Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога ќе дојде Божјето Царство?

Кога ќе дојде Божјето Царство?

Кога ќе дојде Божјето Царство?

„ГОСПОДАРУ, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ (Дела 1:6). Апостолите на Исус многу сакале да дознаат кога тој ќе го воспостави своето Царство. Денес, речиси 2.000 години подоцна, луѓето сѐ уште сакаат да го дознаат одговорот на истото прашање: Кога ќе дојде Божјето Царство?

Со оглед на тоа што Исус главно проповедал за Царството, сигурно си мислиш дека би требало да каже нешто и во врска со неговото доаѓање. И навистина кажал нешто! Исус во повеќе наврати зборувал за еден специфичен период кој го нарекол своја ‚присутност‘ (Матеј 24:37). Неговата присутност е тесно поврзана со воспоставувањето на месијанското Царство. Но, за што точно станува збор? Да разгледаме четири вистини што Библијата ги открива во врска со Христовата присутност.

1. Христовата присутност требало да започне долго откако тој умрел. Исус дал една парабола во која се споредил себеси со човек кој ‚отпатувал во далечна земја за да преземе царска власт‘ (Лука 19:12). Како се исполнила оваа пророчка споредба? Така што Исус прво умрел и воскреснал, а потоа отпатувал во „далечна земја“, односно на небото. Како што прорекол и во една друга споредба, требало да се врати со царска власт дури „по долго време“ (Матеј 25:19).

Неколку години откако Исус се вознел на небото, апостол Павле напишал: „[Исус] за сите времиња принесе една жртва за гревови и седна од десната страна на Бог, па оттогаш чека неговите непријатели да бидат положени како подножје за неговите нозе“ (Евреите 10:12, 13). Значи, откако се вратил на небото, Исус требало да чека долг период. Неговото чекање завршило кога Јехова Бог го поставил својот Син за Цар на одамна ветеното месијанско Царство. Тогаш започнала Христовата присутност. Дали луѓето на Земјата можеле да го видат овој многу значаен настан?

2. Присутноста не може да се види со голо око. Сети се, Исус зборувал за знакот на својата присутност (Матеј 24:3). Ако луѓето можеле да ја видат таа присутност со голо око, дали би имало потреба од некаков знак? Да земеме еден пример: Замисли дека си тргнал да одиш на море. По патот има поставено сообраќајни знаци кои служат како патоказ до морето. Но, кога ќе стигнеш до брегот и пред себе ќе го видиш големото водено пространство што се протега кон хоризонтот, дали би очекувал да видиш знак со голема стрелка кој покажува напред и на кој пишува: „Море“? Се разбира дека не! Зошто би бил потребен знак за да ти покаже нешто што го гледаш со свои очи?

Исус не го дал знакот на својата присутност за да посочи на нешто кое луѓето и така можеле да го видат. Напротив, тој им го дал знакот за да им помогне да сфатат што се случува на небото. Затоа рекол: „Царството Божје не доаѓа така што ќе може да се види“ (Лука 17:20). Тогаш, како луѓето на Земјата ќе можеле да разберат според знакот дека Христовата присутност започнала?

3. Исусовата присутност ќе биде проследена со тешки неволји овде на Земјата. Исус рекол дека за време на неговата присутност како небесен Цар, на Земјата ќе има војни, глад, земјотреси, болести и беззаконие (Матеј 24:7-12; Лука 21:10, 11). Која ќе биде причината за сите овие неволји? Библијата ни кажува дека Сатана, „владетелот на овој свет“, е бесен затоа што знае дека сега, кога Христос е присутен како Цар, нему му останува кратко време (Јован 12:31; Откровение 12:9, 12). Денес има огромен број видливи докази дека Сатана е бесен и дека Христос е присутен како Цар. Особено од 1914 — годината која историчарите ја сметаат за пресвртница — овие докази станаа јасно видливи, и тоа во невидени, светски размери.

Сето ова можеби звучи како лоша вест, но не е така. Тоа значи дека месијанското Царство сега владее на небото. Многу скоро, таа влада ќе почне да владее и над целата Земја. Но, како луѓето ќе дознаат за тоа Царство за да можат да го прифатат неговото владеење и да станат негови поданици?

4. Во текот на Исусовата присутност ќе се извршува едно проповедничко дело низ целиот свет. Исус ја споредил својата присутност со „деновите на Ное“ * (Матеј 24:37-39). Ное ја градел арката, но истовремено бил и ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Тој ги предупредувал луѓето дека им претстои Божји суд. Исус рекол дека неговите следбеници на Земјата ќе прават нешто слично за време на неговата присутност. Тој прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Како што видовме во претходната статија, Божјето Царство ќе ги уништи сите денешни влади во светот. Со проповедањето, луѓето се предупредени дека оваа небесна влада наскоро ќе ги преземе работите во свои раце, а истовремено им се дава и можност на сите да го избегнат претстојното уништување и да станат поданици на тоа Царство. Значи, најважното прашање е: Што ќе сториш ти?

Дали Божјето Царство е добра вест за тебе?

Пораката што ја проповедал Исус им донела неопислива надеж на луѓето. По побуната во Еден пред неколку илјади години, Јехова Бог решил да воспостави влада која ќе ги исправи работите и повторно ќе им ја даде на верните луѓе можноста која Бог уште во почетокот ја имал замислено за нив — да живеат вечно во рај овде на Земјата. Има ли подобра вест од тоа дека оваа одамна ветена влада сега веќе владее на небото? Таа не е нешто измислено и далечно, туку жива реалност!

Сега, Царот поставен од Бог владее меѓу своите непријатели (Псалм 110:2). Во овој расипан свет кој е отуѓен од Бог, Месијата ја исполнува желбата на својот Татко и ги бара сите што сакаат добро да го запознаат Бог и да го почитуваат „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Луѓе од сите раси, возрасти и општествени слоеви можат да стекнат надеж да живеат вечно под власта на Божјето Царство (Дела 10:34, 35). Те поттикнуваме да ја искористиш таа величествена можност што ти се нуди. Учи за Божјето Царство уште денес за да живееш под неговата праведна влада засекогаш! (1. Јованово 2:17).

[Фуснота]

^ пас. 10 Оваа изјава на Исус помага да се исправи погрешната идеја што е пренесена во некои преводи на Библијата каде што зборот „присутност“ е преведен на неисправен начин. Во некои библиски преводи овој збор гласи „доаѓање“ или „враќање“, што укажува на краткотрајно дејство. Но, забележи дека Исус не ја споредил својата присутност со Потопот во деновите на Ное, кој претставува еден моментален настан, туку со „деновите на Ное“, кои укажуваат на еден подолг, завршен временски период. Исто како што било во времето на Ное, и Христовата присутност ќе опфати одреден период во кој луѓето ќе бидат зафатени со слични секојдневни активности и нема да обрнат внимание на предупредувањето што им се дава.

[Слики на страници 8 и 9]

Лошите вести што ги слушаме секој ден се доказ дека наскоро доаѓа нешто подобро

[Извор на слика]

Противвоздушен митралез: U.S. Army photo