Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Јеховините сведоци си ги растураат браковите?

Дали Јеховините сведоци си ги растураат браковите?

Дали Јеховините сведоци си ги растураат браковите?

„АКО еден од сопружниците си ја смени религијата, бракот ќе се распадне.“ Ова го тврдат многу луѓе. Понекогаш ова му го велат на сопружникот што решил да стане Јеховин сведок. Но, дали е секогаш така?

Се разбира, кога некој што е во брак ќе се заинтересира за религијата или, пак, ќе ја промени својата вера, за другиот сопружник тоа може да биде шок. Тој може да се вознемири, да се разочара, па дури и да се огорчи.

Најчесто сопругата прва согледува потреба да ја промени својата религија. Ако и твојата жена ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, како би можело тоа да се одрази на вашиот брак? А ако си ти жена што ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, како можеш да му помогнеш на твојот сопруг ако тој не е баш воодушевен поради тоа?

Од гледна точка на мажот

Марк од Австралија бил во брак 12 години кога жена му почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. „Бев среќно оженет и имав успешна кариера“, вели Марк. „Си живеевме убаво. И тогаш, жена ми реши да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Си мислев дека целиот наш живот ќе се промени. Во почетокот само не бев воодушевен што жена ми се заинтересира за Библијата, но кога ми рече дека одлучила да се крсти и да стане Јеховин сведок, навистина се загрижив“.

Марк почнал да се прашува дали неговиот брак ќе заврши поради новата вера на жена му. Размислувал да ја спречи да проучува и да ѝ забрани секаков контакт со Сведоците. Но, наместо да реагира непромислено, Марк оставил да помине малку време. Што се случило со неговиот брак?

„За среќа“, вели Марк, „нашиот брак сега е поцврст отколку претходно. Продолжи да се подобрува и во последниве 15 години, колку што жена ми е Јеховин сведок“. Што им помогнало да имаат добар брак? „Кога ќе размислам за изминативе години“, вели Марк, „увидувам дека успехот најмногу се должи на тоа што жена ми ги применува убавите совети од Библијата. Секогаш покажува почит кон мене“.

Совети од успешни жени

Ако си мажена и проучуваш со Јеховините сведоци, што би можела да направиш и да речеш за да му помогнеш на твојот маж да не се обеспокојува? Размисли за она што го рекле некои жени од различни земји.

Сакико од Јапонија: „Мажена сум 31 година и имам три деца. Јеховин сведок сум веќе 22 години. Понекогаш не ми е лесно да живеам со сопруг кој има поинакви верувања од моите. Но, правам сѐ за да го применам библискиот совет ‚да бидам брза на слушање, а бавна на зборување и бавна на гнев‘ (Јаков 1:19). Се трудам да бидам љубезна и фина со маж ми и да му ги исполнувам желбите што не се спротивни на библиските начела. Тоа ни помогна да имаме добар брак“.

Надежда од Русија: „Мажена сум 28 години, а се крстив како Јеховин сведок пред 16 години. Пред да ја проучувам Библијата, не мислев дека маж ми треба да биде глава на куќата. Сакав сама да донесувам многу одлуки. Меѓутоа, со текот на времето открив дека тоа што ги применував библиските начела придонесе за мир и среќа во семејството (1. Коринќаните 11:3). Малку по малку, ми стана полесно да бидам подложна, а маж ми ги забележа тие промени кај мене“.

Марли од Бразил: „Имам две деца и во брак сум 21 година. Пред 16 години станав Јеховин Сведок. Сфатив дека Јехова Бог сака брачните двојки да останат заедно, а не да се разведуваат. Затоа, се трудам да бидам добра сопруга и да зборувам и да постапувам онака како што им се допаѓа на Јехова и на мојот маж“.

Лариса од Русија: „Кога станав Јеховин сведок, пред 19 години, сфатив дека најважно е да сменам некои работи во животот. Маж ми виде колку позитивно влијаеше Библијата врз мене — дека ми помогна да покажувам уште поголема почит кон него. Во почетокот доаѓаше до несогласувања во врска со воспитувањето на децата, но ги решивме тие проблеми. Маж ми им дозволува на децата да доаѓаат со мене на христијанските состаноци на кои одам, затоа што сфаќа дека она што го учат е за нивно добро“.

Валкирија од Бразил: „Имам едно дете и во брак сум 19 години. Пред 13 години станав Јеховин сведок. Во почетокот маж ми не сакаше да одам да проповедам. Но, јас се научив да му давам благ одговор на она што го мачеше и му помогнав да сфати дека Библијата влијае позитивно врз мене. Тој постепено увиде колку ми е важно да учествувам во проповедничката служба. Денес потполно ме поддржува во духовните активности. Кога ја проучувам Библијата со луѓето во подалечните села, тој ме вози со колата и стрпливо ме чека додека не завршам“.

Позитивно влијание

Ако твојот брачен другар проучува со Јеховините сведоци, немој да си мислиш дека твојот брак ќе се распадне. Како што утврдиле многу мажи и жени во светот, Библијата врши позитивно влијание врз нивниот брак.

Еден сопруг што не е Јеховин сведок искрено признал: „Во почетокот не ми беше сеедно што жена ми проучуваше со Јеховините сведоци, но сега мислам дека тоа е многу добро“. Друг маж го рекол следново за својата сопруга: „Гледајќи ги верноста, решителноста и лојалноста на жена ми, почнав да им се восхитувам на Јеховините сведоци. За нашиот брак е многу добро што и таа е една од нив. Си попуштаме еден на друг и на бракот гледаме како на врска што ќе трае до крајот на нашиот живот“.

[Рамка/слика на страница 13]

Како гледаат на бракот Јеховините сведоци?

Јеховините сведоци ја сметаат Библијата за Божја вдахновена реч. Затоа, сериозно го сфаќаат она што го пишува во неа за бракот. Забележи каков одговор дава Библијата на следниве прашања:

Дали Јеховините сведоци им препорачуваат на своите членови да се разведат од сопружникот што не е Сведок? Не. Апостол Павле напишал: „Ако некој брат има жена која не е верница, а таа се согласува да живее со него, нека не ја остава, а исто така и жена која има маж што не е верник, и тој се согласува да живее со неа, нека не го остава мажот“ (1. Коринќаните 7:12, 13). Јеховините сведоци се држат за оваа заповед.

Дали една жена што е Јеховин сведок ја советуваат да не ги исполнува желбите на својот маж ако тој не ѝ е соверник? Не. Апостол Павле напишал: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Петрово 3:1, 2).

Дали Јеховините сведоци поучуваат дека мажот има неприкосновен авторитет? Не. Апостол Павле рекол: „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3). Една сопруга што е христијанка го почитува својот маж како поглавар на семејството. Меѓутоа, мажот нема неприкосновен авторитет. Тој е одговорен пред Бог и пред Христос. Затоа, ако еден маж ѝ заповеда на својата жена да направи нешто со кое таа би го прекршила Божјиот закон, таа, како христијанка, ‚ќе му се покорува на Бог, а не на луѓето‘ (Дела 5:29).

Дали Јеховините сведоци учат дека е забрането некој да се разведе? Не. Исус Христос рекол: „Ви велам, секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд [сексуален неморал], и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Матеј 19:9). Значи, Јеховините сведоци го прифаќаат Исусовото гледиште дека прељубата дава основа за развод. Но, тие имаат цврст став дека браковите не треба да се поништуваат од безначајни причини. Тие ги охрабруваат своите членови да се држат за Исусовите зборови: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело... Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:5, 6).