Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Јас верувам“

„Јас верувам“

Угледајте се на нивната вера

„Јас верувам“

МАРТА живо си ја претставила сцената — пештера на чиј отвор лежел огромен камен. Таа пештера била гробот во кој бил положен нејзиниот брат. Срцето ѝ се кинело од болка. Не ѝ се верувало дека нејзиниот мил брат умрел. Четирите дена по смртта на Лазар ѝ биле исполнети со тага, жалост и луѓе кои доаѓале да ја споделат нејзината болка.

Но сега, пред Марта стоел човекот што му бил близок пријател на Лазар. Кога го здогледала Исус, повторно ја обзела силна тага затоа што само тој можел да го спаси нејзиниот брат. Сепак, нашла трошка утеха кога се видела со Исус недалеку од малото ридско гратче Витанија. Во тие неколку мигови повторно собрала сили откако го почувствувала погледот на неговите топли очи и неговото длабоко сочувство. Со неколку прашања Исус ја поттикнал да размислува за својата вера и за надежта во воскресение. Во тој разговор, Марта ги кажала најважните зборови во нејзиниот живот: „Јас верувам дека ти си Христос, Синот Божји, оној што треба да дојде во светов“ (Јован 11:27).

Марта била жена која имала извонредна вера. Од она малку што ни го кажува Библијата за неа, можеме да извлечеме големи поуки што ќе ни ја зајакнат верата. Затоа, да го разгледаме првиот библиски извештај во кој се спомнува Марта.

„Се грижиш и се вознемируваш“

Неколку месеци претходно, Лазар сѐ уште бил жив и здрав. Во неговиот дом во Витанија требало да дојде најважниот гостин, Исус Христос. Лазар, Марта и Марија живееле под ист покрив. Некои историчари сметаат дека Марта била најстара, бидејќи ја имала улогата на домаќинка и понекогаш се спомнува прва (Јован 11:5). Не знаеме дали некој од нив некогаш стапил во брак. Како и да е, тие му биле блиски пријатели на Исус. Додека ја извршувал својата служба во Јудеја, каде што наишол на големо противење и непријателство, тој престојувал кај нив. Сигурно уживал во мирот и поддршката што ги наоѓал крај нивното огниште.

Марта постојано била растрчкана низ дома. Таа била многу вредна домаќинка и радосно ги дочекувала гостите. Така било и кога Исус требало да дојде кај нив. Испланирала да подготви богата трпеза од најразлични јадења за да го пречека својот ценет гостин и оние што евентуално би дошле со него. Во тоа време гостопримството било многу важен обичај. Кога ќе дошол некој гостин, го пречекувале со бакнеж, му ги симнувале сандалите, му ги миеле нозете и му ја мачкале главата со освежувачко мирисливо масло (Лука 7:44-47). Домаќинот давал сѐ од себе за да му обезбеди вкусно јадење и ноќевање на гостинот.

Марта и Марија имале полни раце работа околу подготовките за доаѓањето на Исус. Секако дека Марија, за која некои мислат дека била почувствителна и повеќе се задлабочувала во размислување, во почетокот ѝ помагала на сестра си — сѐ додека не дошол Исус. Тој дошол со намера да поучува, и затоа ја искористил оваа прилика. За разлика од верските водачи во тоа време, Исус ги почитувал жените и ги поучувал за Божјето Царство, за кое им проповедал на сите. Восхитена што имала можност да го слуша Исус, Марија седнала крај неговите нозе и жедно го впивала секој негов збор.

Можеме да си ја замислиме Марта како почнала да негодува. Бидејќи требало да подготви многу различни јадења и да направи уште многу работи за да им угоди на гостите, таа сѐ повеќе се нервирала и не знаела кај ѝ е главата. Додека одела наваму-натаму гледајќи ја сестра си како седи наместо да ѝ помага, можеби почнала да се вознемирува, гласно да воздивнува или да се мурти бидејќи не можела сама да сработи сѐ.

На крајот, Марта не можела повеќе да го крие своето незадоволство. Без многу размислување, го прекинала Исус со зборовите: „Господару, зарем не ти е грижа што сестра ми ме остави сама да послужувам? Речи ѝ да ми помогне!“ (Лука 10:40). Тоа биле остри зборови. Потоа, го замолила Исус да ја прекори Марија и да ѝ рече да се фати за работа.

Марта можеби се изненадила од одговорот на Исус, како што и денес се изненадени многу читатели на Библијата. Тој љубезно ѝ рекол: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а малку е потребно, или само едно. Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10:41, 42). Што мислел Исус со тоа? Дали сакал да каже дека на Марта ѝ биле важни само материјалните работи? Дали бил неблагодарен за вкусниот оброк што го подготвувала таа?

Не. На Исус му било сосема јасно дека Марта имала искрени и чисти мотиви. Освен тоа, не мислел дека е погрешно да се принесат многу јадења на трпезата. Некое време пред овој настан, тој радосно присуствувал на една „голема гозба“ што ја подготвил Матеј (Лука 5:29). Но, овојпат коренот на проблемот не бил во тоа што Марта подготвувала јадење, туку во она што го сметала за поважно. Толку била преокупирана со готвењето што ги изгубила од вид поважните работи. Кои биле тие?

Исус, единородниот Син на Јехова Бог, дошол во домот на Марта за да зборува за вистината. Ништо друго не било поважно од тоа — дури ни вкусниот оброк и подготовките околу топлиот пречек. На Исус сигурно му било жал што Марта пропушта една неповторлива прилика да си ја зајакне верата, но ја оставил да постапи како што сака. Меѓутоа, тоа што Марта го замолила да ја натера и Марија да ја пропушти таа прилика било нешто сосема друго.

Затоа, Исус благо ја прекорил Марта и љубезно ѝ го спомнал името двапати за да ја успокои. Ја уверил дека нема потреба ‚да се грижи и да се вознемирува за многу работи‘. Доволен би бил едноставен оброк, особено кога во исто време имало и духовна гозба. Значи, тој по никоја цена не сакал да ѝ го одземе на Марија „подобриот дел“ што сама го избрала — да учи од Исус.

Христовите следбеници денес можат да извлечат многу поуки од оваа случка во домот на Марта. Не смееме да дозволиме нешто да ги потисне нашите „духовни потреби“ (Матеј 5:3). Иако сакаме да бидеме великодушни и трудољубиви како Марта, треба да внимаваме никогаш да не станеме толку ‚загрижени и вознемирени‘ околу поневажниот дел од гостопримството така што ќе го пропуштиме она што е најважно. Додека се дружиме со нашите соверници, не е најбитно да послужиме или да нѐ послужат богати јадења туку да се охрабриме меѓусебно и да си размениме духовни дарови (Римјаните 1:11, 12). Дури и наједноставниот оброк може да биде убава прилика за такво охрабрување.

Смртта и воскресението на нејзиниот мил брат

Дали Марта го прифатила и извлекла поука од љубезниот совет што го добила од Исус? Во тоа не треба да се сомневаме. Кога апостол Јован го запишувал возбудливиот настан во врска со брат ѝ на Марта, го спомнал следново: „Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар“ (Јован 11:5). Поминале неколку месеци откако Исус бил во Витанија, каде што се случил претходниот настан. Очигледно, наместо да се лути и да замерува, Марта го прифатила советот што ѝ го дал Исус. И во овој поглед ни оставила одличен пример на вера, бидејќи на секого од нас некогаш му треба совет.

Кога брат ѝ се разболел, Марта била зафатена околу грижата за него. Таа правела сѐ што можела за да му ја олесни болката и за да му помогне да оздрави. Сепак, состојбата на Лазар сѐ повеќе се влошувала. Неговите сестри бдееле крај него и го негувале. Колку ли често Марта гледала во бледото лице на својот брат, потсетувајќи се на годините што ги поминале заедно, како и на убавите и на тажните моменти што ги имале во животот!

Кога било очигледно дека на Лазар му нема спас, Марта и Марија пратиле човек да му го јави тоа на Исус. Тој проповедал во едно место оддалечено на околу два дена одење. Пораката била едноставна: „Господару, ете, твојот сакан пријател е болен“ (Јован 11:1, 3). Тие знаеле дека Исус многу го сакал нивниот брат и верувале дека ќе направи сѐ што може за да му помогне. Дали се надевале дека Исус ќе дојде пред да биде предоцна? Ако е така, залудно се надевале. Лазар умрел.

Марта и Марија го оплакувале својот брат, биле зафатени околу подготовките за погребот и ги пречекувале пријателите што им доаѓале од Витанија и околината. Сепак, од Исус немало ни трага ни глас. Со секој изминат момент, Марта сигурно сѐ понестрпливо се прашувала каде е Исус. На крајот, четири дена по смртта на Лазар, таа чула дека Исус доаѓа кон градот. Бидејќи била решителна жена, дури и во овој тежок час отрчала да го пресретне Исус без да успее да ѝ каже на Марија (Јован 11:20).

Кога го здогледала својот Господар, го кажала она што со денови ги измачувало неа и нејзината сестра: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. Сепак, Марта сѐ уште имала вера и надеж. Таа додала: „Но и сега знам дека Бог ќе ти даде сѐ што ќе побараш од него“. Исус веднаш рекол нешто за да ѝ ја зајакне надежта: „Твојот брат ќе стане“ (Јован 11:21-23).

Марта си мислела дека Исус зборувал за воскресението што ќе биде во иднина, па затоа му рекла: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:24). Таа имала неверојатно силна вера. Но, некои еврејски верски водачи, наречени садукеи, не верувале дека ќе има воскресение, иако тоа учење било јасно изнесено во Светото писмо (Даниел 12:13; Марко 12:18). Меѓутоа, Марта знаела дека Исус им кажувал на луѓето дека ќе има воскресение. Освен тоа, тој веќе вратил во живот неколку души — иако никој од нив не бил мртов толку долго колку Лазар. Таа не знаела што ќе направи Исус.

Тогаш Исус ги кажал незаборавните зборови: „Јас сум воскресението и животот“. Јехова Бог му дал власт на својот Син во иднина да воскреснува луѓе низ целата Земја. Исус ја прашал Марта: „Веруваш ли во тоа?“ Тогаш таа одговорила со зборовите што ги спомнавме во почетокот. Марта верувала дека Исус бил Христос, или Месија, дека бил Син на Јехова Бог и дека пророците го претскажале неговото доаѓање (Јован 5:28, 29; 11:25-27).

Дали на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус Христос, им е мило кога некој покажува таква вера? Настаните што со свои очи ги видела Марта ни го даваат најточниот одговор. Таа побрзала да ја викне сестра си. Потоа видела дека Исус бил трогнат додека зборувал со Марија и со другите ожалостени луѓе. Ги видела неговите насолзени очи бидејќи тој не ја криел длабоката болка поради смртта на својот пријател. И чула кога заповедал да го тргнат каменот од гробот на брат ѝ (Јован 11:28-39).

Марта, која секогаш мислела на сѐ, рекла дека телото сигурно мириса, бидејќи поминале веќе четири дена откако Лазар умрел. Исус ја потсетил: „Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ Таа имала вера, и навистина ја видела славата на Јехова Бог. Во тој момент и на тоа место, Јехова му дал сила на својот Син да го врати Лазар во живот! Замисли си ги моментите што сигурно останале длабоко врежани во умот на Марта до крајот на нејзиниот живот: Исусовиот заповеднички повик „Лазаре, излези!“; тивкиот шум од пештерата во која бил погребан Лазар кој, сѐ уште завиткан во завоите со кои се подготвувало телото за закоп, станал и се појавил на излезот од пештерата; Исусовата заповед „одвиткајте го и пуштете го да оди“; и секако, неизмерната радост на Марта и Марија, кои се стрчале кон Лазар за да го прегрнат (Јован 11:40-44). На Марта ѝ паднал голем камен од срце!

Овој извештај покажува дека воскресението на мртвите не е само сон, туку охрабрувачко библиско учење и историски факт. Јехова и неговиот Син сакаат да ги наградат оние што покажуваат вера, исто како што ги наградиле Марта, Марија и Лазар. Ако изградиш цврста вера како Марта, ќе бидеш награден и ти. *

„Марта послужуваше“

Во Библијата, Марта се спомнува само уште еднаш, и тоа кога почнала последната седмица од Исусовиот живот на Земјата. Бидејќи добро знаел какви неволји го чекаат, Исус повторно решил да појде во Витанија кај своите пријатели. Оттаму требало да оди пеш три километри до Ерусалим. Исус и Лазар вечерале кај Симон лепрозниот, и во таа пригода за последен пат е кажано нешто за Марта: „Марта послужуваше“ (Јован 12:2).

Тоа било карактеристично за оваа вредна жена! Кога првпат се спомнува во Библијата, таа работи; кога се спомнува последен пат, повторно работи и дава сѐ од себе за да им угоди на другите. Убаво е што во собранијата на Христовите следбеници денес има жени како Марта — решителни и великодушни, кои секогаш ја покажуваат својата вера со тоа што се самопожртвувани. Сосема веројатно Марта останала таква. Така покажала мудрост, бидејќи тоа ја подготвило за другите болни моменти што ја чекале.

По неколку дена, Марта морала да ја поднесе болката од ужасната смрт на својот сакан Господар, Исус. Освен тоа, истите злобни лицемери што го убиле Исус, решиле да го убијат и Лазар затоа што неговото воскресение им ја зајакнало верата на многу луѓе (Јован 12:9-11). И, се разбира, еден ден смртта сепак ја разделила Марта од нејзините брат и сестра. Не знаеме како и кога се случило тоа, но можеме да бидеме сигурни во следново: Скапоцената вера што ја имала Марта ѝ помогнала да истрае до крај. Затоа е добро христијаните денес да се угледаат на верата на Марта.

[Фуснота]

^ пас. 27 Нешто повеќе за библиското учење дека ќе има воскресение можеш да прочиташ во 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 11]

Дури и кога тагувала, Марта дозволила Исус да ја насочи на работи што ја зајакнуваат верата

[Слика на страница 12]

Иако ‚се грижела и се вознемирувала‘, Марта понизно го прифатила советот

[Слика на страница 15]

Верата во Исус што ја покажала Марта била наградена кога нејзиниот брат воскреснал