Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Како гледале на обичниот народ еврејските верски водачи во времето на Исус?
▪ Во првиот век од н.е., влијателните луѓе и верските водачи во Израел ги презирале оние кои имале мало или немале никакво образование. Фарисеите велеле: „Овој народ, кој не го познава Законот, е проклет“ (Јован 7:49).
Други извори освен Библијата покажуваат дека оние што биле повластени презриво го нарекувале обичниот народ ам хаарец, или „народот од земјата“. Во почетокот, овој збор се користел со почит за жителите на некое место. Тој не се однесувал само на сиромашните и бедни луѓе туку и на истакнатите и угледни личности (1. Мојсеева 23:7, фуснота; 2. Царевите 23:35; Езекиел 22:29).
Меѓутоа, во времето на Исус, овој термин почнал да се користи со потценување за луѓето кои не го познавале Мојсеевиот закон или не ги држеле рабинските традиции во најситни детали. Мишната (збирка коментари кои станале основа за Талмудот) опоменува да не се престојува кај некој што е ам хаарец. Според една енциклопедија, изучувачот Раби Меир од вториот век рекол: „Кога некој човек ќе ја омажи својата ќерка за ам хаарец, тоа е исто како да ја врзал пред лав кој ја зграпчува својата жртва пред да ја растргне“ (The Encyclopedia of Talmudic Sages). Во Талмудот е цитиран уште еден рабин кој рекол дека „неуките луѓе нема да воскреснат“.
Кое е значењето на терминот цезар што се користи во Библијата?
▪ Цезар било името на римската фамилија на Гај Јулиј Цезар, кој станал диктатор на Рим во 46 год. од н.е. Уште неколку римски императори по него го прифатиле семејното име Цезар, вклучувајќи ги и тројцата владетели што во Библијата се спомнуваат по име — Август, Тибериј и Клавдиј (Лука 2:1; 3:1; Дела 11:28).
Во 14 год. од н.е., Тибериј станал император и владеел во времето кога Исус ја извршувал својата служба на Земјата. Значи, тој бил на чело на империјата кога Исус, за да одговори на едно прашање во врска со плаќањето даноци, рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Марко 12:17). Очигледно, Исус не мислел само на Тибериј, туку со зборот „цезар“ мислел на власта, односно на државата.
Некаде во 58 год. од н.е., кога сфатил дека судењето против него ќе биде неправедно, апостол Павле го искористил своето право како римски граѓанин да се жали пред цезарот (Дела 25:8-11). Со тоа не побарал да го суди самиот Нерон, кој бил император во тоа време, туку највисокиот суд во Римското царство.
Семејното име Цезар станало толку тесно поврзано со владеењето што дури и по завршувањето на таа династија, зборот цезар продолжил да се користи како титула на владетелот.
[Слика на страница 29]
Сребрен денариј со ликот на Тибериј