Како да останеме самопожртвувани
„Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе“ (МАТ. 16:24)
1. Зошто може да се каже дека Исус дал совршен пример за самопожртвуваност?
ИСУС дал совршен пример за самопожртвуваност кога бил на Земјата. Тој ја ставил Божјата волја пред своите лични желби и удобности (Јован 5:30). Со тоа што му останал верен на Јехова до смрт на маченички столб, покажал дека неговата самопожртвуваност нема граници (Фил. 2:8).
2. Како покажуваме дека сме самопожртвувани, и зошто треба да бидеме такви?
2 Како следбеници на Исус, и ние треба да бидеме самопожртвувани. Што значи некој да биде самопожртвуван? Едноставно кажано, тоа значи да биде спремен да се откаже од своите желби и цели за да им помага на другите. Во некоја смисла, самопожртвуваноста е спротивна на себичноста бидејќи, ако сме себични, не можеме да ги ставиме чувствата и желбите на другите пред нашите. (Прочитај Матеј 16:24; Фил. 2:3, 4). Може да се каже дека несебичноста лежи во суштината на обожавањето на вистинскиот Бог. Зошто? Затоа што Исус поучувал дека главно обележје на вистинските христијани е љубовта, која нѐ поттикнува да бидеме самопожртвувани, односно несебични (Јован 13:34, 35). Колку само сме благословени затоа што сме дел од едно меѓународно братство кое покажува самопожртвуваност!
3. Што може да ја поткопа нашата самопожртвуваност?
3 Сепак, мора и понатаму да се бориме против себичноста бидејќи таа може да ја поткопа нашата самопожртвуваност. Сети се дека дури и првите луѓе паднале во замката на себичноста. Кај Ева се родила себична желба да биде како Бог, а Адам од себични причини сакал повеќе да ѝ угоди нејзе отколку на Јехова (1. Мој. 3:5, 6). Откако успеал да ги оттргне Адам и Ева од вистинскиот Бог, Ѓаволот продолжил да ги поттикнува луѓето на себичност. Тој се обидел да го стори тоа дури и кога го искушувал Исус (Мат. 4:1-9). Во денешно време, Сатана успева да ги заведе повеќето луѓе со тоа што ги наведува да бидат себични на многу полиња. Ако не сме внимателни, таквиот себичен став може да влијае и врз нас (Еф. 2:2).
4. а) Дали е можно да ја отстраниме себичноста уште денес? Објасни. б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
4 Себичноста може да се спореди со ’рѓа. Кога некој железен предмет е изложен на воздух и на влага, може да почне да ’рѓосува. Многу е опасно да не се обрнува внимание на ’рѓата, затоа што таа може да го разјаде металот и да сруши цела конструкција. На сличен начин, иако денес не е можно да ги отстраниме нашата несовршеност и склоност кон себичност, мора постојано да се бориме против нив (1. Кор. 9:26, 27). Како може да откриеме дали сме себични? И на кој начин можеме во уште поголема мера да покажуваме самопожртвуваност?
КАКО МОЖЕ ДА ТИ ПОМОГНЕ БИБЛИЈАТА
5. а) На кој начин Библијата може да ни послужи како огледало? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Како не треба да ја користиме Библијата ако сакаме да откриеме дали сме себични?
5 Исто како што огледалото ни помага да го провериме нашиот надворешен изглед, така и Библијата може да ни помогне да ја провериме нашата внатрешна личност и да ги исправаме мааните што ќе ги откриеме. (Прочитај Јаков 1:22-25.) Сепак, огледалото може да ни биде од помош само ако го користиме на исправен начин. На пример, ако само кратко се погледнеме во него, можеби нема да забележиме дали нешто сериозно не е во ред со нашиот изглед. Или, доколку гледаме во него под извесен агол, можеби ќе видиме нечиј друг лик, а не нашиот. Слично на ова, ако сакаме Библијата да ни помогне да откриеме кај себе некоја лоша особина како што е себичноста, не треба само набрзина да ја читаме ниту, пак, да ја користиме за да ги видиме туѓите маани.
6. Што треба да правиме освен што ќе ‚се задлабочиме во совршениот закон‘?
6 На пример, може да ја читаме Божјата Реч редовно, па дури и секој ден, и пак да не препознаеме дека кај нас се појавиле некои знаци на себичност. Како е можно вакво нешто? Размисли за следново: Во споредбата што ја дал Јаков, проблемот на човекот не бил во тоа што не се погледнал внимателно во огледалото. Јаков напишал дека ‚човекот го гледа своето лице во огледало‘. Грчкиот збор кој во овој стих е преведен со „гледа“ укажува на внимателно испитување. Тогаш, што бил проблемот на овој човек? Јаков продолжува: „[Тој] си оди и веднаш заборава каков е“. Да, тој се тргнал од огледалото без да направи никаква промена кај себе. За разлика од него, оној што ја извршува речта не само што ‚се задлабочува‘ во совршениот закон туку и ‚се прилепува‘ до него. Ова значи дека не ја заборава Божјата Реч туку продолжува цврсто да се држи за она што е запишано во неа. Исус ја нагласил истата работа кога рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици“ (Јован 8:31).
7. Како може со помош на Библијата да откриеме дали кај нас има некои знаци на себичност и да се бориме против нив?
7 Според тоа, за да се бориш успешно со себичноста, најпрво мора внимателно да ја читаш Божјата Реч. Ова може да ти помогне да откриеш на кои полиња треба да обрнеш внимание. Но, тоа не е доволно. Треба да копаш подлабоко во Библијата така што ќе истражуваш. Додека читаш некој библиски извештај, замисли си дека си таму. Прашај се: ‚Како ќе постапев јас да бев во оваа ситуација? Дали ќе го направев она што е исправно?‘ И, најважно од сѐ, откако длабоко ќе размислиш за она што си го прочитал, труди се да го применуваш во својот живот (Мат. 7:24, 25). Да видиме како извештаите за цар Саул и за апостол Петар можат да ни помогнат да останеме самопожртвувани.
УЧИ ОД ЛОШИОТ ПРИМЕР НА ЦАР САУЛ
8. Какво гледиште за себеси имал Саул кога почнал да владее, и како го покажал тоа?
8 Цар Саул е предупредувачки пример за тоа како себичноста може постепено да ја поткопа самопожртвуваноста. Кога почнал да владее како цар, Саул имал скромно и понизно гледиште за себеси (1. Сам. 9:21). На пример, тој одбил да ги казни Израелците кои се побуниле против неговата царска власт, иако можел да мисли дека има право да го стори тоа затоа што лично Јехова го поставил за цар (1. Сам. 10:27). Подоцна Саул дозволил да го води Божјиот дух кога го повел Израел во победничка битка против Амонците. По таа битка, тој понизно му ја припишал на Јехова целата заслуга за победата (1. Сам. 11:6, 11-13).
9. Како Саул дозволил себичното размислување да влијае врз неговото срце?
9 Но, со текот на времето, Саул дозволил себичното размислување и гордоста да влијаат врз неговото срце слично како што ’рѓата постепено го нагризува металот. Откако извојувал победа против Амаличаните, тој ги ставил сопствените желби на прво место и, наместо да го послуша Јехова, лакомо го приграбил пленот што требало да го уништи. Освен тоа, толку се вообразил што си подигнал споменик (1. Сам. 15:3, 9, 12). Кога пророкот Самоил му кажал дека неговите постапки не му се допаднале на Јехова, Саул почнал да се правда тврдејќи дека сепак бил послушен на еден дел од Божјата заповед, и ја префрлил вината за својата грешка врз другите (1. Сам. 15:16-21). Затоа што се возгордеал, поважно му било да не се посрами пред народот отколку да му угоди на Бог (1. Сам. 15:30). Како може извештајот за овој цар да ни помогне да останеме самопожртвувани?
10, 11. а) Што учиме за самопожртвуваноста од она што му се случило на Саул? б) На што треба да внимаваме за да не тргнеме по стапките на Саул?
10 Прво, она што му се случило на Саул покажува дека не е добро да бидеме премногу самоуверени и да си мислиме дека, ако порано сме биле самопожртвувани, секогаш ќе бидеме такви (1. Тим. 4:10). Имај на ум дека овој цар некое време бил добар и ја имал Божјата наклоност. Сепак, не ги отстранил себичните желби кои пуштиле корен во неговото срце. На крајот, Јехова го отфрлил поради тоа што бил непослушен.
11 Второ, треба да внимаваме да не се концентрираме само на подрачјата на кои ни оди добро, а да ги занемариме работите во кои треба да се подобруваме. Тоа би било исто како да се гледаме во огледало и да ѝ се восхитуваме на нашата нова облека, а да не забележиме дека лицето ни е извалкано. Дури и да не сме толку самоуверени како што бил Саул, мора да се бориме против секаква склоност која би можела да нѐ наведе да тргнеме по неговите стапки. Затоа, ако добиеме совет, да внимаваме да не бараме изговор за нашите постапки, да не ја потценуваме сериозноста на проблемот и да не ја префрламе вината врз друг. Наместо да постапиме како Саул, многу подобро е да бидеме спремни да го прифатиме советот. (Прочитај Псалм 141:5.)
12. Како самопожртвуваноста може да ни помогне ако направиме тежок грев?
12 Но, што ако направиме тежок грев? Саул сакал да си го зачува угледот, и тоа го спречило да си го поправи односот со Јехова. За разлика од него, ако сме самопожртвувани, ќе бидеме спремни да побараме помош иако можеби се чувствуваме засрамено (Изр. 28:13; Јак. 5:14-16). На пример, еден брат почнал да гледа порнографија уште од 12 години, и продолжил тајно да го прави тоа повеќе од десет години. Тој вели: „Ми беше многу тешко да зборувам за ова со жена ми и со старешините. Но сега, откако признав што правев, чувствувам како да ми падна тежок товар. Бидејќи дотогаш бев слуга-помошник, некои мои пријатели беа разочарани од мене кога бев разрешен од таа одговорност, и се чувствуваа изневерено. Сепак, јас знам дека сега повеќе го радувам Јехова со мојата служба отколку кога гледав порнографија, а најважно од сѐ е што мисли тој“.
ПЕТАР УСПЕАЛ ДА СЕ ИЗБОРИ СО СЕБИЧНОСТА
13, 14. Како Петар покажал себичност?
13 Апостол Петар покажал самопожртвуваност додека бил поучуван од Исус (Лука 5:3-11). Сепак, морал да се бори со себичноста. На пример, тој се налутил кога апостолите Јаков и Јован побарале од Исус да седнат од неговата десна и лева страна во Божјето Царство. Можеби Петар си мислел дека нему му следува таква висока положба затоа што Исус веќе му кажал дека ќе добие посебна одговорност (Мат. 16:18, 19). Но, Исус ги предупредил Јаков и Јован, како и Петар и другите апостоли, дека не смеат да бидат себични и да се обидуваат да „господарат“ над своите браќа како да се подобри од нив (Мар. 10:35-45).
14 Иако Исус се обидел да му го исправи размислувањето, Петар и понатаму имал погрешно гледиште за себеси. Кога Исус им кажал на апостолите дека сите ќе го напуштат, Петар ги понижил другите со тоа што тврдел дека само тој ќе му остане верен (Мат. 26:31-33). Но, не требало да биде толку самоуверен бидејќи уште истата ноќ пропуштил да покаже самопожртвуваност. Со цел да се заштити, тој трипати се одрекол од Исус (Мат. 26:69-75).
15. Зошто нѐ охрабрува примерот на Петар?
15 И покрај тоа што Петар постојано се борел со себеси и понекогаш правел пропусти, неговиот пример многу нѐ охрабрува. Бидејќи вложил голем труд и добил помош од Божјиот свет дух, тој успеал да се избори со себичноста и да покаже самосовладување и самопожртвувана љубов (Гал. 5:22, 23). Всушност, Петар му останал верен на Бог во уште потешки искушенија од оние на кои паднал пред тоа. На пример, понизно реагирал кога Павле строго го укорил пред другите (Гал. 2:11-14). Освен тоа, не бил огорчен и не мислел дека тој укор му го срушил угледот. Напротив, Петар и понатаму покажувал љубов кон Павле (2. Пет. 3:15). Неговиот пример може да ни помогне да останеме самопожртвувани.
16. Како може да покажеме самопожртвуваност во тешки ситуации?
16 Размисли како реагираш ти кога ќе се најдеш во некоја тешка ситуација. Кога Петар и апостолите биле затворени и камшикувани затоа што проповедале, тие се радувале бидејќи ‚биле достојни да поднесат срам поради името на Исус‘ (Дела 5:41). Како гледаш ти на прогонството? Дали и за тебе тоа е можност да се угледаш на Петар и да бидеш самопожртвуван како Исус? (Прочитај 1. Петрово 2:20, 21.) Ваквиот став може да ти помогне и ако си добил укор од старешините. Наместо да се навредиш, следи го примерот на Петар (Проп. 7:9).
17, 18. а) Кои прашања би можеле да си ги поставиме во врска со нашите духовни цели? б) Што може да сториме ако увидиме дека во нашето срце се развива себичност?
17 Примерот на Петар исто така може да ти помогне да си поставиш духовни цели. Ќе можеш да ги постигнеш ако се трудиш да бидеш самопожртвуван. Сепак, мора да внимаваш да не го правиш тоа за да се истакнеш над другите. Прашај се: ‚Зошто сакам да се подобрам и да му служам на Јехова во поголема мера? Дали затоа што сакам другите да ме фалат или да имам поголем авторитет, како што по сѐ изгледа било случај со Јаков и Јован?‘
18 Ако увидиш дека во твоето срце се развива себичност, моли го Јехова да го исправи твоето размислување и твоите чувства, а потоа труди се да правиш сѐ за негова слава, а не за да си стекнеш личен углед (Пс. 86:11). Би можел да си поставиш и други цели со кои нема да го свртуваш вниманието кон себе. На пример, би можел да работиш на некој плод на духот кој не ти е лесно да го покажуваш. Или, пак, ако трудољубиво се подготвуваш за точките што ги имаш на состаноците, но не сакаш многу да учествуваш во чистењето на Салата на Царството, би можел да си поставиш цел да го примениш советот од Римјаните 12:16. (Прочитај.)
19. Што можеме да направиме за да не се разочараме од она што ќе го откриеме кај себе со помош на Божјата Реч?
19 Кога внимателно се огледуваме во Божјата Реч и забележуваме некои слабости, па дури и знаци на себичност кај себе, би можеле да се разочараме. Ако вакво нешто ти се случи и тебе, размислувај за човекот кој ја врши речта од споредбата што ја дал Јаков. Јаков не кажува колку брзо тој човек ги исправил грешките што ги видел кај себеси ниту, пак, дека ја поправил секоја слабост. Наместо тоа, тој вели дека човекот ‚се прилепил до совршениот закон‘ (Јак. 1:25). Тој не го заборавил она што го видел во огледалото, и продолжил да работи на себе и да се подобрува. Затоа, задржи позитивно гледиште за себеси и не заборавај дека сите сме несовршени. (Прочитај Проповедник 7:20.) Јехова сака да ти помогне, исто како што им помогнал и на многу твои соверници. Ако продолжиш да ги применуваш советите од Библијата и ако се трудиш да останеш самопожртвуван, Јехова ќе те благослови и ќе ја имаш неговата милост.