Тој гледал и чекал
Угледајте се на нивната вера
Тој гледал и чекал
ИЛИЈА имал силна желба да биде сам за да му се моли на својот небесен Татко. Но, толпите луѓе околу него штотуку виделе како овој вистински пророк повикал оган од небото, и многу од луѓето несомнено сакале да му се умилкуваат. Пред да успее да се искачи на ветровитите височини на планината Кармил и насамо да му се помоли на Јехова Бог, го чекала една непријатна задача. Морал да зборува со цар Ахав.
Овие двајца луѓе се разликувале како денот и ноќта. Ахав, облечен во царско руво, бил алчен слабак кој отпаднал од верата. Илија носел облека на пророк — едноставна, селска наметка веројатно од животинска кожа или исткаена од камилски или козји влакна. Тој се одликувал со голема храброст, лојалност и вера. Денот кој полека одминувал открил многу за карактерот на обајцата. *
Тоа било лош ден за Ахав и за другите обожаватели на Ваал. На паганската религија што Ахав и неговата жена Езавела ја вовеле во десетплеменското царство Израел ѝ бил зададен страшен удар. Било јасно разоткриено дека Ваал е чиста измама. Тој безживотен бог не можел да запали ниту едно пламенче како одговор на избезумените преколнувања, танцови и ритуали во кои неговите пророци се сечеле по телото и си пуштале крв. Ваал не успеал да ги заштити тие 450 луѓе од заслужена смрт. Но, тој лажен бог не успеал да направи и нешто друго, и за кратко време ова требало да стане сосема јасно. Повеќе од три години, пророците на Ваал го преколнувале својот бог да ѝ стави крај на сушата што ја погодила земјата, но Ваал не можел да го направи тоа. Наскоро, Јехова лично ќе покаже дека тој е вистинскиот Бог со тоа што ќе ѝ стави крај на сушата (1. Царевите 16:30 — 17:1; 18:1-40).
Но, кога ќе дејствува Јехова? Како ќе постапува Илија дотогаш? И што можеме да научиме од овој верен човек? Да го разгледаме извештајот запишан во 1. Царевите 18:41-46. Таму ќе го добиеме одговорот на овие прашања.
Илија се молел
Илија отишол кај Ахав и му рекол: „Оди горе, јади и пиј, зашто се слуша шум што најавува пороен дожд“ (41. стих). Дали овој злобен цар научил нешто од она што се случило тој ден? Извештајот не ни кажува конкретно, но во него не наоѓаме ниту еден негов збор на каење, никакво барање пророкот да му помогне да му се обрати на Јехова за да побара прошка. Не, Ахав едноставно ‚отишол горе да јаде и да пие‘ (42. стих). А што направил Илија?
„Илија се качи на врвот од Кармил, клекна на земја и си го стави лицето меѓу колената.“ Додека Ахав отишол да си се најаде, Илија имал можност да му се помоли на својот Татко. Забележи колку понизна положба зазел — клекнал на земја со толку наведната глава, што лицето речиси му ги допирало колената. Што правел Илија? Не треба да нагаѓаме. Во Јаков 5:18 Библијата ни кажува дека Илија се молел да заврши сушата. Без сомнение, тој се молел на врвот на Кармил.
Нешто пред тоа, Јехова рекол: „Решив да пуштам дожд на земјата“ (1. Царевите 18:1). Затоа Илија се молел да се изврши волјата на Таткото, исто како што Исус ги поучил своите следбеници да се молат околу илјада години подоцна (Матеј 6:9, 10).
Од примерот на Илија учиме многу за молитвата. Нему му било најважно да се исполни волјата на неговиот Татко. Кога се молиме, добро е да не заборавиме дека „што и да бараме во склад со [Божјата] волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Затоа, за да се молиме на исправен начин, јасно е дека треба да знаеме која е Божјата волја, а тоа е добра причина секојдневно да ја проучуваме Библијата. Илија сигурно сакал да заврши сушата и затоа што народот во неговата земја многу страдал. Веројатно срцето му се прелевало од благодарност откако го видел чудото што го направил Јехова тој ден. И ние треба да се молиме за доброто на другите и од сѐ срце да му изразиме благодарност на Јехова (2. Коринќаните 1:11; Филипјаните 4:6).
Неговата доверба и будност
Илија бил уверен дека Јехова ќе стори нешто за да ѝ стави крај на сушата, но не бил сигурен кога ќе биде тоа. Затоа, што правел пророкот во меѓувреме? Забележи што вели 43. стих: „На својот слуга му рече: ‚Те молам, оди горе и погледни кон морето‘. И тој отиде горе и погледна, па рече: ‚Ништо не се гледа‘. А тој одговори: ‚Оди пак!‘ — и така седум пати“. Од примерот на Илија учиме најмалку две работи. Прво, забележи колкава доверба имал овој пророк. И второ, размисли за неговата будност.
Илија желно чекал знак дека Јехова наскоро ќе дејствува, па затоа го пратил својот слуга да се качи на повисоко, попрегледно место за да види дали на хоризонтот веќе има некакви знаци дека ќе заврне. Кога се вратил, слугата ги кажал овие обесхрабрувачки зборови: „Ништо не се гледа“. На хоризонтот немало ништо, а на небото немало ниедно облаче. Но, дали забележа нешто необично? Сети се дека Илија веќе му рекол на цар Ахав: „Се слуша шум што најавува пороен дожд“. Како можел пророкот да каже такво нешто кога не можеле да се видат облаци што носат дожд?
Илија знаел што ветил Јехова. Како пророк што го застапувал Јехова, бил сигурен дека неговиот Бог ќе го исполни своето ветување. Илија имал доверба — и тоа толку голема што за него било како веќе да го слушал поројниот дожд. Ова можеби нѐ потсетува на она што Библијата ни го кажува за Мојсеј: „Остана постојан како да го гледа Невидливиот“. Дали Бог ти е толку реален и тебе? Тој ни дава многу причини да имаме таква вера во него и во неговите ветувања (Евреите 11:1, 27).
Освен тоа, забележи колку буден бил Илија. Тој упорно го праќал својот слуга, 44. стих). Можеш ли да си го замислиш тој слуга како со испружена рака мери со дланката колкав е малиот облак што се појавил над хоризонтот на Големото Море? * Слугата можеби не му придал на тоа кој знае колкаво значење. Но, за Илија тој облак бил многу значаен. Сега му дал итни упатства на својот слуга: „Оди и кажи му на Ахав: ‚Впрегни ги коњите и оди долу за да не те фати дождот‘“.
не еднаш или двапати, туку седум пати! Можеби си помислуваме дека слугата се уморил од таа една иста задача, но Илија и понатаму желно чекал знак и не се откажувал. На крајот, по седмиот пат, слугата рекол: „Ене, облак мал колку човечка дланка се крева од морето!“ (И со тоа Илија ни дал одличен пример. И ние живееме во време кога Бог наскоро ќе дејствува за да ја исполни својата намера. Илија го чекал крајот на сушата — Божјите слуги денес го чекаат крајот на еден расипан светски поредок (1. Јованово 2:17). Сѐ додека Јехова Бог не дејствува, треба да останеме будни, како Илија. Божјиот Син, Исус, ги посоветувал своите следбеници: „Бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ (Матеј 24:42). Дали Исус сакал да каже дека неговите следбеници воопшто нема да знаат кога ќе дојде крајот? Не, бидејќи надолго и нашироко зборувал за тоа каков ќе биде светот во деновите пред да дојде тој крај. Секој од нас може да дознае нешто повеќе за овој детален знак на „свршетокот на овој поредок“ (Матеј 24:3-7). *
Со исполнувањето на секој настан од овој знак се собираат силни, убедливи докази. Дали тие докази се доволни за да бидеме мотивирани итно да преземеме нешто? Еден мал облак што се појавил на хоризонтот бил доволен за да го увери Илија дека Јехова наскоро ќе дејствува. Дали тој верен пророк се разочарал?
Спас и благослов од Јехова
Понатаму извештајот ни кажува: „Тогаш небото се замрачи од облаците и од ветрот, и падна силен пороен дожд. А Ахав се качи на колата и отиде во Језраел“ (45. стих). Настаните почнале да се одвиваат неверојатно брзо. Додека слугата на Илија му ја носел на Ахав пораката од пророкот, околу тој мал облак се насобрале многу облаци кои го прекриле и го затемниле небото. Задувал силен ветар. Конечно, по три и пол години, Израелската почва ја наквасиле капки дожд. * Спржената земја жедно го впивала дождот. Кога тој се засилил и станал пороен, реката Кисон надошла, несомнено измивајќи ја крвта на погубените пророци на Ваал. И за неверните Израелци тоа било прилика да ги измијат ужасните траги што останале на земјата од обожавањето на Ваал.
Илија сигурно се надевал дека ќе го направат тоа! Дали Ахав ќе се покае и ќе престане да се валка со обожавањето на Ваал? Настаните што се случиле тој ден му дале силни причини да направи такви промени. Се разбира, не можеме да знаеме што мислел Ахав во тој момент. Извештајот само ни кажува дека царот ‚се качил на колата и отишол во Језраел‘. Дали извлекол поука? Дали решил да се промени? Она што се случило подоцна покажува дека одговорот е ‚не‘. Сепак, тој ден сѐ уште не бил завршен — ниту за Ахав ниту за Илија.
Јеховиниот пророк тргнал по истиот пат по кој заминал и Ахав. Пред него лежел долг, мрачен и каллив пат. Но, се случило нешто необично.
„Јеховината рака беше над Илија и тој си ги подврза скутовите на облеката и трчаше пред Ахав дури до Језраел“ (46. стих). Јасно е дека „Јеховината рака“ била над Илија на некој натприроден начин. Језраел бил оддалечен околу 30 километри, а Илија не бил млад. * Само замисли си како овој пророк ги завиткува скутовите на долгата наметка, ја врзува околу колковите за да може слободно да ги движи нозете и почнува да трча по калливиот пат — и тоа толку брзо што ја стигнал, ја одминал и ја престигнал колата на царот!
Колкав благослов мора да било ова за Илија! Сигурно бил многу возбуден што чувствувал толкава сила, виталност и енергија — можеби дури и уште повеќе отколку на млади години. Ова нѐ потсетува на пророштвата со кои на верните им се гарантира дека во рајот на Земјата ќе имаат сила и совршено здравје (Исаија 35:6; Лука 23:43). Додека трчал по тој каллив пат, Илија сигурно бил цврсто уверен дека го прави она што е исправно во очите на неговиот Татко, единствениот вистински Бог, Јехова!
Јехова од сѐ срце сака да ги благословува оние што му служат. За да добиеме такви благослови, вреди да дадеме сѐ од себе. Исто како Илија, треба да бидеме будни и внимателно да ги одмериме цврстите докази што покажуваат дека Јехова наскоро ќе дејствува во овие опасни и критични времиња. И ние имаме многу причини да покажеме целосна доверба во она што ни го ветува Јехова, ‚Богот на вистината‘ (Псалм 31:5).
[Фусноти]
^ Нешто повеќе во врска со ова можеш да прочиташ во статијата „Тој го бранел исправното обожавање на Бог“, што излезе во Стражарска кула од 1 јануари 2008 год.
^ Денес Големото Море е познато како Средоземно Море.
^ Нешто повеќе за доказите дека Исусовите зборови се исполнуваат денес можеш да прочиташ во 9. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
^ Некои се прашуваат дали Библијата дава противречни информации во врска со тоа колку долго траела сушата. Види ја рамката на 19. страница.
^ Кратко по овие настани, Јехова му дал задача на Илија да го обучи Елисеј, кој ќе стане познат како оној „кој му ги полеваше со вода рацете на Илија“ (2. Царевите 3:11). Елисеј му бил слуга на Илија, по сѐ изгледа помагајќи му на овој остарен човек во секојдневните работи.
[Рамка/слика на страница 19]
Колку траела сушата во времето на Илија?
Јеховиниот пророк Илија му објавил на цар Ахав дека долгата суша наскоро ќе заврши. Тоа било „во третата година“ — по сѐ изгледа сметајќи од денот кога Илија првпат објавил дека ќе има суша (1. Царевите 18:1). Јехова испратил дожд кратко време откако Илија го кажал тоа. Затоа, некои можеби ќе заклучат дека сушата завршила во текот на третата година и дека, врз основа на тоа, траела помалку од три години. Меѓутоа, и Исус и Јаков рекле дека сушата траела „три години и шест месеци“ (Лука 4:25; Јаков 5:17). Дали ова е противречност?
Воопшто не. Во древниот Израел сушната сезона траела доста долго време, дури и до шест месеци. Без сомнение, Илија дошол кај Ахав да објави суша кога сушната сезона веќе била невообичаено долга и тешка. Всушност, сушата почнала речиси половина година претходно. Затоа, кога „во третата година“ од својата претходна објава Илија објавил дека сушата ќе заврши, таа веќе траела приближно три и пол години. Тие „три години и шест месеци“ биле поминати кога сиот народ се собрал на планината Кармил за да го види големиот испит за тоа кој е вистинскиот Бог.
Сега, размисли за времето кога Илија првпат отишол кај Ахав. Луѓето верувале дека Ваал бил „јавач на облаците“, богот што ќе донесе дождови и ќе ѝ стави крај на сушната сезона. Ако сушната сезона траела невообичаено долго, луѓето веројатно се прашувале: ‚Каде е Ваал? Кога ќе донесе дождови?‘ Тие обожаватели на Ваал сигурно многу се растревожиле кога Илија објавил дека ќе нема ниту дожд ниту роса сѐ додека тој не рече поинаку (1. Царевите 17:1).
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 18]
Од молитвите на Илија се гледало дека многу сакал да се изврши Божјата волја