Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој го бранел исправното обожавање на Бог

Тој го бранел исправното обожавање на Бог

Угледајте се на нивната вера

Тој го бранел исправното обожавање на Бог

ИЛИЈА го гледал мноштвото луѓе кои полека се искачувале по падините на планината Кармил. Дури и на слабата светлина во тие бели мугри, не било тешко да се забележат немаштијата и бедата на тој народ. Сушата, која траела три и пол години, оставила длабоки траги врз нив.

Во ова мноштво биле и 450-те пророци на Ваал. Но, тие се искачувале по планината со кренати глави, надуени од гордост и полни со омраза кон Илија, Јеховиниот пророк. Овој човек бил строго против обожавањето на Ваал и покрај тоа што царицата Језавела погубила многу слуги на Јехова. Но, уште колку долго ќе можел да се спротивставува? Веројатно свештениците на Ваал си мислеле дека еден сам човек нема да успее да им застане на патот бидејќи тие биле многу побројни (1. Царевите 18:3, 19, 20). Дури и царот Ахав дошол на планината во својата царска кочија, иако не можел да го смисли Илија.

Овој пророк, кој сега стоел сам против сите, го очекувало нешто што не го доживеал никогаш во животот. Додека гледал, се поставувала сцената за еден од најдраматичните судири меѓу доброто и злото што некогаш се случиле во светот. Како се чувствувал Илија кога самнал тој ден? Тој не бил имун на страв, бидејќи бил „обичен човек како нас“ (Јаков 5:17). Можеме да бидеме сигурни најмалку во едно: опкружен со неверници, со нивниот отпаднички цар и со тие свирепи свештеници, Илија бил потполно свесен дека тука немало човек што е на негова страна (1. Царевите 18:22).

Како Израел западнал во ваква лоша состојба? И каква врска има овој извештај со тебе денес? Библијата нѐ поттикнува внимателно да ги набљудуваме оддадените Божји слуги и да се ‚угледаме на нивната вера‘ (Евреите 13:7). Да го разгледаме сега примерот на Илија.

Една долга борба достигнува кулминација

Поголемиот дел од својот живот, Илија беспомошно гледал како најдоброто нешто кај неговиот народ и во неговата родна земја се отфрла и се гази. Всушност, во Израел долго време се водела една битка, една вистинска војна помеѓу исправната и лажната религија, помеѓу обожавањето на Јехова Бог и идолопоклонството на околните народи. А во времето на Илија оваа борба станала уште потешка.

Цар Ахав се оженил со Језавела, ќерка на сидонскиот цар. Језавела била решена да ги наведе сите Израелци да го обожаваат Ваал и повеќе да не му служат на Јехова. Ахав брзо паднал под нејзино влијание. Му изградил храм и жртвеник на Ваал и со својот пример ги навел и другите да му служат на овој пагански бог. Тој многу го навредил Јехова (1. Царевите 16:30-33). *

Зошто обожавањето на Ваал било толку одвратно? Затоа што завело мнозина Израелци и ги оддалечило од вистинскиот Бог. Самата религија била гнасна и насилна. Вклучувала машка и женска храмска проституција, оргии, па дури и жртвување деца. Јехова реагирал на ова така што го испратил Илија кај Ахав за да му најави суша која требало да трае сѐ додека Божјиот пророк не го објави нејзиниот крај (1. Царевите 17:1). Поминале неколку години пред Илија повторно да излезе пред Ахав и да му каже да ги собере народот и пророците на Ваал на планината Кармил.

Но, што значи оваа борба за нас? Можеби некој ќе рече дека овој извештај за обожавањето на Ваал нема врска со нас бидејќи денес нема храмови и жртвеници на Ваал. Сепак, тоа не е само обичен историски извештај (Римјаните 15:4). Зборот „Ваал“ значи „сопственик“ или „господар“. Јехова му рекол на својот народ да го избере Него за свој „ваал“, односно „сопственик“ (Исаија 54:5, фуснота). Зар нема да се согласиш дека луѓето и денес им служат на најразлични господари наместо на Семоќниот Бог? Всушност, тие сами избираат на кој господар ќе му служат кога го посветуваат својот живот на пари, кариера, забава, сексуално задоволство или, пак, на кој и да било друг од безбројните богови што денес се обожаваат наместо Јехова (Матеј 6:24; Римјаните 6:16). Во некоја смисла, може да се рече дека највпечатливите обележја на обожавањето на Ваал цветаат до ден-денес. Овој натпревар од старо време помеѓу Јехова и Ваал може да ни помогне и нам мудро да одлучиме кому ќе му служиме.

„Кривите“ — како?

Од ветровитиот врв на планината Кармил се гледа голем дел од израелската земја — погледот досега од потокот Кисон во подножјето до Големото Море (Средоземното Море) кое се наоѓа во близина, па сѐ до Либанските планини на крајниот север. * Но, додека во овој пресуден ден сонцето полека се крева на хоризонтот, погледот на земјата не е воопшто живописен. Мртовечко сивило надвиснува над поранешната плодна земја која Јехова им ја дал на децата на Авраам. Сега таа е стврдната од печењето на немилосрдните сончеви зраци и уништена од безумието на Божјиот сопствен народ! Кога тие луѓе се собрале на врвот, Илија им пристапил и им рекол: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал, одете по него“ (1. Царевите 18:21).

Што сакал да каже Илија кога рекол „кривите на двете страни“? Па, тие луѓе не сфаќале дека мора да решат кого ќе го обожаваат — Јехова или Ваал. Очигледно си мислеле дека можат да им служат и на двајцата — да го смилостиват Ваал со своите одвратни ритуали, а истовремено да бараат милост и од Јехова Бог. Можеби се надевале дека Ваал ќе ги благослови нивните посеви и стада, а „Јехова над војските“ ќе ги штити во битките (1. Самоилова 17:45). Тие заборавиле една основна вистина — која и денес мнозина не ја сфаќаат — дека Јехова не сака истовремено да му служиме и нему и на други богови. Тој со право бара од нас да му бидеме оддадени само нему. Едноставно, Јехова нема да ја прифати службата што му ја вршиме доколку ја мешаме со некој друг облик на обожавање. Не само што за него таа служба е неприфатлива туку е и тешка навреда! (2. Мојсеева 20:5).

Значи, тие Израелци ‚кривеле‘ како човек што истовремено сака да оди по два пата. Многу луѓе ја прават истата грешка денес со тоа што дозволуваат други „ваали“ да им се вовлечат во животот и да им го потиснат во втор план служењето на Бог! Јасниот повик на Илија да престанеме да кривиме може да ни помогне да се преиспитаме за да видиме што ни е најважно во животот и каква ни е службата за Бог.

Завршен испит

Потоа Илија им предложил еден испит. Тој испит бил многу едноставен. Пророците на Ваал требало да подигнат жртвеник и да принесат жртва на него, а потоа да му се молат на својот бог да пушти оган за да ја изгори жртвата. Илија требало да го направи истото. Тој рекол: „Богот што ќе одговори со оган е вистинскиот Бог“. Илија добро знаел кој е вистинскиот Бог. Всушност, овој пророк имал толку силна вера што воопшто не се мислел дали да им дозволи на пророците на Ваал први да го повикаат својот бог. Тој во секој поглед им дал предност на своите противници. Им дозволил први да го изберат јунецот за жртва и први да му пристапат на Ваал * (1. Царевите 18:24, 25).

Во нашево време не се случуваат чуда. Сепак, Јехова не се променил. Можеме да имаме исто толкава доверба во него како што имал Илија. На пример, кога другите не се согласуваат со она што го вели Библијата, не треба да се плашиме да им дозволиме први да си кажат што мислат. Исто како Илија, и ние можеме да очекуваме од вистинскиот Бог да ја среди работата. Покажуваме дека имаме таков став со тоа што не се потпираме на себеси, туку на вдахновената Реч која е наменета „за поправање“ на работите (2. Тимотеј 3:16).

Пророците на Ваал ја подготвиле жртвата и почнале да го повикуваат својот бог. „Ваале, услиши нѐ!“ — викале без престан. Продолжиле да викаат со часови. „Но немаше ни глас ни одговор“, вели Библијата. Напладне Илија почнал да им се подбива велејќи саркастично дека Ваал веројатно е премногу зафатен за да им одговори, или отишол по нужда или, пак, можеби спие, па некој треба да го разбуди. „Викајте колку што ве држи гласот“, ги поттикнувал тие измамници. За него било јасно како ден дека обожавањето на Ваал е чиста глупост, но сакал и Божјиот народ да сфати дека тоа е само обична измама и ништо друго (1. Царевите 18:26, 27).

Кога им го кажал тоа, свештениците на Ваал полуделе уште повеќе и ‚почнале да викаат колку што ги држи гласот и да се сечат со ножеви и со копја, според својот обичај, сѐ додека не ги облеала крв‘. Но, сето тоа било залудно! ‚Немало ниту глас, ниту одговор, ниту, пак, знак дека некој ги слуша‘ (1. Царевите 18:28, 29). Всушност, Ваал воопшто не постоел. Тој бил измислица на Сатана за да ги заведе и да ги отуѓи луѓето од Јехова. Тогаш било исто како што е и денес. Ако решиме да му служиме на кој и да било друг господар освен на Јехова, ќе доживееме разочарување, па дури и срам (Псалм 25:3; 115:4-8).

Јехова дава одговор

Конечно, доцна попладне, дошол редот на Илија. Тој го поправил жртвеникот на Јехова кој, без сомнение, го имале разурнато непријателите на исправното обожавање. Зел 12 камења, веројатно за да ги потсети повеќето од 10-племенското царство Израел дека Законот што им бил даден на сите 12 племиња сѐ уште важи и за нив. Потоа ја ставил жртвата на дрвата и целиот жртвеник го полеал со вода, која можеби ја донеле од блиското Средоземно Море. Дури наредил да се ископа и окоп околу жртвеникот, па и него го наполнил со вода. Исто како што на пророците на Ваал им дал предност во секој поглед, така на Јехова му ги поставил сите можни пречки — толку голема била довербата што ја имал во својот Бог! (1. Царевите 18:30-35).

Кога сѐ било подготвено, Илија му се помолил на Бог. Во таа едноставна, но силна молитва, Илија јасно покажал што му е најважно. Прво и основно, тој сакал да се знае дека Јехова, а не Ваал, е „Бог во Израел“. Второ, сакал сите да знаат дека тој е Јеховин слуга, но сета слава и чест му припаѓаат на Бог. И трето, покажал дека уште го сака својот народ бидејќи копнеел Јехова да ‚им го обрати срцето‘ (1. Царевите 18:36, 37). И покрај сите маки што си ги нанеле со својата неверност, Илија не престанал да ги сака. Дали и ние, во нашите молитви до Бог, можеме да покажеме колку ни е важно Божјето име? Дали можеме да покажеме понизност и сочувство кон оние на кои им е потребна помош?

Пред да се помоли Илија, мноштвото луѓе можеби се прашувале дали на крајот ќе излезе дека и Јехова е лага и измама како Ваал. Но, откако Илија завршил со молитвата, повеќе немало време да се прашуваат. Извештајот вели: „Тогаш слезе оган од Јехова и ги голтна жртвата паленица, дрвата, камењата и правот, и ја испи водата во окопот“ (1. Царевите 18:38). Каков величествен одговор дал Јехова! Како реагирал народот на тоа?

„Јехова е вистинскиот Бог! Јехова е вистинскиот Бог!“ — повикале сите во еден глас (1. Царевите 18:39). Конечно ја сфатиле вистината. Сепак, сѐ уште немале покажано никаква вера. Да бидеме искрени, тоа што признале дека Јехова е вистински Бог откако виделе дека паднал оган од небото како одговор на една молитва, и не е баш некој показател на вера. Затоа Илија побарал уште нешто од нив. Тој им рекол дека сега треба да направат нешто кое требало да го прават со години наназад — да го извршат Јеховиниот закон. Според Божјиот закон, лажните пророци и идолопоклониците требало да бидат погубени (5. Мојсеева 13:5-9). Овие свештеници на Ваал биле заколнати непријатели на Јехова Бог и намерно работеле против неговите намери. Дали заслужувале барем трошка милост? Па, каква милост покажале тие кон сите невини деца кои биле фрлени живи во оган како жртви на Ваал? (Изреки 21:13; Еремија 19:5). Не, тие луѓе не заслужувале апсолутно никаква милост. Затоа Илија наредил да бидат погубени, и тоа било извршено (1. Царевите 18:40).

Денес има критичари кои не се согласуваат со начинот на кој завршил овој испит на планината Кармил. Некои можеби се плашат дека верските фанатици би можеле да го искористат ова како изговор за насилствата што ги прават од верска нетрпеливост. И, за жал, денес има многу такви насилни верски фанатици. Меѓутоа, Илија не бил фанатик. Тој дејствувал во Јеховино име, и погубувањето на Вааловите пророци било праведно. Освен тоа, вистинските христијани знаат дека тие не можат да постапат како Илија и да ги убиваат злите. Откако дошол Месијата, за сите ученици на Исус важи начелото што тој му го кажал на Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:52). За да ја спроведе својата правда во иднина, Јехова ќе го употреби својот Син, а не нас.

Од вистинскиот христијанин се очекува да покажува вера во Јехова со својот начин на живот (Јован 3:16). Може да успее во тоа ако се угледа на верните лица како што бил Илија. Тој му служел само на Јехова и ги поттикнувал и другите да го сторат истото. Смело разоткрил дека религијата што ја користи Сатана да ги заведе и да ги отуѓи луѓето од Јехова е лажна. И, наместо да се потпира на своите способности и одлуки, имал доверба дека Јехова ќе ги среди работите. Слободно може да се каже дека Илија го бранел исправното обожавање на Бог. Затоа, сите ние сме поттикнати да се угледаме на неговата вера!

[Фусноти]

^ пас. 9 Повеќе информации за односите што ги имале Илија и Ахав пред овој настан можеш да најдеш во статијата „Имаш ли вера како на Илија?“ во Стражарска кула од 1 април 1992 год.

^ пас. 13 Обично Кармил е расцветан и зелен затоа што по неговите падини дуваат влажни ветрови од морето кои носат дождови и обилна роса. Бидејќи се сметало дека Ваал носи дождови, очигледно оваа планина заземала важно место во неговото обожавање. Значи, голиот и сув Кармил бил идеално место да се разоткрие дека овој бог е чиста измама.

^ пас. 17 Вредно е да се забележи дека Илија им рекол ‚да не потпалуваат оган‘ за жртвата. Некои изучувачи велат дека овие идолопоклоници понекогаш користеле жртвеници со тајна вдлабнатина под нив за да изгледа дека огнот што се палел под жртвата бил од натприроден извор.

[Истакната мисла на страница 20]

Ако решиме да му служиме на кој и да било друг господар освен на Јехова, сигурно ќе се разочараме

[Слика на страница 21]

„Јехова е вистинскиот Бог!“