Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тајни на семејната среќа

Од тинејџер до возрасен човек

Од тинејџер до возрасен човек

„Порано уживав да зборувам со моите синови. Внимателно ме слушаа кога ги поучував. Но сега, кога се тинејџери, се расправаме скоро за сѐ. Дури не ги сакаат ни духовните активности. ‚Навистина ли мораме да зборуваме за Библијата?‘ велат тие. Пред да влезат во пубертет, не ни помислував дека вакво нешто ќе му се случи на моето семејство — дури ни кога гледав дека тоа им се случува на другите семејства“ (Роберт). *

ДАЛИ и ти имаш син или ќерка во тинејџерски години? Ако да, тогаш си сведок на највозбудливата фаза од процесот на созревање на твоето дете. Но, од друга страна, тоа може да биде и многу стресен период. Дали можеби ти се познати следниве ситуации?

  • Кога син ти беше помал, тој беше како чамец врзан за пристаништето — за тебе. Сега, како тинејџер, го влече јажето и сака да исплови, а ти имаш чувство дека не си добредојден на чамецот.

  • Кога ќерка ти беше дете, сѐ ти кажуваше. Сега, како тинејџерка, си има свое друштво во кое тебе пристапот ти е забранет.

Ако нешто слично се случува и во твоето семејство, немој веднаш да заклучиш дека твоето дете станува непоправлив бунтовник. Што, всушност, се случува тогаш? За да го дознаеме одговорот на ова прашање, да разгледаме каква важна улога имаат тинејџерските години во развојот на детето.

Тинејџерски години — важно скалило од животот

Откако ќе се роди, сѐ во животот на едно дете е ново и се случува за првпат — првите чекори, првиот збор, првиот ден на училиште и слично. Родителите многу се радуваат кога ќе се случи такво нешто. Тоа покажува дека нивното дете расте.

И тинејџерските години се важно скалило од животот — иако на некои родители тие им носат големи грижи. Нивната загриженост е сосема разбирлива. На крајот на краиштата, зарем некој родител би бил среќен ако неговото послушно дете стане раздразлив тинејџер? Сепак, тинејџерските години се важна фаза од созревањето. Зошто?

Библијата вели дека во животот доаѓа време кога „човек ќе ги остави татка си и мајка си“ (1. Мојсеева 2:24). Главната цел на тинејџерските години е да го подготват твојот син или ќерка за тој радосен, но тежок ден. Тогаш, твоето дете ќе може да каже, како што рекол апостол Павле: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11).

Во суштина, тоа се случува со твојот син или ќерка за време на тинејџерските години — ги остава детските особини и учи како да стане одговорна и самостојна личност, доволно зрела да си замине од дома. Една книга ги опишува тинејџерските години како една „долга, тешка разделба“.

Можеби сега не ти се верува дека твоето „мало“ момче или девојче ќе стане самостојно. Можеби си велиш:

  • „Ако син ми не може да си ја одржува средена ни својата соба, како ќе се грижи за цел стан?“

  • „Ако ќерка ми не може да се држи за договореното време кога треба да се врати дома, како ќе може еден ден да го задржи работното место?“

Ако и тебе те притискаат слични грижи, имај го на ум следново: Самостојноста не е само врата низ која ќе помине твоето дете туку еден долг пат и потребни се години за да го заврши тоа патување. Од искуство знаеш дека „глупоста е приврзана за срцето на детето“ (Изреки 22:15).

Сепак, исправната поука ќе му помогне на твоето дете од тинејџер да стане одговорен млад човек ‚чија моќ на согледување преку искуство му е извежбана да разликува добро и зло‘ (Евреите 5:14).

Тајната на успехот

За да го подготвиш твојот тинејџер да стане возрасен, треба да му помогнеш да го користи „својот разум“ за да може сам да донесува мудри одлуки * (Римјаните 12:1, 2). Следниве библиски начела ќе ти помогнат во тоа.

Филипјаните 4:5: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“. На пример, син ти бара да го пуштиш да излегува до подоцна. Ти веднаш го одбиваш, но тој ти се жали: „Постапуваш со мене како со дете!“ Пред да му одговориш: „Па, ти се однесуваш како дете“, размисли за следново: Тинејџерите сакаат да имаат поголема слобода отколку што треба да им се даде, но родителите сакаат да им дадат помала слобода отколку што децата заслужуваат. Дали можеш, одвреме-навреме, да направиш некои отстапки? Или барем размисли како син ти гледа на работите.

ПРЕДЛОГ: Запиши една или две работи за кои можеш да му дадеш поголема слобода на твоето дете. Објасни му дека тоа му е еден вид проба. Ако биде одговорен, во иднина може да му биде дозволено повеќе. Ако ја злоупотреби слободата, тогаш ќе му биде одземена (Матеј 25:21).

Колошаните 3:21: „Татковци, не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“. Некои родители се обидуваат да го контролираат својот тинејџер во сѐ — го следат секој негов чекор. Ги избираат неговите пријатели и ги прислушуваат неговите телефонски разговори. Но, тоа може да има само спротивен ефект. Ако го ограничуваш, можеби ќе посака да избега, ако постојано ги критикуваш неговите пријатели, можеби уште повеќе ќе сака да се дружи со нив. Ако го прислушуваш, можеби со тоа само ќе го натераш да контактира со пријателите зад твој грб. Колку повеќе се трудиш да го контролираш, толку помала контрола ќе имаш врз него. Навистина, ако твојот тинејџер никогаш не научи самиот да донесува одлуки додека сѐ уште е дома, како ќе го прави тоа откако ќе си замине?

ПРЕДЛОГ: Следниот пат кога ќе разговараш со твојот тинејџер за некој проблем, помогни му да размислува како неговите одлуки ќе се одразат на неговиот углед. На пример, наместо да ги критикуваш неговите пријатели, прашај го: „Што ако го уапсат [тој и тој] затоа што го прекршил законот? Како ќе гледаат другите на тебе?“ Помогни му да сфати дека изборот што ќе го направи може или да му го подобри или да му го расипе угледот (Изреки 11:17, 22; 20:11).

Ефешаните 6:4: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“. Изразот „воспитувајте ги“ вклучува повеќе отколку само да изнесеш факти. Тоа значи да го научиш детето да гледа на работите од морална гледна точка, а и да постапува така. Ова е особено важно кога твоето дете станува тинејџер. Еден татко, Андреј, вели: „Колку поголеми стануваат децата толку повеќе мора да го менуваш својот пристап и да разговараш со нив“ (2. Тимотеј 3:14).

ПРЕДЛОГ: Кога ќе се појави некој проблем, обидете се да си ги смените улогите. Прашај го твојот тинејџер каков совет би ти дал кога ти би бил негово дете. Нека истражува за да најде аргументи кои го поткрепуваат или го побиваат неговото мислење. Разговарајте повторно за една седмица.

Галатите 6:7: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“. Едно мало детенце можеш да го поучиш ако го казниш — на пример, да не излегува од својата соба или да не му дозволиш да прави нешто што сака. Но, на еден тинејџер би било подобро да му укажеш какви можат да бидат последиците од неговите постапки (Изреки 6:27).

ПРЕДЛОГ: Не го извлекувај од незгодни ситуации така што ќе ги плаќаш неговите долгови или ќе го правдаш кај професорот за ниската оценка што ја добил. Остави го да се соочи со последиците зашто така поуката ќе му се вреже во срцето.

Како родител, веројатно посакуваш тинејџерските години да се како една писта од која твоето дете ќе може без пречки и успешно да полета кон целта — возрасен човек. Но најчесто, полетувањето не е толку лесно. Сепак, додека твоето дете е во тинејџерски години, имаш прекрасна можност ‚да го воспитуваш според патот по кој треба да оди‘ (Изреки 22:6). Библиските начела се цврста основа за среќен семеен живот.

^ пас. 3 Името е сменето.

^ пас. 19 Иако во оваа статија за детето се зборува во машки род, начелата во неа важат и за девојчињата.

ПРАШАЈ СЕ...

Кога ќе дојде време да си замине од дома, дали мојот тинејџер ќе биде способен:

  • да одржува добра духовна рутина

  • да донесува добри одлуки

  • да знае добро да комуницира со другите

  • да се грижи за своето здравје

  • да знае да води сметка за парите

  • да го одржува и чисти станот или куќата

  • да биде мотивиран