Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е светиот дух?

Што е светиот дух?

Што е светиот дух?

ВО ЕДНА прилика, Исус ги прашал своите ученици: „Има ли татко меѓу вас, кој, ако неговиот син го замоли за риба, ќе му даде змија наместо риба? Или, ако го замоли за јајце, ќе му даде ли скорпија?“ (Лука 11:11, 12). Децата во Галилеја многу сакале да јадат јајца и риба; тие добро знаеле што е убаво.

Исус рекол дека треба упорно да бараме свет дух, исто како што едно гладно дете бара да јаде (Лука 11:9, 13). Ако разбереме што, всушност, е светиот дух, полесно ќе сфатиме колку важна улога може да игра и во нашиот живот. Затоа, да видиме најнапред што учи Библијата за светиот дух.

„Силата на Севишниот“

Библијата јасно покажува дека светиот дух е сила што Бог ја користи за да ја изврши својата волја. Кога ангелот Гавриел ѝ кажал на Марија дека ќе роди син иако била девица, тој ѝ рекол: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:35). Зборовите на Гавриел ни покажуваат дека постои поврзаност меѓу светиот дух и „силата на Севишниот“.

Слична мисла се појавува и на други места во Библијата. Пророкот Михеј рекол: „Јас сум полн со сила од Јеховиниот дух“ (Михеј 3:8). Исус им ветил на своите ученици: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас“ (Дела 1:8). Апостол Павле исто така зборувал за „силата на светиот дух“ (Римјаните 15:13, 19).

Што можеме да заклучиме од овие примери? Учиме дека постои тесна врска помеѓу светиот дух и Божјата сила. Всушност, светиот дух е силата со која се служи Јехова. И колку само е голема таа сила! Ние не можеме да разбереме колку голема сила, или енергија, била потребна за да се создаде целата вселена. Преку пророкот Исаија, Јехова ни вели да размислуваме за следново: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име. Поради неговата голема моќ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно“ (Исаија 40:26).

Со овие зборови, Библијата покажува дека вселената и сиот ред и хармонија што владеат во неа постојат благодарение на моќта и силата на Семоќниот Бог. Се разбира, Божјата сила е неизмерна, а од неа зависи и самото наше постоење. (Види ја рамката „Како дејствува светиот дух“.)

Јехова може да го употреби својот свет дух за големи работи, како тогаш кога ја создавал вселената. Но, може да го употреби и за доброто на луѓето што ги создал. Во Библијата многу пати се спомнува дека со својата сила Бог ги зајакнал своите слуги на Земјата.

„Јеховиниот дух е врз мене“

Службата на Исус ни дава извонреден увид во тоа како Божјиот свет дух може да им даде сила на неговите слуги. „Јеховиниот дух е врз мене“, им рекол Исус на луѓето во Назарет (Лука 4:18). Што направил тој „со силата на духот“? (Лука 4:14). Лекувал секакви болести, ги стивнал брановите на разбеснетото море, нахранил илјадници луѓе со неколку леба и риби, па дури и воскреснувал мртви. Апостол Петар рекол дека Исус е „човекот кого Бог... го потврди со моќни дела, со предзнаци и со чудесни знаци, кои преку него ги направи“ (Дела 2:22).

Денес светиот дух не прави такви чуда. Сепак, тој може да направи чудесни работи за нас. Јехова спремно им го дава својот свет дух на оние што му служат, во склад со ветувањето што Исус им го дал на своите ученици (Лука 11:13). Затоа, апостол Павле можел да рече: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13). Може ли светиот дух да игра таква улога и во твојот живот? На ова прашање ќе добиеме одговор во следната статија.

[Рамка/слика на страница 5]

Од каде знаеме дека светиот дух не е личност

Библијата го споредува светиот дух со вода. Кога му ветил на својот народ дека ќе му излее благослови, Бог рекол: „Ќе излеам вода врз жедниот и потоци врз сувото место. Ќе го излеам својот дух врз твоето семе, и својот благослов врз твоите потомци“ (Исаија 44:3).

Кога Бог го излева својот дух врз оние што му служат, тие се ‚полни со свет дух‘, или ‚исполнети со свет дух‘. За Исус, Јован Крстител, Петар, Павле, Варнава и учениците што се собрале на Педесетница 33 год. од н.е. се вели дека биле полни, или исполнети со свет дух (Лука 1:15; 4:1; Дела 4:8; 9:17; 11:22, 24; 13:9).

Размисли за ова: Можно ли е една личност да биде ‚излеана‘ врз многу луѓе? Дали би рекол дека една личност може да ‚исполни‘ цела група луѓе? Тоа нема никаква смисла! Библијата спомнува дека некои луѓе биле исполнети со мудрост, со добрина, со радост или со добро познавање на Божјата волја, но никогаш не вели дека некој бил исполнет со некоја друга личност (5. Мојсеева 34:9; Дела 6:8; 13:52; Колошаните 1:9).

Грчкиот збор преведен со „дух“ е пне́вма, што има значење и на невидлива сила. Според Толковниот речник на зборови од Новиот завет (Expository Dictionary of New Testament Words) од Вајн, зборот пне́вма „првенствено означува ветар... како и здив; а особено [го означува] духот, кој, како ветрот, е невидлив, нематеријален и моќен“.

Според тоа, јасно е дека светиот дух не е личност. *

[Фуснота]

^ пас. 19 Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Вистината за Таткото, Синот и светиот дух“, на страници 201-204 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Извор на слика]

Photodisc/SuperStock