Тие се ставиле на располагање — во Микронезија
КЕТРИН пораснала во САД и се крстила како Јеховин сведок кога имала 16 години. Иако давала сѐ од себе во службата, повеќето луѓе на кои им проповедала не сакале да ја слушаат добрата вест за Царството. Таа вели: „Читав многу искуства на луѓе кои го молеле Бог да испрати некого кај нив за да им помогне да го запознаат. И јас посакував да најдам такво лице, ама тоа никогаш не се случи“.
Откако со години проповедала на подрачјето на своето собрание, Кетрин почнала да размислува да се пресели во место каде што луѓето ќе имаат поголем интерес за пораката за Царството. Но, се прашувала дали е спремна на таков чекор. Таа била одвоена од семејството само еднаш во својот живот, и тоа на само две седмици. Иако ова не бил долг период, секој ден чувствувала носталгија. Меѓутоа, Кетрин имала толку силна желба да им помага на луѓето да го запознаат Јехова што сепак одлучила да се пресели. Најпрво размислила каде би можела да оди, а потоа напишала писмо до подружницата на Гуам и ги добила потребните информации. Во јули 2007 год., кога имала 26 години, Кетрин се преселила на Сајпан, остров во Тихиот Океан кој се наоѓа на околу 10.000 километри од нејзиниот дом. Што мисли Кетрин за својата одлука сега?
ОДГОВОР НА ДВЕ МОЛИТВИ
Кратко откако пристигнала во новото собрание, Кетрин почнала да ја проучува Библијата со Дорис, жена која имала околу 45 години. Кога ги завршиле првите три поглавја од книгата Што учи Библијата, Кетрин се загрижила. Зошто? Таа раскажува: „Дорис многу добро ги разбираше работите, но се плашев дека не е во вистински раце. Јас никогаш порано не сум водела редовна библиска студија со некого и сметав дека за неа ќе биде најдобро да проучува со некоја поискусна сестра на нејзина возраст“. Кетрин го молела Јехова да ѝ помогне да одбере сестра која најмногу ќе ѝ одговара на Дорис. Потоа одлучила да ѝ каже на Дорис дека некој друг ќе продолжи да проучува со неа.
Кетрин вели: „Токму кога решив да ѝ го кажам тоа, Дорис ми рече дека сака да разговараме за еден нејзин проблем. Ја ислушав и ѝ раскажав како Јехова ми помогна мене да се справам со еден сличен проблем. Таа беше многу благодарна“. Потоа Дорис ѝ рекла: „Јехова ми помага преку тебе. Денот кога за првпат дојде кај мене, ја читав Библијата со часови. Плачев и го молев Бог да испрати некој што ќе ми помогне да ја разберам Библијата. Тогаш ти тропна на мојата врата. Јехова ми ја одговори молитвата!“ Додека го раскажуваше ова искуство, очите на Кетрин се наполнија со солзи. Таа вели: „Зборовите на Дорис беа одговор на мојата молитва. Јехова ми покажа дека јас можам да проучувам со Дорис“.
Дорис се крстила во 2010 год., и сега и самата ја проучува Библијата со неколку лица. Кетрин додава: „Многу сум благодарна што ми се исполни долгогодишната желба да му помогнам на некое искрено лице да почне да му служи на Јехова!“ Денес Кетрин радосно служи како специјален пионер на островот Косрае.
ТРИ ПРЕДИЗВИЦИ — КАКО ДА СЕ НАДМИНАТ
Повеќе од сто браќа и сестри (на возраст од 19 до 79 години) се ставиле на располагање да служат во Микронезија, каде што има поголема потреба од објавители. Овие ревносни браќа и сестри се чувствуваат слично како Ерика, која се преселила на островот Гуам во 2006 год., кога имала 19 години. Таа вели: „Многу е интересно да се служи како пионер на подрачје каде што луѓето се жедни за вистината. Многу сум му благодарна на Јехова што ми помогна да учествувам во ваков вид служба. Ова е најдобриот начин на живот!“ Денес Ерика радосно служи како специјален пионер на Ибај, кој е дел од Маршалските острови. Се разбира, службата во друга земја си носи и свои предизвици. Да наведеме некои од предизвиците со кои се соочуваат оние што се преселиле во Микронезија и да видиме како се справуваат со нив.
Начин на живот. Кога пристигнал на островот Палау во 2007 год., Сајмон, кој тогаш имал 22 години, сфатил дека може да заработи само мал дел од платата што ја заработувал во својата родна земја, Англија. Тој вели: „Морав да научам да не купувам сѐ што ќе посакам. Сега внимателно избирам што да купам за јадење, и пазарам од најевтиното место. Кога ќе ми се расипе нешто, купувам половни делови и се обидувам да најдам некој што ќе ми помогне да го поправам“. Како влијаело врз Сајмон тоа што морал да се навикне да живее поедноставно? Тој вели: „Сфатив што е вистински потребно во животот и научив да поминувам со помалку. Во неколку ситуации на своја кожа почувствував како Јехова се грижи за мене. За време на седумте години што ги поминав овде, секогаш имав храна и покрив над главата“. Јехова навистина ги поддржува оние што водат едноставен живот за да го бараат најнапред Царството (Мат. 6:32, 33).
Носталгија. Ерика вели: „Многу сум блиска со моето семејство, и се плашев дека поради носталгијата нема да можам добро да ја вршам службата“. Што направила Ерика за да се подготви за преселбата? „Пред да заминам читав статии од Стражарска кула во врска со носталгијата. Од нив дознав како можам да се справам со овој предизвик. Во една статија прочитав како една мајка ја охрабрила ќерка си да има доверба во Јехова. Таа ѝ рекла: ,Јехова може многу подобро да се грижи за тебе отколку јас‘. Тоа уверување многу ме зајакна“. Хана и нејзиниот сопруг Патрик служат на Маџуро, кој е дел од Маршалските острови. Еден начин на кој Хана се справува со носталгијата е така што се труди да се зближи со браќата и сестрите во собранието каде што служат. Таа вели: „Постојано му благодарам на Јехова за нашето меѓународно братство затоа што и соверниците ми се како семејство. Никогаш не би можела да служам на место каде што има поголема потреба од објавители без нивната грижа и поддршка“.
Пријатели. „Кога ќе се преселиш во странска земја, сѐ се менува“, вели Сајмон. „Понекогаш ми е криво што не можам да кажувам шеги што другите ќе ги разберат“, додава тој. Ерика вели: „Во почетокот се чувствував осамено, ама тоа ме поттикна да се потсетам зошто одлучив да дојдам тука. Не се преселив заради себе, туку за да правам повеќе за Јехова“. Таа додава: „Со текот на времето стекнав пријатели кои многу ги ценам“. Сајмон вложил голем труд за да научи палауски јазик, и тоа му помогнало ,широко да го отвори своето срце‘ кон локалните браќа и сестри (2. Кор. 6:13). Поради тоа што толку се трудел да го научи јазикот, им станал многу мил на соверниците. Кога соработуваат рамо до рамо, новодојдените и локалните браќа и сестри стануваат блиски пријатели. Какви други благослови добиваат оние што се ставаат на располагање да служат на места каде што има поголема потреба од објавители?
ЖНЕАТ ОБИЛНИ БЛАГОСЛОВИ
Апостол Павле рекол: „Кој обилно сее, обилно и ќе жнее“ (2. Кор. 9:6). Ова начело може да се примени на оние што прават повеќе во службата. Какви благослови жнеат оние што служат во Микронезија?
Во Микронезија сѐ уште има многу лица со кои може да се започне библиска студија. Од прва рака може да се види како новите го применуваат она што го учат од Божјата Реч и како духовно напредуваат. Патрик и Хана проповедале на Ангаур, мал остров на кој има 320 жители. По два месеци, сретнале една самохрана мајка. Таа веднаш се согласила да ја проучува Библијата и направила големи промени во животот. Хана вели: „По секоја студија, кога ќе заминевме откај неа со нашите велосипеди, ќе се погледневме со Патрик и ќе речевме: ,Јехова, фала ти многу!‘“ Таа додава: „Знам дека Јехова можеше да најде друг начин да ѝ помогне на оваа самохрана мајка да го запознае, но поради тоа што се ставивме на располагање да служиме во друга земја, ние имавме чест да ја пронајдеме и да ѝ помогнеме на оваа кротка жена да ја дознае вистината. Ова е едно од најубавите искуства што некогаш сме ги доживеале!“ Ерика вели: „Нема поголема радост од тоа да му помагаш некому да го запознае Јехова!“
МОЖЕШ ЛИ И ТИ ДА СЕ СТАВИШ НА РАСПОЛАГАЊЕ?
Во многу земји има потреба од повеќе проповедници. Дали и ти би можел да се преселиш во една таква земја? Моли го Јехова да ти ја разгори желбата да правиш повеќе во службата. Разговарај за тоа со собраниските старешини, со покраинскиот надгледник или со некои соверници кои служат во друга земја. Ако веќе си донел одлука да се преселиш, напиши писмо до подружницата која е одговорна за подрачјето каде што сакаш да служиш и побарај повеќе информации. * Можеби и ти ќе имаш чест да им се придружиш на илјадниците браќа и сестри — млади и стари, самци и во брак — кои спремно се ставаат на располагање и жнеат богати благослови.
^ пас. 17 Види ја статијата „Можеш ли да ,прејдеш во Македонија‘?“ која излезе во Нашата служба за Царството од август 2011 год.