Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што кажал Исус за себе

Што кажал Исус за себе

Што кажал Исус за себе

„Исус воопшто не се сомневал во тоа кој е, од каде дошол, зошто дошол на Земјата и што го чекало во иднина“ (ПИСАТЕЛОТ ХЕРБЕРТ ЛОКЈЕР)

ПРЕД да го прифатиме и да поверуваме во она што го поучувал Исус, треба да знаеме нешто за него. Кој навистина бил тој? Од каде дошол? Која била неговата цел во животот? Од четирите евангелија — според Матеј, Марко, Лука и Јован — можеме да ги дознаеме одговорите лично од Исус.

Живеел пред да се роди на Земјата. Еднаш Исус рекол: „Пред да се роди Авраам, јас постоев“ (Јован 8:58). Авраам живеел околу 2.000 години пред да се роди Исус. Сепак, Исус постоел уште пред да се роди овој верен човек. Но, каде живеел Исус? Самиот тој рекол: „Слегов од небото“ (Јован 6:38).

Божји Син. Јехова има многу ангелски синови. Меѓутоа, Исус е нешто посебно. Тој се нарекол себеси „единородниот Син Божји“ (Јован 3:18). Овој израз значи дека Исус е единствениот што бил директно создаден од Бог. Преку овој единороден Син, Бог создал сѐ друго (Колошаните 1:16).

„Синот човечки.“ Кога зборувал за себе, Исус го користел овој израз почесто од кој и да било друг израз (Матеј 8:20). Со тоа покажал дека не бил ниту материјализиран ангел ниту отелотворен бог. Напротив, тој бил човек во потполна смисла на зборот. Со својот свет дух, Бог го пренел животот на својот Син од небото на Земјата, предизвикувајќи го неговото зачнување во утробата на девицата Марија. Како резултат на тоа, Исус се родил како совршен, безгрешен човек (Матеј 1:18; Лука 1:35; Јован 8:46).

Ветениот Месија. „Знам дека доаѓа Месија“, му рекла една Самарјанка на Исус. А тој ѝ одговорил: „Јас сум тој, јас кој зборувам со тебе“ (Јован 4:25, 26). Зборот „Месија“, исто како и зборот „Христос“, значи „Помазаник“. Исус бил помазан, односно овластен од Бог за да одигра една посебна улога во исполнувањето на Божјите ветувања.

Неговата главна задача. Во една друга прилика, Исус рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Иако направил многу добри дела за луѓето на кои им била потребна помош, најважното нешто во животот му било да проповеда за Божјето Царство. Подоцна ќе разгледаме што кажал во врска со тоа Царство.

Јасно е дека Исус не бил само обичен човек. * Како што ќе видиме, тоа што живеел на небото им дало уште поголема тежина на зборовите што ги кажал на Земјата. Зар е чудно што проповедал порака која влијае врз животот на милиони луѓе во целиот свет?

[Фуснота]

^ пас. 9 Нешто повеќе за Исус и за неговата улога во Божјата намера можеш да прочиташ во 4. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.