Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Дали сите луѓе имаат иста можност да го запознаат Бог?

Дали сите луѓе имаат иста можност да го запознаат Бог?

Кога го прашале која е најголемата заповед, Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Меѓутоа, пред да го засакаат Бог, луѓето треба добро да го запознаат (Јован 17:3). Дали сите ќе имаат таква можност?

Најдобро можеме да го запознаеме Бог преку Библијата (2. Тимотеј 3:16). Многумина живеат во места каде што Библијата ја има на секој чекор. Освен тоа, кај нив можеби редовно доаѓаат луѓе кои сакаат да им помогнат да го запознаат Бог преку проучување на Библијата (Матеј 28:19). Други, пак, имале прекрасни родители кои биле христијани и секојдневно ги поучувале за Бог (5. Мојсеева 6:6, 7; Ефешаните 6:4).

Меѓутоа, има и такви што не живеат во толку поволни околности. Некои потекнуваат од семејства во кои родителите биле насилни и не покажувале љубов кон своите деца (2. Тимотеј 3:1-5). На оние што израснале во таква средина можеби им е тешко да го почувствуваат Бог како нежен небесен Татко. Мнозина немале соодветно школување, па затоа им е тешко да ја читаат Библијата. Трети биле задоени со лажни верски учења или живеат во семејства, места или земји каде што не е дозволено да им се зборува на другите за библиските вистини (2. Коринќаните 4:4). Дали поради таквите околности тие лица немаат можност да го запознаат и да го засакаат Бог?

Исус потврдил дека заради проблемите што ги имаат, на некои луѓе ќе им биде тешко да го сакаат и да го слушаат Бог (Матеј 19:23, 24). Меѓутоа, тој ги потсетил своите ученици дека, иако некои препреки изгледаат несовладливи од човечка гледна точка, „за Бог сѐ е возможно“ (Матеј 19:25, 26).

Размисли за следново: Јехова Бог се погрижил неговата Реч, Библијата, да стане најраспространета книга на сите времиња. Во неа е проречено дека добрата вест за Бог и за неговата намера со Земјата ќе се проповеда „по целиот свет“ (Матеј 24:14). Денес, Јеховините сведоци ја проповедаат таа вест во преку 230 земји и издаваат библиска литература на околу 500 јазици. Дури и оние што немаат Библија, можат да научат многу за вистинскиот Бог набљудувајќи го она што го создал тој (Римјаните 1:20).

Освен тоа, во Божјата Реч пишува: „Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба. Ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Летописи 28:9). Значи, иако Јехова не ветува дека секој човек ќе ја добие потполно истата прилика, тој се грижи сите искрени луѓе да имаат можност да го запознаат. А ќе се погрижи дури и оние што никогаш немале таква можност, да го запознаат кога ќе ги воскресне во еден праведен нов свет (Дела 24:15).