Земјата има „треска“ — постои ли лек?
Земјата има „треска“ — постои ли лек?
СИМПТОМИТЕ се јасни — температурата се покачува. Типичен пример е селото Њуток на Аљаска, кое се наоѓа јужно од Северниот поларен круг. Вечно замрзнатиот долен слој на почвата — познат како пермафрост — врз кој е изграден Њуток, почнува да се топи. „Не сакам [повеќе] да живеам на пермафрост“, вели Френк, еден од жителите. „Стана премногу калливо.“ Истражувањата покажуваат дека, по десет години, ова крајбрежно селце би можело да се најде под вода.
„Непобитен факт е дека температурите стануваат сѐ повисоки“, заклучува Меѓународниот одбор за климатски промени (IPCC). Покачувањето на температурите на целата Земјина топка го потврдува овој факт. Она што научниците го нарекуваат „климатски промени“ доведе до екстремни разлики во временските услови, вклучувајќи суши, поројни дождови, топлотни бранови и урагани низ целиот свет. Што ќе се случи со нашава планета? Има ли лек за неа?
Поставување дијагноза
Како што еден пациент кој лежи в болница е под надзор на лекарите така и состојбата на Земјата е под надзор на климатолозите кои внимателно ги набљудуваат промените што настануваат на неа. Со сателити се следи топењето на глечерите, во метеоролошките станици се отчитува количеството врнежи, со пливки се мерат температурите во океанските длабочини и со авиони се следат нивоата на атмосферските гасови. Сите овие податоци во врска со климата се внесуваат во суперкомпјутери. Се прават симулации на климатскиот систем за да се предвиди каква ќе биде климата во следните децении, па дури и векови.
Каква е дијагнозата? Некои сметаат дека атмосферата е преполна со гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина. Според списанието Time, само во 2006 год. во целиот свет биле испуштени „неверојатни 32 милијарди тони“ јаглерод диоксид. Тие гасови имаат слична улога како стаклата во оранжериите — ја задржуваат топлината на Земјата и спречуваат да се ослободи во вселената. Оваа појава води до глобално затоплување. Каква иднина нѐ очекува? Според IPCC, ако продолжи ослободувањето на ваквите гасови со сегашната стапка, ќе настанат
„многу промени во климата на целата Земјина топка“, промени кои веројатно ќе бидат полоши од досегашните. Сега многумина се согласуваат дека решението лежи во тоа да се ограничи ослободувањето на јаглерод диоксид. Меѓутоа, дури и ако емисиите на ваквите гасови некако се доведат под контрола, компјутерските симулации покажуваат дека најверојатно „затоплувањето и [последователното] покачување на нивото на морето ќе продолжи и во следните неколку столетија“.Каде да се најде одговор
Климатологијата е комплексна наука. „На пример, што ќе се случи со облаците како резултат на сѐ поголемото загревање на Земјата? Дали ќе настануваат повеќе високи облаци што ја апсорбираат топлината и со тоа предизвикуваат уште поголемо загревање, а ќе има помалку густи облаци што го спречуваат продирањето на сончевата светлина?“ Ова прашање се појави во Earth Observatory, публикација што излегува на Интернет. Како гласи одговорот? „Сега-засега, научниците не можат да дадат одговор на овие прашања.“
Од друга страна, пак, Библијата потврдува дека Јехова Бог е „Создателот на небото и на земјата“, што значи дека ги создал и „облаците во висините“ (1. Мојсеева 14:19; Изреки 8:28). Со поетски зборови тој рекол дека ставил „мудрост во облаците“. Тоа потврдува дека Јехова потполно го разбира она што не можат да го разберат научниците (Јов 38:36).
Во врска со Земјината атмосфера, забележи што рекол Бог, како што е запишано во Библијата пред околу 2.700 години: „Дождот и снегот паѓаат од небото и не се враќаат таму додека не ја напојат земјата“ (Исаија 55:10). Колку јасно и прецизно со овие зборови е опишан кружниот тек на водата! Водената пареа во облаците се кондензира и паѓа во облик на дожд, кој ‚ја напојува земјата‘. Под дејство на сончевата топлина, влагата испарува и ‚се враќа‘ во атмосферата за да го започне одново својот кружен тек. Јеховината реч открила зачудувачки детали за климата на Земјата со векови пред да ни кажат нешто повеќе за тоа извори независни од Библијата. Зар тоа не ти влева доверба во Творецот и во она што може да го направи тој? Затоа, кога ќе размислиме какви ќе бидат последиците од сегашната климатска криза, зар не би било разумно да му се обратиме на оној што ‚го создал ветрот‘, ‚таткото на дождот‘, оној што знае како функционира оваа наша планета? (Амос 4:13; Јов 38:28).
Земја создадена со цел
Иако постојат различни мислења во врска со иднината на нашава планета, едно е сигурно: Земјата е нешто посебно. За разлика од другите планети, на неа врие од најразлични облици на живот. Што го овозможува тоа? Научниците посочуваат неколку фактори. Еве некои од нив: На Земјата има изобилство вода, таа е сместена на идеална оддалеченост од Сонцето и содржи идеална
смеса од атмосферски гасови, вклучувајќи и големи количества кислород.Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека во извештајот за создавањето, кој е запишан во библиската книга 1. Мојсеева, се спомнуваат токму овие работи. На пример, во 1. Мојсеева 1:10 е опишано како Бог ги собрал на едно место ‚водите кои ги нарекол мориња‘ — што јасно укажува на изобилството вода. Во 1. Мојсеева 1:3 читаме: „Бог рече: ‚Нека настане светлина‘“. Нашата планета се наоѓа доволно блиску до Сонцето за поголемото количество вода да остане во течна агрегатна состојба, а сепак, не преблиску до него за сета таа вода да испари.
Во 1. Мојсеева 1:6 пишува дека Бог создал „свод“, односно атмосфера. Потоа, во стиховите 11 и 12 е опишано како Бог предизвикал да никнат трева, билки и дрвја. Сето тоа е доказ дека постоел кислород, кој подоцна им овозможил на човекот и на животните да дишат за да се одржат во живот.
Што можеме да заклучиме од сево ова? Кога Бог ја создал Земјата — со изобилство вода, на идеална оддалеченост од Сонцето и со идеална смеса од гасови — сигурно имал некаква намера, некаква цел. Библијата ни кажува: „[Бог] не ја создаде [Земјата] залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18). „Небесата му припаѓаат на Јехова“, стои во Псалм 115:16, „а земјата им ја дал на синовите човечки.“ Да, Земјата била создадена за да им биде дом на луѓето.
Светото писмо ни открива дека Бог ги создал првите маж и жена и ги сместил во прекрасната рајска градина Еден. Тие требало ‚да ја обработуваат и да се грижат за неа‘ (1. Мојсеева 2:15). Бог исто така им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28). Колку убава иднина им претстоела! Требало да го рашират рајот низ целата Земјина топка и да живеат во него вечно. Навистина, прекрасна иднина!
За жал, наместо да го послушаат Бог, првите маж и жена одлучиле да му се спротивстават и да бидат независни од него, како што повеќето луѓе прават и до ден-денес (1. Мојсеева 3:1-6). Со какви последици? Наместо да се грижи за Земјата, човекот ја уништува во досега невидени размери (Откровение 11:18). Сепак, може да нѐ утеши фактот дека Бог не ја променил својата намера со Земјата. Библијата нѐ уверува: „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Во Проповедта на гората, и самиот Исус рекол: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Како ќе се исполни тоа?
Пред нас е светла иднина
„Климатските промени се глобален проблем“, рекол еден поранешен претседател на САД. Затоа е потребно и глобално решение. Исус Христос кажал кое е тоа решение — Божјето Царство. Своите ученици ги поучил да се молат вака: „Да дојде царството твое“ (Матеј 6:9, 10). Според библиските пророштва, ова небесно Царство е една глобална влада што наскоро „ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства [денешни влади]“ (Даниел 2:44). Освен тоа, ќе ги ‚уништи и оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18). Јасно, оние што ја злоупотребуваат Земјата и безмилосно ги трошат нејзините природни богатства ќе бидат повикани да поднесат сметка, а потоа ги чека уништување.
Но, како ќе биде решен проблемот со загадувањето на нашава планета? Значајно е тоа што Исус, кога бил на Земјата, направил чуда со кои ја покажал својата моќ над природните сили, како што се ветрот и морето. Стивнал една силна бура само со неколку збора (Марко 4:35-41). Додека владее на небото како „Господар над господарите и Цар над царевите“, Исус ќе покаже уште поголема власт над Земјата и над нејзините природни сили (Откровение 17:14). Всушност, Исус го опишал своето владеење како ‚повторно создавање‘ (Матеј 19:28). Еден друг превод го користи изразот ‚обновување‘ (Стандарден превод). Исус повторно ќе ги создаде, односно ќе ги обнови на Земјата условите што владееле во еденската градина. Повторно ќе има рај (Лука 23:43). Земјата ќе биде излечена од својата „треска“ — преку Божјето Царство.
И во денешно време владата на Царството дејствува во твоја полза. Како? Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Како резултат на тоа проповедање, милиони ја прифаќаат добрата вест и прават промени во животот. Се одвикнуваат од зависности што водат во смрт. Си го подобруваат семејниот живот. Расните предрасуди ѝ отстапуваат место на љубовта. Всушност, Божјето Царство го постигнува она што не може да го направи ниту една човечка влада. Тоа обединило речиси 7 милиони луѓе од над 235 земји, и сега тие сочинуваат едно вистинско меѓународно братство! Сите тие, како поданици на Божјето Царство, се подготвуваат за вечен живот во Рајот на оваа планета.
Добро знаеме каква иднина ја чека Земјата. Дочекај ја и ти таа иднина!
[Слика на страница 27]
Библијата го опишала кружниот тек на водата на Земјата со векови пред да ни кажат нешто повеќе за тоа извори независни од Библијата
[Слика на страница 28]
Исус „му се закани на ветрот и му рече на морето: ‚Смири се! Молкни!‘ И ветрот стивна, и настана потполна тишина“
[Слика на страница 29]
Кога повторно ќе стане рај, Земјата ќе се излечи од својата „треска“
[Извор на слика на страница 26]
Godo-Foto