Обиди да се скрие Божјето име
Обиди да се скрие Божјето име
ИМА некој што не сака да го знаеш името на Јехова и да бидеш близок со Него. Кој е тој злобен непријател? Библијата објаснува: „Богот на овој свет им ги заслепил неверничките умови“. Богот на сегашниов безбожен свет е Сатана Ѓаволот. Тој сака да тапкаш во темнина и твоето срце да не биде просветлено со „славното знаење“ за Бог. Сатана не сака да го запознаеш Јехова по име. Но, на кој начин тој им ги заслепува умовите на луѓето? (2. Коринќаните 4:4-6).
Сатана ја користи лажната религија за да ги спречи луѓето да го запознаат Бог по име. На пример, во минатото некои Евреи решиле да одат спротивно на Светото писмо и да се повинат на традицијата која налагала да не се употребува Божјето име. Изгледа дека во првите векови од нашата ера, еврејските јавни читачи добиле упатство да не го читаат Божјето име кога ќе се појавело во нивниот примерок од Светото писмо, туку да го заменат со зборот Адонај, што значи „Господар“. Без сомнение, како резултат на овој обичај, луѓето многу се оддалечиле од Бог. Многумина не го запознале Јехова и никогаш не почувствувале што значи да се има близок однос со него. Но, дали било така и со Исус? Како гледал тој на Јеховиното име?
Исус и неговите следбеници го објавувале Божјето име
Во една молитва до својот Татко, Исус рекол: „Го објавив твоето име и ќе го објавувам“ (Јован 17:26). Без сомнение, Исус го изговарал Божјето име во многу прилики кога читал, цитирал или објаснувал делови од Хебрејските списи во кои било запишано тоа важно име. Значи, исто како и пророците пред него, Исус слободно го употребувал Божјето име. Ако некои Евреи веќе почнале да избегнуваат да го користат името на Бог во времето кога Исус ја извршувал својата служба, тој сигурно не се повел по нивната традиција. Исус остро ги прекорил верските водачи: „Ја обезвреднивте речта Божја поради вашето предание“ (Матеј 15:6).
Верните следбеници на Исус продолжиле да го објавуваат Божјето име дури и откако тој умрел и воскреснал. (Види ја рамката „Дали првите христијани го користеле Божјето име?“) На Педесетница 33 год. од н.е., истиот ден кога било основано христијанското собрание, апостол Петар, цитирајќи едно пророштво на Јоил, им рекол на едно мноштво Евреи и преобратеници во еврејската вера: „Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Дела 2:21; Јоил 2:32). Првите христијани им помогнале на луѓе од многу народи да го запознаат Јехова по име. Затоа, на еден состанок на апостолите и старешините во Ерусалим, ученикот Јаков кажал: „Бог... им обрна внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14).
Сепак, непријателот на Божјето име не се откажал од својата цел. Откако умреле апостолите, Сатана ја користел секоја прилика да посее отпадништво (Матеј 13:38, 39; 2. Петрово 2:1). На пример, Јустинијан Маченик, писател кој се изјаснувал како христијанин и бил роден некаде во времето кога умрел Јован, последниот од апостолите, во своите списи повеќепати тврдел дека Дарителот на сѐ е „еден Бог кој нема лично име“.
Кога отпадничките христијани правеле преписи на Христијанските грчки списи, го ваделе Јеховиното лично име од текстот и го заменувале со Ки́риос, грчки збор што значи „Господар“. Нешто слично се
случувало и со Хебрејските списи. Отпадничките еврејски книжници повеќе не го читале гласно Божјето име и во своите примероци на Светото писмо го замениле со Адонај на повеќе од 130 места. Личното име на Бог било отстрането и од Вулгатата, значаен превод на Библијата на латински јазик што го направил Ероним во 405 год. од н.е.Обиди да се отстрани Божјето име во денешно време
Денес, на изучувачите им е познато дека Јеховиното лично име се појавува во Библијата околу 7.000 пати. Затоа, некои многу користени преводи, како што е католичката Jerusalem Bible, шпанскиот превод Reina Valera, потоа македонскиот Превод на МПЦ и Преводот на д-р Д. Х. Константинов, го употребуваат Божјето лично име. Во некои преводи Божјето име е преведено со „Јахве“.
За жал, многу цркви што го финансираат преведувањето на Библијата им вршат притисок на преведувачите да го испуштат Божјето име. На пример, во едно писмо со датум од 29 јуни 2008 год., кое им било испратено на претседателите на католичките бискупски конференции, Ватикан изјавил: „Во последниве години се вовлекол обичај да се изговара личното име на Богот на Израел“. Во писмото било дадено следново јасно упатство: „Божјето име... не треба да се користи ниту да се изговара“. Освен тоа, „кога се преведува библискиот текст на современите јазици... божествениот тетраграм треба да се преведе со еквивалентот Адонај/Ки́риос: ‚Господар‘“. Очигледно е дека целта на ова упатство од Ватикан е да се укине употребата на Божјето име.
Ни протестантите не покажале поголема почит кон Јеховиното име. Еден претставник на издавачкиот совет на New International Version, превод издаден на англиски јазик во 1978 год. и финансиран од протестантската црква, напишал: „Јехова е личното име на Бог и би требало да го користиме. Ама ние вложуваме 2,3 милиони долари во овој превод кој сигурно ќе ни пропадне ако, на пример, 23. Псалм го преведеме како ‚Јахве е мој пастир‘“.
Црквите ги спречиле и луѓето од Латинска Америка да го дознаат Бог по име. Стивен Вот, стручен советник за превод во меѓународното библиско здружение United Bible Societies, напишал: „Една од актуелните дебати што се водат во протестантските кругови на Латинска Америка е во врска со употребата на името Јехова... Интересно е што една многу голема и сѐ побројна неопентакостална црква... рекла дека сака да ја користи Библијата
Reina Valera од 1960 год., но без името Јехова. Наместо тоа, сака да се употребува зборот Сењор [Господар]“. Според Вот, ова здружение во почетокот го отфрлило таквото барање, но подоцна попуштило и објавило едно издание на Библијата Reina Valera „без зборот Јехова“.Со тоа што името на Бог е отстрането од неговата пишана Реч и е заменето со зборовите „Господ“ или „Господар“, читателите не можат вистински да дознаат кој е Бог. Ваквата замена создава збрка. На пример, еден читател не може да увиди дали зборовите „Господ“ или „Господар“ се однесуваат на Јехова или на неговиот Син, Исус. Така, во библискиот стих во кој апостол Петар го цитира Давид како вели: „Јехова му рече на мојот Господар [воскреснатиот Исус]: ‚Седи од мојата десна страна‘“, во многу библиски преводи пишува: „Му рече Господ на мојот Господ“ (Дела 2:34, Превод на МПЦ). Освен тоа, Дејвид Клајнс во својот напис „Јахве и Богот на христијанската теологија“ вели: „Една последица од тоа што името Јахве е отсутно од свеста на христијаните е склоноста тие да се фокусираат на Христос“. Затоа, многу верници не се свесни дека вистинскиот Бог на кого Исус му ги упатувал своите молитви е Личност што има име — Јехова.
Сатана со сите сили се труди да им ги заслепи умовите на луѓето во врска со Бог. Сепак, ти можеш добро да го запознаеш Јехова.
Ти можеш да го запознаеш Јехова по име
Нема никакво сомнение дека Сатана води војна против Божјето име, во која итро ја користи лажната религија. Меѓутоа, факт е дека ниедна сила на небото ниту на Земјата не може да го спречи Севишниот Господар Јехова да им го објави своето име на оние што сакаат да ја дознаат вистината за него и за неговата прекрасна намера со верните луѓе.
На Јеховините сведоци ќе им биде мило да те поучуваат за Библијата со цел да го запознаеш Бог. Тие го следат примерот на Исус, кој му рекол на Бог: „Им го објавив твоето име“ (Јован 17:26). Додека размислуваш за библиските стихови што ги откриваат различните улоги што ги исполнува Јехова за да ги благослови луѓето, ќе ги запознаеш многуте прекрасни страни на неговата возвишена личност.
Верниот Јов се радувал на „блиското пријателство со Бог“, а таа радост можеш да ја почувствуваш и ти (Јов 29:4). Ако ја проучуваш Божјата Реч, ќе научиш што значи Божјето име. Откако добро ќе го запознаеш Јехова, ќе се увериш дека тој ќе дејствува во склад со она што го кажал за значењето на своето име — „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Тоа покажува дека сигурно ќе ги исполни сите убави работи што им ги ветил на луѓето.
[Рамка/слики на страница 6]
Дали првите христијани го користеле Божјето име?
Во времето на Исусовите апостоли, во првиот век од н.е., во многу земји биле основани христијански собранија. Верниците од тие собранија редовно се состанувале за да го проучуваат Светото писмо. Дали тие христијани можеле да го прочитаат Јеховиното име во своите примероци од Библијата?
Бидејќи грчкиот станал меѓународен јазик, многу собранија ја користеле Септуагинтата, која била грчки превод на Хебрејските списи завршен во вториот век пр.н.е. Некои изучувачи тврдат дека уште од времето кога била преведена, на сите места во Септуагинтата Божјето име било заменето со титулата Ки́риос, грчки збор за „Господар“. Но, фактите покажуваат нешто сосема друго.
Фрагментите што се прикажани овде се делови од грчката Септуагинта што датираат од првиот век пр.н.е. Во нив јасно се гледа Јеховиното име, напишано во грчкиот текст со четирите хебрејски букви יהוה (ЈХВХ), или тетраграм. Професор Џорџ Хауард напишал: „Имаме три различни примероци од грчката Септуагинта кои потекнуваат од времето пред појавата на христијаните, и во ниту еден случај тетраграмот не е преведен со кириос ниту, пак, воопшто е преведен. Сега сме речиси сигурни дека пред, за време на и по времето за кое се раскажува во Новиот завет, меѓу Евреите било обичај да се пишува Божјето име... и во грчкиот текст на Светото писмо“ (Biblical Archaeology Review).
Дали апостолите и учениците на Исус го користеле Божјето име кога пишувале под водство на светиот дух? Професор Хауард вели: „Кога во Септуагинтата што ја користело и од која цитирало собранието за кое се зборува во Новиот завет стоел хебрејскиот облик на Божјето име, тогаш писателите на Новиот завет сигурно го вклучувале и тетраграмот во своите цитати“.
Значи, можеме слободно да заклучиме дека првите христијани можеле да го прочитаат Божјето име и во преводите на Хебрејските списи што ги имале, и во нивните примероци на Христијанските грчки списи.
[Извор на слика]
Сите фотографии: Société Royale de Papyrologie du Caire
[Слика на страници 4 и 5]
Дел од исаија во свитоците од мртвото море. божјето име е означено.
[Извор на слика]
Shrine of the Book, фотографија: © The Israel Museum, Jerusalem
[Слика на страница 7]
Црквите го отстраниле Божјето име од Библијата заради еврејската традиција или заради материјална добивка
[Слика на страница 8]
Исус оставил пример со тоа што го објавувал Божјето име