Едно многу важно пророштво
Едно многу важно пророштво
„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (МАТЕЈ 24:14)
ИЗУЧУВАЧИТЕ се согласуваат дека овој библиски стих е од големо значење. Тој е важен бидејќи опишува едно дело кое се одвива по целиот свет. Важен е и затоа што покажува што треба да прават христијаните — да извршуваат едно проповедничко дело кое ќе го навести и ќе му претходи на значајниот и далекосежен настан што Исус го нарекол „крајот“.
Овој пророчки стих се исполнува во денешно време. Вклучен си и ти затоа што добрата вест не содржи само покана туку и предупредување. Можеш да бираш меѓу две работи: да го прифатиш или да го отфрлиш Божјето Царство. Одлуката што ќе ја донесеш ќе влијае врз твојот живот.
Размисли за околностите во кои биле кажани тие зборови. Неколку дена пред да биде прикован на столб, учениците дошле кај Исус и го прашале што носи иднината. Сакале да знаат кога ќе биде воспоставено Божјето Царство за кое Исус толку често им зборувал. Исто така, сакале да знаат нешто повеќе за „свршетокот на овој поредок“ или, како што стои во некои други преводи, за „крајот на светот“ (Матеј 24:3, Превод на МПЦ — ревидирано издание; Радосна Вест).
Како одговор, Исус прорекол дека насекаде ќе има војни, глад, заразни болести и големи земјотреси. Исто така, кажал дека беззаконието ќе се зголеми, лажните верски учители ќе заведуваат мнозина, а вистинските христијани ќе бидат мразени и прогонувани. Сето ова било лоша вест (Матеј 24:4-13; Лука 21:11).
Но, имало и една добра вест. Исус ги кажал зборовите што се цитирани на почетокот, зборови што со векови ја будат љубопитноста на луѓето и ги мотивираат во животот. Иако се согласуваат дека тие зборови на Исус се многу важни, луѓето не се едномислени и во врска со нивното значење. Што е добрата вест? Што е Царството? Кога ќе се исполни ова пророштво, и кој ќе го исполни? И што е „крајот“? Тоа ќе го разгледаме во следните статии.
[Слика на страници 2 и 3]
Матеј 24:14 е со масни букви
Копија од вашингтонскиот ракопис на четирите евангелија.[Извор на слика]
Од книгата Facsimile of the Washington Manuscript of the Four Gospels in the Freer Collection 1912