Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали вечниот живот во рајот ќе биде досаден?

Дали вечниот живот во рајот ќе биде досаден?

Читателите прашуваат...

Дали вечниот живот во рајот ќе биде досаден?

▪ Библијата ни дава надеж дека еден ден ќе можеме да живееме во рај на Земјата (Псалм 37:29; Лука 23:43). Дали ќе ни биде досадно да живееме во такви совршени услови?

Тоа е прашање кое заслужува одговор. Истражувачите откриле дека, ако на некој човек му е досадно подолго време, може да почне премногу да се грижи, да стане потиштен и да се изложува на непотребни ризици. На оние што немаат смисла во животот или, пак, им е преку глава од секојдневната рутина, може да им стане досадно. Но, дали животот во рајот ќе нема никаква смисла? Дали секој ден ќе биде едноличен?

Прво, имај на ум дека вечниот живот ќе ни го овозможи Јехова Бог, авторот на Библијата (Јован 3:16; 2. Тимотеј 3:16). Неговата главна особина е љубовта (1. Јованово 4:8). Јехова нѐ сака толку многу што ни ги дал сите убави работи во кои уживаме (Јаков 1:17).

Нашиот Творец знае дека, за да бидеме среќни, мораме да имаме работа што ќе ни причинува задоволство (Псалм 139:14-16; Проповедник 3:12). Во рајот, луѓето нема да се чувствуваат како обични штрафови од некоја огромна машина. Она што ќе го прават ќе биде за нивно добро и за доброто на нивните ближни (Исаија 65:22-24). Зар животот ќе ти биде здодевен ако имаш интересна, возбудлива работа?

Помисли и на тоа дека Јехова нема да дозволи кој било да живее во рајот. Тој ќе им даде вечен живот само на оние кои го следат примерот на неговиот Син, Исус (Јован 17:3). Додека бил на Земјата, Исус со задоволство ја вршел волјата на својот Татко. И со збор и со пример, тој ги поучил своите следбеници дека повеќе среќа има во давањето отколку во примањето (Дела 20:35). Во обновениот рај, сите ќе живеат според двете најголеми заповеди — да го сакаме Бог и да го сакаме својот ближен (Матеј 22:36-40). Замисли си дека се наоѓаш меѓу несебични луѓе кои те сакаат тебе и ја сакаат својата работа! Зар мислиш дека ќе ти биде здодевно во нивно друштво?

Но, што друго ќе правиме во рајот? Секој ден ќе можеме да учиме нешто ново за нашиот Творец. Научниците уште денес откриле безброј неверојатни нешта за она што го создал Јехова (Римјаните 1:20). Сепак, може да се рече дека со тоа само малку сме гребнале на површината. Пред неколку илјади години, верниот човек Јов размислувал за она што го создал Бог и дошол до заклучок што е точен и во денешно време. Тој рекол: „Тоа се само делчиња од [Божјите] дела, за него слушаме одвај слаб шепот! А кој може да го разбере неговиот моќен гром?“ (Јов 26:14).

Дури и кога ќе живееме вечно, никогаш нема да откриеме сѐ за Јехова Бог и за она што го создал. Библијата вели дека Бог всадил во нашите срца желба да живееме вечно. Но, таа ни покажува и дека никогаш нема ‚да ги сфатиме во потполност делата кои ги направил вистинскиот Бог‘ (Проповедник 3:10, 11). Што мислиш, дали некогаш ќе ти здодее да учиш нови работи за нашиот Творец?

Дури и денес, на оние што прават нешто за доброто на другите и му носат слава на Бог, ретко им станува досадно. Можеме да бидеме сигурни дека, ако и ние сме зафатени со такви дела, никогаш нема да ни биде досадно — дури и ако живееме вечно.

[Извор на слика на страница 27]

Земја: Image Science and Analysis Laboratory, NASA-Johnson Space Center; галаксија: The Hubble Heritage Team (AURA/STScI/NASA)