Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Како успеал еден човек што во младоста почнал да пуши марихуана и тутун да најде сила да прекине со овие навики? Што му помогнало на еден насилен член на банда да го совлада својот гнев и да ја победи расната омраза? Прочитај што има да каже секој од нив.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ХАЈНРИХ МААР

ВОЗРАСТ: 38

ЗЕМЈА: КАЗАХСТАН

НЕКОГАШ: ЗАВИСНИК ОД МАРИХУАНА И ТУТУН

МОЕТО МИНАТО: Роден сум во јужен Казахстан, околу 120 километри од градот Ташкент. Тој предел беше сув и жежок во лето, со температури до 45°С, а во зима температурата паѓаше до -10°С — идеални услови за одгледување грозје и марихуана.

Моите родители имаа германско потекло. Двајцата беа евангелски христијани, но не беа активни верници. Сепак, ме научија да ја кажувам напамет молитвата Оченаш. Кога имав 14 години, мајка ми и мојата постара сестра некое време ја проучуваа Библијата со Јеховините сведоци. Еднаш слушнав кога двете жени што проучуваа со мајка ми ѝ го покажаа Божјето име, Јехова, во нејзината стара Библија. Тоа ми остави силен впечаток. Но, мајка ми престана да проучува, па така замре и мојот интерес за духовните работи. Сепак, во училиште наставничката постојано ни кажуваше секакви лаги за таканаречената секта Јеховини сведоци. Бидејќи јас и сестра ми имавме отидено на неколку состаноци на Јеховините сведоци, ѝ реков на наставничката дека не е точно ништо од она што ни го кажа.

Кога наполнив 15 години, ме испратија да учам занает во Ленинград, денешен Санкт Петербург (Русија). На моите цимери им го раскажав она малку што го знаев за Јехова. Меѓутоа, почнав да пушам. Кога одев дома во Казахстан, лесно можев да купам марихуана, иако тоа не беше легално. Исто така, пиев многу вотка и домашно вино.

Завршив занаетчиско училиште и потоа две години служев во советската војска. Сепак, не заборавив некои работи што ги научив од Библијата кога бев мал. Кога ќе се појавеше прилика, разговарав со другите војници за Јехова и ги бранев Сведоците кога ќе чуев лаги за нив.

Откако го отслужив воениот рок, отидов да живеам во Германија. Додека бев во еден камп за имигранти, добив една публикација издадена од Сведоците. Ја прочитав со голем интерес и ми беше јасно дека сѐ што пишуваше во неа беше точно. Меѓутоа, не можев да ги оставам цигарите и марихуаната. По некое време се преселив во близина на градот Карлсруе. Таму запознав еден Јеховин сведок и почнав да ја проучувам Библијата.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Долго време имав мислење дека Библијата е Божја реч. А откако ја прочитав книгата што ја добив во кампот, бев уверен дека Библијата дава одговор на сите важни прашања во животот. Сепак, ми требаше долго време за да ги променам моите навики. На крајот, поттикнат од библискиот совет од 2. Коринќаните 7:1, решив да се очистам од „секоја валканост на телото и духот“, што значеше дека треба да се откажам од марихуаната и од тутунот.

Речиси веднаш престанав да пушам марихуана. Но, ми требаа цели шест месеци за да ги оставам цигарите. Еден ден, Сведокот што проучуваше со мене ме праша: „Која е смислата на твојот живот?“ Тоа ме натера да размислам за мојата зависност од цигарите. Неколку пати се обидов да прекинам со пушењето. Но, решив да се молам пред да посегнам по цигара, а не да го молам Бог да ми прости откако ќе ја испушам цигарата. Во 1993 год. си зацртав датум кога сосема ќе прекинам со пушењето. Со Јеховина помош, оттогаш не сум зел цигара в рака.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Сега, откако се ослободив од скапата и штетна зависност од марихуаната и од тутунот, здравјето ми се подобри. Денес имам голема чест да служам како доброволец во подружницата на Јеховините сведоци во Германија. Радосен сум што научив да ги применувам мудрите библиски совети! Тоа што знам што учи Библијата ми даде вистинска смисла во животот.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

ИМЕ: ТАЈТУС ШАНГАДИ

ВОЗРАСТ: 43

ЗЕМЈА: НАМИБИЈА

НЕКОГАШ: НАСИЛЕН ЧЛЕН НА БАНДА

МОЕТО МИНАТО: Израснав во едно село во областа Охангвена, во северна Намибија. За време на војната што се водеше во 1980-тите во тој регион, многу луѓе од моето село беа тепани и убивани. Во селото, секое машко дете се сметаше за вистински маж само ако беше добар тепач и ако можеше да ги истепа другите деца. Затоа, јас научив да се тепам!

Кога завршив со училиштето, отидов да живеам со вујко ми во крајбрежниот град Свакопмунд. Кратко потоа ѝ се придружив на една банда млади бунтовници. Намерно одевме во хотели и барови во кои црнците не беа добредојдени, само за да предизвикаме тепачки. Неколку пати се тепавме со луѓето од обезбедувањето и со полицијата. Секоја вечер носев остар, долг нож за да бидам подготвен да го нападнам секого што ќе ме спречи во моите намери.

Една вечер, додека се тепавме со една соперничка банда, за малку ќе ме убиеја. Еден од противниците ми дојде од зад грб и за малку ќе ми ја отсечеше главата, но еден од мојата банда го удри и го онесвести. И покрај ваквата блиска средба со смртта, насилството продолжи да доминира во мојот живот. Се карав со секого, машко или женско, и секогаш бев тој што го задава првиот удар.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога првпат сретнав една жена што беше Јеховин сведок, таа ми прочита стихови од 37. Псалм и ми рече дека во библиската книга Откровение се запишани и други убави ветувања за иднината. Но, бидејќи не ми кажа на кое место се запишани тие ветувања, набавив една Библија и таа ноќ ја прочитав целата книга Откровение. Многу ми се допадна ветувањето од Откровение 21:3, 4, дека „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“. Кога повторно дојдоа Сведоците, се согласив да ја проучувам Библијата.

Многу ми беше тешко да го сменам начинот на кој размислував и постапував. Но, од Дела 10:34, 35 научив дека „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“. Исто така, вложував голем напор за да се држам за советот од Римјаните 12:18: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“.

Освен што научив да го совладувам гневот, морав да прекинам и со мојата голема зависност од тутунот. Честопати со солзи во очите го молев Јехова да ми помогне. Но, во почетокот очигледно правев сѐ сосема погрешно, бидејќи велев дека ја пушам мојата „последна“ цигара, а дури потоа се молев. Сведокот што проучуваше со мене ми помогна да сфатам дека треба да се молам пред да земам цигара. Освен тоа, гледав да не бидам во друштво на пушачи. Исто така, го послушав советот да им зборувам на моите колеги за тоа колку е штетно пушењето. Ова многу ми помогна, бидејќи престанав да добивам бесплатни цигари — пушачите на работа повеќе не ми нудеа цигара.

Конечно успеав да престанам да пушам и расчистив со мојот поранешен живот. По шест месеци учење и примена на библиските начела, ги исполнив условите да се крстам како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Се уверив дека Јеховините сведоци ја имаат вистинската религија кога ја видов љубовта што владее меѓу нив, без оглед на нивната раса или боја на кожата. Уште пред да станам Сведок, еден член од собранието кој беше белец ме покани на ручек. За мене тоа беше како сон. Никогаш порано не сум седел во мир со белец, а камоли да ручам во неговиот дом. Сега припаѓам на едно вистинско меѓународно братство.

Во минатото, луѓето од обезбедувањето и полицијата се обидуваа да ме натераат да го променам мојот начин на размислување и постапување, но не успеаја. Само Библијата успеа да ми помогне да ја променам мојата личност и да бидам среќен.

[Истакната мисла на страница 29]

„Честопати со солзи во очите го молев Јехова да ми помогне“