Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како гледа Бог на алкохолот?

Како гледа Бог на алкохолот?

Како гледа Бог на алкохолот?

НАШИОТ Творец, кој знае што е најдобро за нас, не забранува умерено пиење алкохол. * Напротив, тој му дал на човекот „вино, што го ведри срцето, масло, од кое свети лицето и леб, што го крепи срцето“ (Псалм 104:15Радосна Вест). Еднаш, Исус Христос придонел веселбата на една свадба да биде уште поголема со тоа што ја претворил водата во ‚најдобро вино‘ (Јован 2:3-10Радосна Вест).

Се разбира дека нашиот Творец точно знае како влијае алкохолот врз функциите на телото и на мозокот. Нашиот небесен Татко ‚нѐ учи за наше добро‘ и низ страниците на Библијата ни дава јасни опомени да не претеруваме со пиењето (Исаија 48:17). Обрни внимание на следниве директни предупредувања:

„Не опивајте се со вино, во кое има разузданост“ (Ефешаните 5:18). „Пијаниците... нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринќаните 6:9-11, Превод на МПЦ). Божјата Реч осудува „пијанство, развратни гозби и слични нешта“ (Галатите 5:19-21, Радосна Вест).

Да разгледаме некои опасности од прекумерното пиење.

Опасности од прекумерното пиење

Иако алкохолот има некои корисни дејства, тој содржи силни состојки што влијаат врз начинот на кој функционираат мозокот и телото. Преголемо количество алкохол може да предизвика некој од следниве проблеми:

Прекумерното пиење го отежнува просудувањето, и затоа на оној што пие ‚во умот ќе му биде бркотница‘ (Изреки 23:33, Радосна Вест). Ален, кој го спомнавме во претходната статија и кој порано многу пиел, објаснува: „Алкохолизмот не е само болест на телото, туку тоа е болест и на размислувањето и ставовите. Не сакаш да ја видиш болката што им ја нанесуваш на другите“.

Прекумерното пиење може да ти ја намали способноста да се контролираш. Библијата опоменува: „Виното и ширата го поматуваат разумот“ (Осија 4:11). Како? Под дејство на алкохол, мислите и желбите што обично ги потиснуваме може да почнат да ни изгледаат сосема во ред — па дури и примамливи. Може да ослаби нашата решеност да се држиме за она што е исправно. Под влијание на алкохолот може да станеме попустливи во поглед на моралот, а тоа, пак, може да води до духовна катастрофа.

На пример, Џон се скарал со жена му и налутен отишол во барот. Се напил неколку чашки за да се смири, и тогаш му пристапила некоја жена. Откако испил уште неколку пијалаци, Џон заминал со неа и направил прељуба. Потоа горко се каел што направил нешто за кое никогаш не би ни помислил доколку алкохолот не му ја намалел способноста да се контролира.

Прекумерното пиење може да води до непромислени зборови и постапки. „Кај кого мака? Кај кого кавги?“ — пишува во Библијата. „Кај оние кои се собираат околу виното, кај оние кои сакаат да пијат вино жестоко!“ (Изреки 23:29, 30, Радосна Вест). Претераното пиење може да предизвика да се чувствуваш „како заспан среде море и како задреман на врв на јарбол“ (Изреки 23:34, Превод на МПЦ). На човек што премногу испил може да му се случи да се разбуди ‚натепан, но ништо да не осетил‘ (Изреки 23:35, Радосна Вест).

Прекумерното пиење може да го наруши физичкото здравје. „На крај [алкохолот] каснува како змија и жилосува како змија лутица“ (Изреки 23:32, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Медицината потврдила колку е точна оваа древна изрека. Во големи количини, алкохолот може да биде смртоносен отров што предизвикува тешки последици. Некои од нив се различни видови рак, алкохолен хепатит, цироза на црниот дроб, панкреатитис, ниско ниво на шеќер во крвта кај дијабетичарите, алкохолен синдром на фетусот, како и мозочен удар или срцев застој. Но, дури и ако само еднаш се претера со пиење, може да настане кома или смрт. Меѓутоа, најсериозните последици од прекумерното пиење не се спомнати во ниедна медицинска книга.

Најголемата опасност. Дури и ако некој не се опива, неумереното пиење носи со себе духовни опасности. Библијата отворено вели: „Тешко на оние што стануваат рано наутро и бараат опоен пијалак, кои остануваат до доцна навечер, па ги распалува виното!“ Зошто? Исаија објаснува како влијае неумереното пиење врз нашиот однос со Бог: „За Јеховиното дело не им е грижа, не го гледаат делото на неговите раце“ (Исаија 5:11, 12).

Божјата Реч нѐ советува да не бидеме „меѓу оние што се опиваат со вино“ (Изреки 23:20). Постарите жени се опоменати да не „робуваат на многу вино“ (Тит 2:3). Зошто? Малку по малку — честопати без да забележат — луѓето почнуваат да пијат сѐ повеќе и сѐ почесто. На крајот, оној што пие може да почне да си вели: „Кога ќе се отрезнам — пак ќе се напијам“ (Изреки 23:35, Радосна Вест). Ако еден алкохоличар што цела ноќ ја поминал во пиење следното утро пак посегнува по чашката за да се отрезни, состојбата е крајно алармантна.

Библијата предупредува дека оние што се впуштаат „во пијанство, во разуздани гозби, во натпивања... ќе одговараат пред оној што веќе е готов да им суди на живите и на мртвите“ (1. Петрово 4:3, 5). А во врска со тешките времиња во кои живееме, Исус опоменал: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка“ (Лука 21:34, 35).

Но, што можат да направат оние што премногу пијат за да не ‚бидат оптоварени со опивање‘?

[Фуснота]

^ пас. 2 Во оваа статија, со зборовите „алкохол“ и „пијалак“ се мисли на пиво, вино и други алкохолни пијалаци.

[Слики на страници 4 и 5]

Прекумерното пиење може да води до многу проблеми