Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мисионери испратени „до крајот на земјата“

Мисионери испратени „до крајот на земјата“

127. клас на Гилеад

Мисионери испратени „до крајот на земјата“

ИСУС им дал заповед на своите ученици да бидат сведоци „до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Јеховините сведоци сериозно ја сфаќаат оваа заповед.

Всушност, во изминативе 65 години, мисионери обучени на Мисионерската школа Гилеад помогнаа да се рашири ова проповедничко дело во преку 200 земји. Во сабота, на 12 септември 2009 год., уште 56 искусни проповедници дипломираа по пет месеци обука на мисионерската школа во Патерсон (Њујорк, САД).

Моќта на фантазијата

Стивен Лет, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, а воедно и претседавач на програмата, му се обрати на класот со темата „Мудро користи ја својата фантазија“. Најнапред ги предупреди дипломците на четири работи за кои не треба да ја користат својата фантазија. Првите три се: 1) Не фантазирај си дека материјалните работи може да ти обезбедат трајна заштита; 2) не фантазирај за неморални работи; и 3) немој премногу да се грижиш, замислувајќи си колку може да бидат лоши работите утре (Изреки 18:11; Матеј 5:28; 6:34). Во врска со третата работа, говорникот рече дека човек што претерано се грижи ги става вчерашните грижи врз денешните и посегнува напред за да ги стави во денешниот ден грижите што ги носи утрешниот ден. „Тоа е многу тежок товар“, рече брат Лет. Која е четвртата работа? Дипломците беа опоменати да не си замислуваат дека животот им бил поубав пред да започнат со мисионерската служба. Така би можеле да ги пропуштат убавите работи што им претстојат на нивните доделби.

Брат Лет потоа ги охрабри студентите да ја користат својата фантазија на четири корисни начини. Тој рече: 1) Предвиди ги ситуациите што би можеле да кријат физичка или духовна опасност за да можеш да ги избегнеш последиците; 2) претстави си ги сцените што ги читаш во Библијата и замисли си дека и ти си дел од нив; 3) замисли си дека секој човек со кој зборуваш на твојата нова задача еден ден ќе почне да му служи на Јехова; и 4) замисли се себеси на местото на оние на кои им проповедаш за да можеш да сфатиш како им е (Изреки 22:3).

Колку вреди да ги обучуваш другите

Дејвид Сплејн, член на Водечкото тело, зборуваше на темата „Овие работи довери им ги на верни луѓе“, земена од 2. Тимотеј 2:2. Кога апостол Павле му рекол на Тимотеј да обучува верни луѓе, немал намера Тимотеј само да ги поучи тие луѓе за непобитните вистини туку и да ги охрабри и тие самите да обучуваат други. Говорникот му рече на класот дека има голема потреба од мажи што ќе предводат во христијанските активности. Кога и како ќе се обучат тие? Брат Сплејн ги охрабри мисионерите да почнат да ги обучуваат тие мажи веднаш откако ќе почнат да ја проучуваат Библијата со нив.

Но, на кој начин можат мисионерите да ги обучат интересентите да бидат примери на вера за другите? Говорникот изнесе неколку начини. Мисионерите треба да ги обучат интересентите добро да се подготвуваат за материјалот што го проучуваат. Потоа, кога ќе почнат да доаѓаат на собраниските состаноци, треба да научат да се подготвуваат за материјалот што се разгледува на состаноците. „Ако некој не може сам да ја проучува Библијата“, рече говорникот, „никогаш нема да може да ги поучи другите.“ Брат Сплејн исто така кажа дека мисионерите можат да им помогнат на новите да бидат точни, финансиски да го поддржуваат проповедничкото дело и да ги слушаат оние што предводат. Тој рече дека најдобар начин да ги поучат другите за овие работи е самите да бидат добар пример.

Честа да се биде Јеховин сведок

Гај Пирс, кој исто така е член на Водечкото тело, одржа говор што се темелеше на Исусовите зборови запишани во Дела 1:8, „Ќе ми бидете сведоци“. Тој го потсети класот дека во првиот век од н.е., Израелците како народ ја изгубиле честа да бидат сведоци на Јехова. Оваа чест му била дадена на народ што ги донесувал плодовите на Царството (Матеј 21:43). Се покажало дека тој народ било собранието од помазани христијани. Говорникот го цитираше апостол Петар, кој рекол дека ‚светиот народ‘ од помазани христијани ќе ‚ги објавува‘ доблестите на Јехова (1. Петрово 2:6-9). Според тоа, Исус не сакал да каже дека христијаните ќе сведочат само за него, а не повеќе и за Јехова. Дури и самиот Исус е наречен „Верен сведок“ (Откровение 1:5; 3:14). Тој е најголемиот Сведок на Јехова кој ни служи како пример (1. Петрово 2:21).

Говорникот му рече на класот дека во денешно време Исусовите зборови од Дела 1:8 имаат уште поголемо значење. Зошто? Затоа што се исполнува еден значаен дел од тоа пророштво, како што можеме да прочитаме во Откровение 11:15! Божјето месијанско Царство е воспоставено. Сега, во буквална смисла на зборот, делото на сведочење се извршува „до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Брат Пирс истакна дека мисионерите сведочат за Јехова и за неговото Царство, а не за себе или за нивниот поранешен живот, култура и земја. Го охрабри класот да поучува „колку што е можно повеќе луѓе во времето што преостанува“.

Други истакнати мисли од програмата

Алекс Рајнмилер, помошник на Одборот за издавање, зборуваше на темата „Јехова ќе ти влее храброст“. Рече дека, ако мисионерите се потпираат на Јеховината сила, Тој ќе им помогне да ги препознаат своите јаки страни, да ги прифатат своите слаби страни, да се соочат со своите стравови и да му го дадат најдоброто нему.

На студентите им се обратија и двајца инструктори од Одделот за теократски школи, Сем Роберсон и Вилијам Семјуелсон. Брат Роберсон зборуваше на темата „Јас сум со тебе“, земена од Исаија 41:10. Тој рече дека мисионерите ќе доживеат многу радосни моменти. Но, ќе имаат и проблеми. Можат да излезат на крај со нив ако се угледаат на цар Давид, кој во молитва му се обратил на својот грижлив Татко (Псалм 34:4, 6, 17, 19). Говорот на брат Семјуелсон истакна дека е потребно да продолжиме да стекнуваме способност за расудување. Мисионерите што стекнале таква способност ќе можат да се воздржат од негативни реакции на нељубезните забелешки и нема лесно да се навредуваат (Изреки 2:10, 11).

Џим Манц, помошник на Одборот за пишување, интервјуираше по еден член на Одборите на подружниците на Република Грузија и Хондурас, како и еден член на Одборот на земјата на Република Таџикистан. Овие искусни браќа им дадоа на мисионерите совет како да се спријателуваат со луѓе што би можеле да бидат непријателски настроени, и тоа да го прават на тој начин што ‚ќе го надвладеат злото со добро‘ (Римјаните 12:21). Марк Нојмар, еден од инструкторите на Школата, ја водеше дискусијата во која студентите многу живо раскажаа искуства од службата на проповедање додека се обучуваа на Гилеад. Тој дел од програмата ја носеше интересната тема „Повелете, можам ли да ви помогнам?“

Претседавачот ја заклучи програмата цитирајќи стихови од новата песна со наслов „Се гледаш ли во новиот свет?“ Сите 6.509 присутни си заминаа потполно решени да сведочат за Јехова и за неговиот Син „до крајот на Земјата“.

[Табела/карта на страница 31]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

8 застапени земји

56 студенти

28 брачни парови

33,6 просечна возраст

18,3 просек на години во вистината

13,6 просек на години во полновремена служба

[Карта]

(Види во публикацијата)

Студентите од класот беа испратени во 22-те земји што се означени подолу

ЗЕМЈИ ВО КОИ СЕ ИСПРАТЕНИ

АЛБАНИЈА

БОЛИВИЈА

БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА

БУРУНДИ

ГВАЈАНА

ДЕМ. РЕП. КОНГО

ЈАМАЈКА

КАМБОЏА

КОСТАРИКА

КУРАСАО

МОЗАМБИК

МОЛДАВИЈА

НЕПАЛ

НИКАРАГВА

ПАНАМА

ПАРАГВАЈ

ПЕРУ

СРБИЈА

ТАНЗАНИЈА

УГАНДА

ХАИТИ

ЧИЛЕ

[Слика на страница 31]

127. клас што дипломира на Школата Гилеад

Во списокот долу, редовите се наведени однапред наназад, а имињата одлево надесно.

1) Маршал Т.; Прудент Л.; Машбурн А.; Розенстром С.; Теста А.; Такејама М.; Сиск М.

2) Грумс К.; Миура С.; Камачо М.; Росас С.; Бурк М.; Мејса И.; Јанг Г.; Герате Ш.

3) Бонија К.; Кналер Д.; Паралес Р.; Хоте С.; Такада Е.; Турнад М.; Соупел К.

4) Миура Ј.; Паралес К.; Прудент К.; Колбурн Ш.; Вилис Л.; Варанен А.; Сиск Б.; Такада Р.

5) Грумс Џ.; Варанен М.; Герате Б.; Стакхаус Р.; Вилсон Е.; Бонел Е.; Камачо Д.; Мејса Р.; Бонел М.

6) Такејама Ш.; Теста Џ.; Колбурн Т.; Машбурн К.; Вилис В.; Турнад Л.; Бурк Ј.; Стакхаус Џ.

7) Вилсон Џ.; Јанг Џ.; Маршал Е.; Росас М.; Кналер Џ.; Хоте Н.; Розенстром Е.; Соупел Џ.; Бонија О.