Што е добрата вест?
Што е добрата вест?
„Оваа добра вест...“ (МАТЕЈ 24:14)
ХРИСТИЈАНИТЕ треба ја проповедаат ‚добрата вест за царството‘ на тој начин што ќе им кажуваат на другите дека Царството е светска влада која во иднина ќе владее праведно со Земјата. Сепак, изразот „добра вест“ се користи во Библијата и за други работи. На пример, се спомнува „добрата вест за... спасение“ (Псалм 96:2), „Божјата добра вест“ (Римјаните 15:16) и „добрата вест за Исус Христос“ (Марко 1:1).
Едноставно кажано, добрата вест ги опфаќа сите вистини за кои зборувал Исус, а подоцна ги запишале неговите ученици. Пред да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Значи, задачата на вистинските христијани не е само да кажуваат дека ќе дојде Царството, туку и да им помагаат на луѓето да станат ученици на Исус.
Што прават црквите во овој поглед? Оние кои не разбираат што е Царството — а ги има многу — не можат точно да ги поучат другите за него. Наместо тоа, верските водачи им ги скокоткаат ушите на луѓето со своите проповеди за простување на гревовите и за верата во Исус. Исто така, се обидуваат да ги придобијат другите со тоа што создаваат подобри услови за живот или градат болници, училишта и домови за сиромашните. Иако на таков начин брзо расте бројот на верници во црквите, тие не им помагаат на луѓето да станат вистински христијани кои искрено ќе се трудат да живеат во склад со она што го поучувал Исус.
Еден професор напишал: „Само малкумина теолози или водачи во христијанските кругови ќе речат дека не треба да правиме ученици на Исус и да ги учиме да држат сѐ што заповедал тој... Всушност, она што го кажал Исус е јасно како бел ден. Но, работата е што не правиме така како што рекол. За жал, не се ни обидуваме. А очигледно, не ни знаеме како да го правиме тоа“.
И една анкета спроведена во Соединетите Држави открива дека 95 отсто од католиците се согласиле дека треба да проповедаат. Сепак, речиси сите сметале дека е најдобро да се проповеда не само со зборови туку и со дела кои ќе им остават пример на другите. Една жена која била анкетирана рекла: „Да ја проповедаме добрата вест не значи само да кажуваме празни зборови. Треба и да живееме во склад со неа.“ Во католичкото списание што ја спровело анкетата, пишува дека мнозина не се спремни да им кажуваат на другите за својата вера поради „лошата слика што ја оставила црквата со неодамнешните скандали за сексуална злоупотреба, како и поради спорните црковни учења“ (U.S. Catholic).
Во една друга земја, некој методистички свештеник се жалел дека неговите цркви се поделени и збунети, бидејќи верниците немаат храброст да проповедаат и со своето однесување не им оставаат добар пример на другите луѓе. Затоа, разочарано го поставил прашањето: „Кој е достоен да ја проповеда добрата вест и кој, всушност, го прави тоа?“
Свештеникот не дал одговор на своето прашање. Но, одговор постои, а ќе го прочиташ во следната статија.
[Истакната мисла на страница 6]
Добрата вест е порака за Божјето Царство и за нашето спасение преку верата во Исус Христос