3. Дознај ја вистината за Исус
3. Дознај ја вистината за Исус
„Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16)
ЗОШТО НЕ Е ЛЕСНО? Некои ќе те уверуваат дека Исус не постоел. Други, пак, веруваат дека постоел, но тврдат дека бил само обичен човек што умрел многу одамна.
КАКО ДА УСПЕЕШ? Постапи како ученикот Натанаел. * Неговиот пријател Филип му рекол дека го нашол Месијата — „Исус, синот на Јосиф, од Назарет“. Меѓутоа, Натанаел не му поверувал слепо, туку му одговорил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Сепак, го послушал Филип да отиде и да види самиот (Јован 1:43-51). Ќе биде добро и ти да ги испиташ самиот доказите во врска со Исус. Како би можел да го направиш тоа?
Испитај ги историските докази дека Исус навистина постоел. Јосиф и Тацит биле двајца угледни историчари што живееле во првиот век, но не биле христијани. Тие го спомнуваат Исус Христос како историска личност. Опишувајќи како римскиот император Нерон ги обвинил христијаните за пожарот во Рим во 64 год. од н.е., Тацит напишал: „Нерон им ја припиша вината и ги изложи на најтешки маки една група луѓе омразени поради нивните гнасни дела, меѓу народот наречени христијани. Христос, по кого го добиле името, беше најстрого казнет за време на владеењето на Тибериј од рацете на еден од нашите управители, Понтиј Пилат“.
Во врска со фактот што историчарите од 1 и 2 век ги спомнуваат Исус и првите христијани, Encyclopædia Britannica (издание од 2002 год.) вели: „Ваквите извештаи кои се независни еден од друг докажуваат дека, во минатото, дури и противниците на христијанството не се сомневале дека Исус навистина постоел, што првпат почнало неосновано да се оспорува кон крајот на 18 век, а продолжило и во текот на 19 век и во почетокот на 20 век“. Во 2002 год., во воведната статија на The Wall Street Journal пишуваше: „Повеќето изучувачи, освен некои атеисти, веќе го прифатија Исус од Назарет како историска личност“.
Разгледај ги доказите дека Исус воскреснал. Кога противниците го уапсиле Исус, најблиските го напуштиле, а неговиот пријател Петар уплашено одрекол дека го познава (Матеј 26:55, 56, 69-75). Откако бил уапсен Исус, неговите следбеници се разбегале (Матеј 26:31). Потоа, неочекувано, тие станале многу активни. Петар и Јован храбро се соочиле со истите луѓе што сковале заговор да биде убиен Исус. Добиле толкава мотивација што ги ширеле неговите учења низ целото Римско Царство, при што биле поспремни да умрат отколку да ги погазат своите верувања.
Што ги натерало толку драстично да го променат ставот? Апостол Павле објаснил дека Исус воскреснал и ‚му се појавил на Кифа [Петар], а потоа на дванаесеттемина‘. Потоа додал: „Потоа им се појави на браќата, кои заедно беа повеќе од петстотини“. Повеќето очевидци сѐ уште биле живи во времето кога Павле ги напишал тие зборови (1. Коринќаните 15:3-7). Можеби скептиците лесно ќе го отфрлеле сведоштвото на еден или двајца очевидци (Лука 24:1-11). Но, сведоштвото на повеќе од петстотини очевидци дало убедлив доказ дека Исус бил подигнат од мртвите.
КОЈА Е КОРИСТА? На оние што имаат вера во Исус и го слушаат, може да им бидат простени гревовите и да имаат чиста совест (Марко 2:5-12; 1. Тимотеј 1:19; 1. Петрово 3:16-22). Ако умрат, Исус ветува дека ќе ги воскресне „во последниот ден“ (Јован 6:40).
Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во 4. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, * со наслов „Кој е Исус Христос?“, и во 5. поглавје, со наслов „Откупнината — најголемиот дар од Бог“.
[Фусноти]
^ пас. 4 Матеј, Марко и Лука, кои напишале по едно евангелие, веројатно го спомнуваат Натанаел со името Вартоломеј.
^ пас. 10 Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 7]
Испитај ги доказите во врска со Исус, како што направил и Натанаел