Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поучи го своето дете да му служи на Јехова

Поучи го своето дете да му служи на Јехова

„Божјиот човек... нека нѐ поучи што треба да правиме со детето што ќе се роди“ (СУД. 13:8)

ПЕСНИ: 88, 120

1. Што направил Маној кога дознал дека ќе стане татко?

МАНОЈ и жена му биле сигурни дека не можат да имаат деца. Но, еден ден, Јеховин ангел ѝ кажал на жената дека ќе роди син. Какво изненадување! Маној сигурно се израдувал кога ја чул таа вест. Сепак, тој бил свесен дека е огромна одговорност да се биде родител. Освен тоа, Маној и жена му живееле во време кога многу Израелци ‚го правеле она што е зло во Јеховини очи‘. Како можеле да го поучат својот син да го сака Бог и да му служи во такви околности? Маној ‚сесрдно му се помолил на Јехова‘ со следниве зборови: „Те молам, пак нека дојде кај нас Божјиот човек [ангелот], кого си го испратил, и нека нѐ поучи што треба да правиме со детето што ќе се роди“ (Суд. 13:1-8).

2. За што треба да го поучуваш твоето дете, и како можеш да го правиш тоа? (Вклучи ја рамката „ Со кого е најважно да ја проучуваш Библијата?“)

2 Ако си родител, без сомнение разбираш како се чувствувал Маној. И ти имаш сериозна одговорност да му помагаш на твоето дете да го запознае и да го засака Јехова (Изр. 1:8). Во тоа може многу да ти помогне Семејната вечер. Но, за да ги всадиш библиските вистини во срцето на детето, не е доволно само да ја проучувате Библијата секоја седмица. (Прочитај 5. Мојсеева 6:6-9.) Што друго ќе ти помогне да го поучиш твоето дете да му служи на Јехова? Во оваа и во следната статија, ќе го разгледаме примерот на Исус. Иако самиот тој не бил татко, родителите можат да научат многу од него. Исус ги поучувал своите следбеници покажувајќи љубов, понизност и проникливост. Да ги разгледаме овие особини една по една.

ПОКАЖУВАЈ МУ НА ДЕТЕТО ДЕКА ГО САКАШ

3. Како Исус им покажувал на своите ученици дека ги сака?

3 Исус честопати им кажувал на своите ученици дека ги сака. (Прочитај Јован 15:9.) Тој исто така им покажувал љубов со тоа што редовно поминувал време со нив (Мар. 6:31, 32; Јован 2:2; 21:12, 13). Исус не им бил само учител — тој им бил пријател. Затоа тие воопшто не се сомневале дека ги сака. Што можеш да научиш од Исус?

4. Како можеш да ги увериш твоите деца дека ги сакаш? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Кажувај им на твоите деца дека ги сакаш и секојдневно покажувај им колку многу ти значат (Изр. 4:3; Тит 2:4). Семјуел, кој живее во Австралија, вели: „Кога бев мал, татко ми ми читаше секоја вечер од Мојата книга со библиски приказни. Ако имав прашања, ќе ми ги одговореше, а потоа ќе ме гушнеше и ќе ме бакнеше за добра ноќ. Многу се изненадив кога подоцна дознав дека неговите родители воопшто немале обичај да ги гушкаат и да ги бакнуваат своите деца! Сепак, тој се трудеше на секој можен начин да ми покаже дека ме сака. Благодарение на тоа, станавме многу блиски, а јас бев среќен и се чувствував сигурно“. Помогни им и ти на твоите деца да се чувствуваат така со тоа што често ќе им кажуваш дека ги сакаш. Гушкај ги и бакнувај ги. Спремно одвојувај време за да разговараш со нив, да си играте и да јадете заедно.

5, 6. а) Што прави Исус со оние кои ги сака? б) Како треба да ги воспитуваш децата за да се чувствуваат сакано и сигурно?

5 Исус рекол: „Јас ги укорувам и ги опоменувам сите што ги сакам“ * (Отк. 3:19). Иако неговите ученици многупати се расправале за тоа кој е поважен, тој не се откажал од нив. Но, не се правел ни како ништо да не забележува. Напротив, секогаш одново стрпливо ги советувал за таа работа. Сепак, тоа го правел благо и со љубов, во вистинско време и на вистинско место (Мар. 9:33-37).

6 Затоа што ги сакаш твоите деца, знаеш дека мора да ги исправаш. Понекогаш е доволно да им објасниш зошто нешто е исправно или погрешно. Но, детето нема секогаш да те послуша и да го примени она што си му го кажал (Изр. 22:15). Во таков случај, добро е да постапиш како Исус. Во вистинско време и на вистинско место поучи го благо и со љубов така што стрпливо ќе му дадеш совет и ќе го исправиш. Илејн, една сестра од Јужноафриканската Република, се сеќава како нејзините родители ја воспитувале. Тие секогаш ѝ објаснувале што очекуваат од неа. Ако ја предупределе дека ќе добие казна доколку не ги послуша, си стоеле на зборот. Сепак, таа вели: „Никогаш не ме казнуваа во гнев или без да ми објаснат зошто. Поради тоа, се чувствував сигурно. Знаев каде ми се границите, и ми беше јасно што се бара од мене“.

БИДИ ПОНИЗЕН

7, 8. а) Каква поука извлекле учениците од молитвите на Исус? б) Како можеш преку своите молитви да ги научиш децата да се потпираат на Бог?

7 Ноќта пред да биде уапсен и погубен, Исус го молел својот Татко: „Ава, Татко, за тебе сѐ е можно! Тргни ја оваа чаша од мене! Но нека не биде како што сакам јас, туку како што сакаш ти“ * (Мар. 14:36). Замисли си како се чувствувале учениците кога ја чуле оваа молитва или подоцна дознале за неа! Тие сфатиле дека, иако бил совршен, тој сепак барал помош од својот Татко. Од зборовите што ги кажал, учениците без сомнение научиле дека и самите треба да бидат понизни и да се потпираат на Јехова.

8 Што учат децата од твоите молитви? Иако главната цел на заедничките молитви не е да им дадеш поука на твоите деца, кога те слушаат како понизно се молиш, тие можат да научат да се потпираат на Јехова. Ана, која живее во Бразил, вели: „Кога имавме проблеми, на пример, кога баба ми и дедо ми беа болни, моите родители го молеа Јехова да им даде сила за да се справат со таа ситуација и да им даде мудрост да донесат добри одлуки. Дури и кога беа под силен притисок, тие ги оставаа проблемите во Јеховини раце. Така и јас научив да се потпирам на Јехова“. Кога се молиш со децата, не се моли само за нив. Моли го Јехова да ти помогне и тебе — можеби да ти даде сила да побараш слободни денови за конгрес од твојот работодавач, да ти влее храброст да му сведочиш на некој сосед или да ти помогне на некој друг начин. Ако понизно се потпираш на Бог, и твоите деца ќе научат да го прават тоа.

9. а) Како Исус ги поучил своите следбеници понизно да им служат на другите? б) Што ќе научат твоите деца ако те гледаат како спремно им служиш на другите?

9 И со збор и со пример, Исус ги поучил своите следбеници понизно да им служат на другите. (Прочитај Лука 22:27.) Апостолите гледале дека тој несебично му служи на Јехова и им помага на луѓето, и научиле и самите да го прават тоа. И ти можеш да ги поучиш децата со твојот пример на самопожртвуваност и понизност. Деби, која има две деца, вели: „Никогаш не бев љубоморна што маж ми поминуваше време со другите како старешина. Знаев дека тој секогаш ќе биде тука за нас кога ќе ни биде потребен“ (1. Тим. 3:4, 5). Како примерот на Деби и на нејзиниот сопруг, Пранас, влијаел врз нивните деца? Пранас вели дека, кога пораснале, децата секогаш биле спремни да помагаат за време на собирите. Биле среќни, стекнале добри пријатели и уживале во друштвото на своите духовни браќа и сестри. Сега целото семејство е во полновремена служба. Ако си понизен и несебичен, најверојатно и твоите деца ќе научат спремно да им помагаат на другите.

БИДИ ПРОНИКЛИВ

10. Кој пример покажува дека Исус бил прониклив?

10 Исус бил прониклив. Тој гледал под површината, односно не се концентрирал само на она што луѓето го правеле туку разбирал зошто постапувале на одреден начин. Исус можел да го чита нивното срце. Во една прилика, изгледало дека некои од оние што го слушале во Галилеја сакаат спремно да го следат (Јован 6:22-24). Но, Исус сфатил дека на тие луѓе им е поважна дословната храна отколку неговите поуки (Јован 2:25). Тој го увидел проблемот, стрпливо ги исправил и им објаснил какви промени треба да направат. (Прочитај Јован 6:25-27.)

Помогни им на децата да уживаат во службата (Види во пасус 11)

11. а) Како можеш да откриеш што чувствуваат твоите деца кон службата на проповедање? б) Како можеш да им помогнеш на твоите деца да уживаат во службата?

11 Иако не можеш да ги читаш срцата, ти можеш да бидеш прониклив и да откриеш што чувствува твоето дете кон службата на проповедање. Многу родители прават кратки паузи кога се во служба за да можат децата да се одморат и да каснат или да се напијат нешто. Би можел да се прашаш: ‚Дали моето дете ужива во службата или само во паузите?‘ Ако увидиш дека децата не уживаат многу во службата, обиди се да им ја направиш поинтересна. Дај им некои мали задачи за да можат да се чувствуваат корисно.

12. а) На што ги предупредил Исус своите следбеници? б) Зошто советот на Исус бил навремен?

12 Исус бил прониклив и затоа што знаел кои погрешни чекори водат до грев. На пример, на неговите следбеници им било јасно дека е погрешно да се изврши неморал. Но, Исус ги предупредил да внимаваат на чекорите кои водат до таков грев, кога рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Според тоа, ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе“ (Мат. 5:27-29). Овој совет бил многу навремен за христијаните кои живееле под римска власт. Во тоа време, повеќето луѓе уживале да гледаат театарски претстави кои изобилувале со еротски сцени и вулгарен говор. Затоа Исус со љубов ги предупредил своите ученици да се чуваат од сѐ што може да им отежне да останат чисти во морален поглед.

13, 14. Како можеш да ги заштитиш децата од нечиста забава?

13 Проникливоста може да ти помогне да ги заштитиш децата од работи кои можат да им го нарушат односот со Јехова. За жал, денес дури и малите деца се во опасност да гледаат порнографија или други неморални материјали. Се разбира, христијанските родители им кажуваат на своите деца дека е погрешно да гледаат такво нешто. Сепак, можеш да направиш уште нешто за да ги заштитиш. Прашај се: ‚Дали моите деца знаат зошто порнографијата е толку опасна? Што може да ги наведе да сакаат да гледаат такво нешто? Дали се чувствуваат толку слободни да зборуваат со мене што ќе побараат помош дури и кога се на искушение да гледаат порнографија?‘ Дури и ако детето сѐ уште е мало, би можел да му кажеш: „Ако некогаш ти се отвори на Интернет нешто неморално и посакаш да го гледаш, слободно кажи ми. Немој ниту да се плашиш ниту да се срамиш. Јас сакам да ти помогнам“.

14 Ако си прониклив, и самиот ќе донесуваш мудри одлуки во поглед на забавата. На тој начин ќе им дадеш добар пример на децата за тоа каква музика, филмови или книги се прифатливи за семејството. Пранас, кој беше спомнат погоре, вели: „Ти можеш да зборуваш колку сакаш, но децата ќе гледаат што правиш и ќе постапуваат како тебе“. Ако внимателно избираш изградувачка забава, веројатно и децата ќе бидат поттикнати да направат сличен избор (Рим. 2:21-24).

ВИСТИНСКИОТ БОГ ЌЕ ТИ ПОМАГА

15, 16. а) Зошто може да бидеш сигурен дека Бог ќе ти помага да ги поучуваш своите деца? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

15 Што се случило кога Маној побарал помош за да го воспита својот син? Библијата вели: „Вистинскиот Бог го послуша гласот на Маној“ (Суд. 13:9). Родители, Јехова ќе го послуша и вашиот глас. Тој ќе ги услиши вашите молитви и ќе биде со вас додека ги поучувате вашите деца. Ќе ви помогне да им покажувате љубов, и да бидете понизни и проникливи.

16 Јехова им помага на родителите да ги поучуваат децата додека се мали, но ќе им помогне да ги поучуваат и кога ќе станат тинејџери. Во следната статија ќе видиме како може Христовиот пример на љубов, понизност и проникливост да ти помогне да го поучиш својот тинејџер да му служи на Јехова.

^ пас. 5 Според Библијата, укорувањето вклучува водство, поука, исправка и понекогаш казна. Родителите никогаш не треба да ги укоруваат децата во гнев.

^ пас. 7 Во една енциклопедија се вели дека, во секојдневниот говор во времето на Исус, зборот „ава“ обично го користеле децата кога му се обраќале на својот татко. Тој одразувал блискост и топлина, но истовремено бил збор што се кажувал со почит (The International Standard Bible Encyclopedia).