Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Што претставувало доприбирањето, и кој имал полза од него?
▪ Со Мојсеевиот закон, на земјоделците им било забрането да го собираат сиот род од своите ниви. Кога се жнеело житото, не требало да се ожнева до краевите на нивите. Кога се берело грозјето, не требало да се собираат гроздовите што ќе паднеле ниту, пак, да се дособираат гроздовите што не биле зрели при првата берба. А кога се треселе маслините, требало да се остават маслинките што не паднале (3. Мојсеева 19:9, 10; 5. Мојсеева 24:19-21). Сиромашните, сираците, вдовиците и дојденците можеле да доприбираат, односно да го соберат она што ќе останело од жетвата или од бербата.
Овој закон им бил од полза на сите што живееле во Израел. Сопственикот на земјата бил поттикнат да биде дарежлив, несебичен и да се потпира на Бог. Оние што доприбирале се учеле да бидат трудољубиви, бидејќи доприбирањето било тешка физичка работа (Рут 2:2-17). Благодарение на законот за доприбирање, сиромашните не гладувале ниту станувале товар на општеството. Исто така, овој закон спречувал некој да падне толку ниско да мора да проси или да чека милостина.
Зошто Соломон увезувал градежно дрво дури од Ливан за да се изгради храмот во Ерусалим?
▪ Извештајот од 1. Царевите 5:1-10 опишува еден договор меѓу Соломон и Хирам, царот на Тир. Според тој договор, кедрови и смрекови трупци поврзани во сплавови се пуштале по морето од Ливан за да стигнат до Израел, каде што се користеле за изградбата на храмот.
Кедарот бил важна трговска стока на Блискиот Исток. Во Египет и Месопотамија, ова дрво се користело за изработка на греди и за внатрешно обложување на храмовите и палатите. Од царските архиви, од литературните текстови и од различните натписи дознаваме дека во многу градови-држави во јужна Месопотамија редовно се увезувал кедар. Понекогаш тој се носел или како воен плен или како данок. Во Египет се користел за изградба на царски бродови, мртовечки сандаци и друга погребна опрема.
Ливанските кедри биле надалеку познати по својата трајност, убавина и пријатен мирис, како и по својата отпорност на инсекти. Значи, за изградбата на храмот Соломон ги користел најдобрите материјали. Денес, сѐ што останало од кедровите шуми кои некогаш ги покривале Ливанските планини се неколку мали, изолирани насади.
[Слика на страница 15]
Превоз на ливански кедар, асирски релјеф од палатата на Саргон
[Извор на слика]
Erich Lessing/Art Resource, NY