Библијата менува животи
Библијата менува животи
Што мотивирало една жена да стане чесен работник, иако претходно шверцувала дијаманти и крадела од својот шеф? Што ѝ помогнало на друга жена да најде смисла во животот откако двапати се обидела да изврши самоубиство? Како еден пијаница и наркоман собрал сили да се ослободи од овие тешки пороци? Прочитај што имаат да кажат овие лица.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
ИМЕ: МАРГАРЕТ ДЕБРУЈН
ВОЗРАСТ: 45
ЗЕМЈА: БОЦВАНА
НЕКОГАШ: ШВЕРЦЕР И КРАДЕЦ
МОЕТО МИНАТО: Татко ми имаше германско потекло, но стана државјанин на Југозападна Африка (денешна Намибија). Мајка ми беше од Боцвана, од племето Манголога. Јас сум родена во Гобабис (Намибија).
Во 1970-тите, јужноафриканската влада имаше огромно влијание врз Намибија и строго го воведе апартхејдот во сите градови и села. Бидејќи моите родители не беа од иста раса, мораа да се разделат. Така, мајка ми ги зеде моите браќа, сестри и мене и се врати да живее во Ганси (Боцвана).
Во 1979 год., се преселив во Лобатсе (Боцвана). Додека не завршив со школувањето, живеев со луѓето што ме посвоија. Подоцна најдов работа како службеничка во една автомеханичарска работилница. Уште од мала не верував дека Бог се грижи за луѓето, туку дека човек треба да направи сѐ што знае и умее — сеедно дали е исправно или погрешно — за да се прехрани себеси и семејството.
Бидејќи на работа бев на одговорна положба, можев лесно да крадам резервни делови од мојот шеф. Кога низ градот ќе поминеше воз ноќе, со моите пријатели се качувавме во него и крадевме сѐ што ќе најдевме. Се занимавав и со шверцување дијаманти, злато и бронза. Почнав да се дрогирам, станав многу насилна и имав многу момчиња.
Но, во 1993 год., ме фатија како крадам, и затоа ја изгубив работата. Моите „пријатели“ избегаа од страв дека и нив ќе ги фатат. Тоа многу ме повреди, и оттогаш решив да немам доверба во никого.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во 1994 год., ги запознав Тим и Вирџинија, двајца мисионери на Јеховините сведоци. Ми пристапија на моето ново работно место и ми помогнаа да научам многу за Библијата. На почетокот проучувавме за време на мојата пауза за ручек, но подоцна, кога сфатив дека можам да им верувам, ги викнав да проучуваме кај мене дома.
Наскоро сфатив дека, за да му угодам на Бог, ќе треба да направам некои промени во животот. На пример, од 1. Коринќаните 6:9, 10 дознав дека „ни блудници... ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние што зборуваат погрдно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“. Една по една, расчистував со моите лоши навики. Престанав да крадам и да се дружам со гангстерите со кои пораснав. Потоа, со силата што ми ја даде Јехова, расчистив и со моите момчиња.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Со голем труд, научив да си го контролирам наравот и да не им се развикувам на моите деца кога нешто ќе тргне наопаку (Ефешаните 4:31). Се трудам да зборувам за сѐ на мирен начин. Тоа води до саканите резултати и нѐ зближува како семејство.
Моите поранешни пријатели, дури и моите соседи, сфатија дека сега можат да имаат доверба во мене. Станав чесна, доверлива работничка која може совесно да работи со стока и со пари. На тој начин можам да се издржувам додека голем дел од времето им помагам на другите да научат повеќе за Библијата. Сосема се согласувам со зборовите од Изреки 10:22: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
ИМЕ: ГЛОРИЈА ЕЛИСАРАРАС ДЕ ЧОПЕРЕНА
ВОЗРАСТ: 37
ЗЕМЈА: МЕКСИКО
НЕКОГАШ: СЕ ОБИДЕЛА ДА СЕ САМОУБИЕ
МОЕТО МИНАТО: Пораснав во богата градска четврт во Наукалпан, во Мексико. Уште како мала бев многу бунтовна и сакав да одам на забави. Почнав да пушам на 12, да пијам на 14 и да се дрогирам на 16 години. Не помина многу долго и заминав од дома. Повеќето мои пријатели потекнуваа од проблематични семејства во кои трпеле физичко или вербално малтретирање. Животот ми се чинеше толку безнадежен што двапати се обидов да се самоубијам.
Кога имав 19 години, почнав да работам како манекенка. Затоа често бев во друштво на политичари и луѓе од светот на забавата. Се омажив и имав деца, но јас бев таа што ги донесуваше одлуките во семејството. Исто така, продолжив да пушам и да пијам, и живеев со многу брзо темпо. Кога зборував, користев вулгарни зборови и сакав безобразни шеги. Имав многу лоша нарав.
Повеќето луѓе со кои се дружев не се разликуваа многу од мене. Тие си мислеа дека јас имам сѐ. Но, мојот живот и понатаму беше празен, без никаква цел.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Почнав да ја проучувам
Библијата со Јеховините сведоци во 1998 година. Од неа научив дека животот има смисла. Сфатив дека Јехова Бог сака повторно да ја претвори Земјата во рај, дека ќе ги воскресне мртвите и дека и јас ќе можам да го доживеам тоа.Исто така, сфатив дека на Бог ќе му покажеме дека го сакаме со тоа што ќе му бидеме послушни (1. Јованово 5:3). Во почетокот тоа воопшто не ми беше лесно затоа што никогаш дотогаш не прифаќав совети од никого. Меѓутоа, со текот на времето сфатив дека не можам сама да управувам со мојот живот (Еремија 10:23). Го молев Јехова да ме води. Го молев да ми помогне да си го доведам животот во склад со неговите мерила и да ги научам моите деца да живеат живот поинаков од мојот.
Многу ми беше тешко да ги направам потребните промени, но почнав да го применувам советот од Ефешаните 4:22-24: „Треба да ја соблечете старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот... и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“. Во мојот случај, облекувањето на новата личност значеше да се откажам од лошите навики, како што беше пушењето, и да научам да се изразувам поинаку, без да користам безобразни зборови. Ми беа потребни речиси три години за да ги направам тие промени и да се крстам како Јеховин сведок.
Освен тоа, почнав сериозно да ја сфаќам улогата на сопруга и мајка. Почнав да го применувам советот од 1. Петрово 3:1, 2: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Многу сум му благодарна на Јехова затоа што сега знам дека животот има смисла. Чувствувам дека сум многу подобра личност и знам добро да ги воспитувам моите деца. Понекогаш срцето ме осудува за она што сум го правела во минатото, но Јехова го знае моето срце (1. Јованово 3:19, 20). Без сомнение, тоа што живеам според библиските мерила ме штити и ми носи душевен мир.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
ИМЕ: ЏЕЈЛСОН КОРЕА ДЕ ОЛИВЕИРА
ВОЗРАСТ: 33
ЗЕМЈА: БРАЗИЛ
НЕКОГАШ: ПИЈАНИЦА И НАРКОМАН
МОЕТО МИНАТО: Роден сум во Баге, град во Бразил со околу 100.000 жители, кој се наоѓа близу до границата со Уругвај. Главни стопански гранки во овој крај се земјоделството и сточарството. Израснав во сиромашно место каде што различни банди вршеа насилство, а меѓу младите беа раширени алкохолот и дрогата.
Завршив со училиштето, почнав да пијам, да пушам марихуана и да слушам хеви-метал музика. Не верував во Бог. Сметав дека сите страдања и хаосот во светот се доказ дека не постои Бог.
Свирев на гитара и пишував песни. Честопати црпев инспирација од библиската книга Откровение. Мојата група не беше толку успешна како што очекував, па почнав сѐ повеќе да користам тешки дроги. Не ми беше грижа дали ќе умрам од предозираност. Многу пејачи што ми беа идоли завршија со таква смрт.
За да си купувам дрога, земав пари од баба ми, која ме одгледа. Лажев кога ќе ме прашаше зошто ми се парите. Што е уште полошо, почнав да се занимавам и со окултизам. Ме привлекуваше црната магија и си мислев дека таа ќе ми помогне да компонирам подобри песни.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Откако почнав да ја проучувам Библијата и да одам на состаноците на Јеховините сведоци, почнав да се менувам. Малку по малку, кај мене се раѓаше желба да живеам и да бидам среќен. Со овој нов став, одлучив да си ја потстрижам долгата коса. Ја имав оставено да расте како знак на моето незадоволство и бунтовност. Потоа сфатив дека, ако сакам да му угодам на Бог, ќе мора да престанам да пијам, да се дрогирам и да пушам. Исто така, сфатив дека ќе треба да го променам и мојот вкус за музика.
Кога првпат отидов на состанок на Јеховините сведоци, забележав еден библиски стих што стоеше испишан на ѕидот. Беше земен од Изреки 3:5, 6 и гласеше: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“. Размислував за овој библиски стих и се уверив дека Јехова ќе ми помогне да го променам мојот живот, само ако му дозволам.
Сепак, да престанам да живеам како што бев навикнат и да се откажам од моите пороци беше исто толку тешко како да си ја отсечам раката (Матеј 18:8, 9). Не можев да ги правам тие промени малку по малку. Знаев дека тоа нема да успее кај мене. Затоа, преку ноќ прекинав со моите лоши навики. Исто така, ги избегнував сите места и луѓе што можеа да ми влијаат да се вратам на мојот стар, лош живот.
Научив да се радувам на она што ќе го постигнев секој ден, а не да се концентрирам на моментите кога бев обесхрабрен. Сметав дека ќе биде голема чест да бидам физички, морално и духовно чист во Јеховини очи. Го молев Јехова да ми помогне да не мислам на минатото, туку да гледам напред. Понекогаш ќе подлегнев на некој стар порок. Сепак, не го откажував терминот за проучување на Библијата, иако понекогаш бев мамурен од пиење.
Многу ми звучеше логично вистината за Бог што ја дознав од Библијата — дека тој е заинтересиран за секого од нас, дека ќе ја уништи лажната религија и дека во денешно време води едно проповедничко дело низ целиот свет (Матеј 7:21-23; 24:14; 1. Петрово 5:6, 7). Овие работи се вклопуваа толку добро како делови од сложувалка. На крајот, одлучив да му го посветам својот живот на Бог. Сакав да ја покажам мојата благодарност за сѐ што имаше направено за мене.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Сега мојот живот има смисла (Проповедник 12:13). И наместо да му земам нешто на моето семејство, јас имам што да му дадам. На баба ми ѝ кажував за убавите работи што ги учев од Библијата, па сега и таа му го заветува својот живот на Јехова. Уште неколку мои роднини и еден мој пријател од старата група го направија истото.
Сега сум во брак, и заедно со жена ми најголемиот дел од времето им помагаме на другите да научат нешто за Библијата. Чувствувам огромен благослов затоа што научив ‚да се потпирам на Јехова со сето свое срце‘.
[Истакната мисла на страница 29]
Малку по малку, кај мене се раѓаше желба да живеам и да бидам среќен