Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Земјата ќе биде уништена?

Дали Земјата ќе биде уништена?

Дали Земјата ќе биде уништена?

„КРАЈОТ на светот секогаш е актуелна тема, барем што се однесува до филмовите.“ Ова го изјавил новинарот Џон Скалци. Зошто публиката е фасцинирана од филмови во кои се прикажува крајот на светот? „Затоа што во нив се зборува за нашите стравови“, рекол Скалци. Се согласуваш ли со тоа? Дали имаме оправдани причини да се плашиме за тоа како и кога ќе дојде крајот на Земјата и на животот на неа?

Речиси секојдневно слушаме за природни катастрофи што сеат пустош низ светот. Ужасни снимки од такво уништување постојано се прикажуваат на ТВ и на Интернет. Кога сме бомбардирани со слики на кои гледаме како гинат вистински луѓе и како се уништуваат вистински места, лесно е да гледаме на крајот на светот како на реална закана, а не само како на филмска тема.

Научниците ги разгоруваат таквите стравови на тој начин што изнесуваат разни теории во врска со тоа каков крај ја чека нашата Земја. Некои дури го предвидуваат и датумот кога ѝ „истекува рокот на траење“ на Земјата, односно кога ќе ѝ дојде крајот. Во март 2008 год., списанието Monthly Notices of the Royal Astronomical Society извести за двајца астрономи кои предвидуваат дека, за приближно 7,59 милијарди години, Сонцето ќе ја проголта нашата планета и дека таа ќе испари.

Дали еден ден Земјата навистина ќе ја снема?

Дали Земјата има „рок на траење“?

Библијата нѐ уверува: „Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4). Јехова Бог сигурно ‚ја утврдил земјата на нејзините темели‘ и ја создал „за сета вечност“ (Псалм 104:5). Дали овие вдахновени зборови звучат премногу убаво за да бидат вистинити? Зошто можеш да веруваш дека Земјата нема да биде уништена, иако некои научници го тврдат спротивното?

Па, размисли за момент за производите на полиците во некоја продавница. На некои е напишан датумот кога им истекува рокот на траење. Кој го одредил тој датум? Дали шефот на продавницата го одредил на темел на своето искуство? Се разбира дека не! Произведувачот е тој што одредил до кога му е рокот на траење на тој производ. Имаме доверба во тој датум затоа што произведувачот најдобро ги познава своите производи. Колку повеќе треба да имаме доверба во Оној што ја создал нашата планета! Неговата реч јасно кажува дека „ја зацврстил земјата“ за да остане засекогаш. Нејзе никогаш нема да ѝ „истече рокот на траење“! (Псалм 119:90).

Но, дали можеби некои неодговорни луѓе ќе ја уништат Земјата до тој степен што повеќе нема да може да се поправи штетата? Воопшто не! За разлика од луѓето, Јехова ‚може сѐ‘ (Јов 42:2). Затоа, со сигурност може да гарантира: „Ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста“ (Исаија 55:11). Можеме да бидеме уверени дека нашиот „Творец“ нема да дозволи ништо да го спречи да ја изврши својата намера со Земјата (Псалм 95:6). Која е таа намера, и како ќе ја исполни?

Божјето Царство ќе ја исполни Божјата намера

Освен што гарантира дека Земјата никогаш нема да биде уништена, Божјата Реч ни кажува и дека тој ‚ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 45:18). Иако Земјата е населена веќе илјадници години, самото тоа не е исполнување на Божјата намера.

Јехова е „среќниот Бог“ и „ја сака правдата“ (1. Тимотеј 1:11; Псалм 37:28). Неговата намера е сите луѓе да живеат среќно и без да трпат неправди. За да го исполни ова, Бог прорекол дека ќе воспостави едно Царство на небото што ќе владее над целата Земја (Даниел 2:44). Додека бил на Земјата, Исус редовно зборувал за Божјето Царство. Ги охрабрил своите ученици да се молат за него затоа што знаел какви благослови ќе бидат излеани на Земјата кога ќе владее тоа Царство (Матеј 6:9, 10; 24:14). Кои се некои од тие благослови?

Ќе владеат мир и сигурност затоа што Бог ветува дека ќе им стави крај на сите војни (Псалм 46:9)

Ќе има изобилство храна за сите (Псалм 72:16)

Нема да има потреба од лекување затоа што „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24)

Нема да има тагување, бидејќи „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4)

Бог ветува дека неговите слуги ќе градат свои куќи, ќе живеат во сигурност, и ‚ќе се веселат довека‘ (Исаија 65:17-24)

Без сомнение и ти копнееш да живееш во услови како овие што ги спомнавме. Јехова гори од ревност — од огромна желба — да изврши сѐ што прорекол (Исаија 9:6, 7). Сепак, можеби си велиш: ‚Поминати се илјадници години откако во Библијата биле запишани Божјите ветувања. Зошто сѐ уште не се исполниле?‘

Божјата стрпливост значи спасение за нас

Биди уверен дека „Јехова не доцни со исполнувањето на своето ветување“. Библијата објаснува дека Бог покажува стрпливост кон нас бидејќи нѐ сака. Затоа, охрабрени сме ‚стрпливоста на нашиот Господар да ја сметаме за спасение‘ (2. Петрово 3:9, 15). Но, зошто Божјата стрпливост е неопходна за спасение?

Пред сѐ, Бог знае дека, за да им обезбеди на праведните луѓе сигурен и убав дом, најпрво ќе мора ‚да ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18). Меѓутоа, бидејќи ги сака луѓето, Јехова „не сака никој да биде уништен“. Од таа причина, нашиот небесен Татко стрпливо се обидува ‚да го одврати злиот од неговиот зол пат‘. За да го постигне тоа, Јехова сака пораката за неговото Царство да се проповеда низ целиот свет * (Езекиел 3:17, 18). Сите што реагираат на Божјето предупредување и живеат во склад со неговите праведни мерила, ќе бидат спасени и ќе живеат вечно во рај на Земјата.

Сврти се кон Бог за да се спасиш

Јасно е дека Библијата има „добра вест“ за нас (Матеј 24:14). Таа го содржи Божјето сигурно ветување дека Земјата никогаш нема да биде уништена! Освен тоа, според библиските пророштва, можеме да бидеме уверени дека „уште малку, и злиот ќе го снема“. Наскоро, само оние што се праведни во Божји очи „ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:9-11, 29; Матеј 5:5; Откровение 21:3, 4). Дотогаш, Бог ќе продолжи стрпливо да повикува: „Свртете се кон мене и спасете се, вие што живеете по краиштата на земјата“ (Исаија 45:22). Што ќе направиш ти?

Зошто не донесеш одлука да се свртиш кон Бог? Во Псалм 37:34 ни е даден советот: „Надевај се на Јехова и држи се за неговиот пат. Тој ќе те возвиши, и ти ќе ја поседуваш земјата“. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да научиш повеќе за Божјата вечна намера со Земјата и за тоа како можеш и ти да го дочекаш исполнувањето на таа намера.

[Фуснота]

^ пас. 21 Преку 7 милиони Јеховини сведоци во 236 земји во светот се послушни на Исусовата заповед запишана во Матеј 28:19, 20 и посветуваат околу една и пол милијарда часови годишно поучувајќи ги луѓето за Божјата величествена намера со Земјата.

[Извор на слика на страница 22]

Фотографија на NASA