Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

На што мислел апостол Павле кога зборувал за „победничка поворка“?

Павле напишал: „Бог... нѐ води во победничка поворка и преку нас насекаде го шири мирисот на спознанието за себе. Зашто, ние сме за Бог пријатен мирис Христов, кој го чувствуваат и оние што се на патот за спасение и оние што се на патот за пропаст. На овие вториве тоа им е мирис на смртта, кој води во смрт, а на првите — мирис на животот, кој води во живот“ (2. Коринќаните 2:14-16).

Апостол Павле го имал на ум римскиот обичај да се одржи свечена поворка во чест на некој генерал кој извојувал победа над непријателите. Во таквите пригоди, и пленот и заробениците биле изложени на погледите на јавноста, а биле терани и бикови за да се принесат за жртва. За целото тоа време, победничкиот генерал и неговата војска биле радосно поздравувани со восклици. Кога ќе завршела поворката, биковите се принесувале за жртва, а веројатно биле погубувани и многу од затворениците.

Во една библиска енциклопедија пишува дека споредбата со „пријатен мирис Христов“, кој за некои значел живот, а за други значел смрт, „веројатно доаѓала од римскиот обичај да се пали темјан по патот каде што поминувала поворката“ (The International Standard Bible Encyclopedia). „Мирисот што го означувал триумфот на победниците, ги потсетувал заробениците дека ги чека смрт.“ *

Што биле „обредните височинки“ кои често се спомнуваат во Хебрејските списи?

Кога Израелците биле на прагот на Ветената земја, Јехова им рекол да ги отстранат сите места на кои Ханаанците што живееле таму ги обожавале своите богови. „Уништете ги сите нивни камени статуи, уништете ги сите нивни леани ликови и опустете ги сите нивни свети височинки“, заповедал Бог (4. Мојсеева 33:52). Тие средишта каде што се обожавале лажни богови веројатно биле места на ридовите под ведро небо или, пак, издигнати места што ги правеле, на пример, под дрвјата или во градовите (1. Царевите 14:23; 2. Царевите 17:29; Езекиел 6:3). На нив имало жртвеници, свети столбови или обредни диреци, разни кипови, кадилници и други предмети што служеле за обожавање.

Пред да се изгради храмот во Ерусалим, Израелците му служеле на Јехова на одредени места што во Светото писмо се наречени обредни височинки. Божјиот пророк Самоил принел жртви на „височинката“ во некој град во земјата Зуф (1. Самоилова 9:11-14). Меѓутоа, откако бил изграден храмот, неколку цареви што му биле верни на Јехова вложиле напори да ја исчистат својата земја од „обредните височинки“ (2. Царевите 21:3; 23:5-8, 15-20; 2. Летописи 17:1, 6).

[Фуснота]

^ Нешто повеќе за значењето на споредбата што ја дал Павле можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 ноември 1990, страници 21-26.

[Слика на страница 23]

Дел од релјеф на кој е прикажана римска победничка поворка, 2 век од н.е.

[Извор на слика]

Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum

[Слика на страница 23]

Остатоци од свети столбови во Гезер