабдиле со храна (2. Царевите 4:38, 42).