Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставиле на располагање — на Филипините

Тие се ставиле на располагање — на Филипините

ПРЕД околу десет години, една брачна двојка, Грегорио и Мерилу, кои биле на возраст од околу 30 години, служеле како пионери во Манила. Иако работеле со полно работно време, сепак успевале да ја извршуваат службата. По некое време, Мерилу била унапредена во раководител во банката во која работела. Таа вели: „Бидејќи и двајцата имавме добри плати, водевме многу удобен живот“. Всушност, толку добро стоеле финансиски што решиле да си ја изградат куќата од соништата на една многу добра локација на околу 19 километри источно од Манила. Склучиле договор со една фирма која требало да им ја гради куќата, и средиле да ја отплаќаат на рати во следните десет години.

„ИМАВ ЧУВСТВО ДЕКА КРАДАМ ОД ЈЕХОВА“

Мерилу раскажува: „Новата работа ми одземаше толку време и сила што мојата ревност за духовните активности полека почна да згаснува. Имав чувство дека крадам од Јехова затоа што веќе не му го посветував времето што му го имав ветено за службата“. Бидејќи тоа им ја одземало радоста, Грегорио и Мерилу седнале да зборуваат за тоа што прават со својот живот. Грегорио вели: „Сакавме да смениме нешто, но не знаевме што. Разговаравме како би можеле уште повеќе да му служиме на Јехова, особено со оглед на тоа што немавме деца. Го молевме да ни го даде потребното водство“.

Токму во тоа време, слушале неколку говори во кои се зборувало за служење на места каде што има поголема потреба од објавители на Царството. „За нас ова беше одговор од Јехова на нашите молитви“, вели Грегорио. Сепак, се молеле за уште поголема вера за да имаат храброст да донесат исправна одлука. Една голема пречка било тоа што изградбата на нивната куќа била во тек, и веќе ги имале отплатено ратите за три години. Што можеле да направат? Мерилу вели: „Знаевме дека, ако го раскинеме договорот, ќе ги изгубиме сите пари што ги имавме дадено дотогаш, а тоа не беше баш мала сума. Но, на ова гледавме како на можност да покажеме дали ни е поважна Јеховината волја или нашите желби“. Имајќи ги на ум зборовите на апостол Павле, кој рекол дека ‚се согласил да изгуби сѐ‘, тие го раскинале договорот за куќата, дале отказ од работа, продале повеќе од работите што ги имале и се преселиле во едно зафрлено село на островот Палаван, кој се наоѓа на оддалеченост од околу 480 километри на југ од Манила (Фил. 3:8).

ТИЕ ‚ЈА ОТКРИЛЕ ТАЈНАТА‘

Пред да се преселат, Грегорио и Мерилу се обиделе да се подготват да водат едноставен живот но, сѐ додека не пристигнале на своето одредиште, не биле свесни што, всушност, ги чека. „Бевме шокирани“, вели Мерилу. „Немаше ниту струја ниту, пак, некаков електричен уред. Наместо само да го вклучам апаратот за варење ориз, моравме да готвиме на дрва кои пред тоа сами ги сечевме. Ми недостигаше градскиот живот — продавниците, рестораните и други работи“. Сепак, Грегорио и Мерилу се труделе да не заборават зошто се преселиле, и за кратко време успеале да се навикнат на новиот живот. Мерилу вели: „Уживам во природата и во прекрасното ѕвездено небо. Но, најсреќни сме кога гледаме како лицата на луѓето светнуваат од радост додека ја слушаат пораката што им ја проповедаме. Откако дојдовме да служиме овде, ‚ја откривме тајната‘ — како да бидеме задоволни во сѐ“ (Фил. 4:12, фус.).

„Нема поголема радост од тоа да видиш како многу нови лица стануваат дел од собранието. Сега водиме навистина исполнет живот!“ (Грегорио и Мерилу)

Грегорио раскажува: „Кога пристигнавме овде, имаше само четворица Сведоци. Тие беа пресреќни кога почнав да држам јавни предавања секоја седмица и да свирам на гитара додека ги пеевме теократските песни на состаноците“. За една година, оваа мала група прераснала во собрание од 24 објавители. Грегорио вели: „Трогнати сме од љубовта што ни ја покажува собранието“. Денес, кога размислуваат за шесте години кои ги поминале во ова зафрлено место, тие велат: „Нема поголема радост од тоа да видиш како многу нови лица стануваат дел од собранието. Сега водиме навистина исполнет живот!“

„ВКУСИВ И ВИДОВ КОЛКУ Е ДОБАР ЈЕХОВА!“

На Филипините, речиси 3.000 браќа и сестри се имаат преселено на подрачја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Околу 500 од нив се немажени сестри. Една од нив е Керин.

Керин

Таа има 25 години и пораснала во Багао (Кагајан). Додека била во тинејџерски години, често размислувала како да ја зголеми својата служба. Керин раскажува: „Бидејќи преостанатото време е скратено и најразлични луѓе треба да ја слушнат пораката за Царството, сакав да служам онаму каде што има поголема потреба од објавители“. Иако неколкумина од нејзиното семејство ја поттикнувале да се запише на факултет наместо да се пресели на оддалечено место за да проповеда, Керин го молела Јехова за водство. Освен тоа, разговарала и со некои што веќе служеле на такви подрачја. Кога наполнила 18 години, таа се преселила во едно зафрлено место кое било оддалечено 64 километри од нејзиниот роден град.

Објавителите од малото собрание во кое отишла да служи проповедаат во една планинска област долж крајбрежјето на Тихиот Океан. Керин вели: „За да стигнеме од Багао до новото собрание, моравме три дена да пешачиме угоре-удолу по планините, и повеќе од 30 пати да преминуваме преку реки“. Таа додава: „За да проучувам со некои заинтересирани лица, пешачам по шест часа, преспивам кај нив и следниот ден пешачам уште шест часа до дома“. Дали вреди целиот овој труд? Со голема насмевка, Керин вели: „Понекогаш ме болат нозете од одење, но досега водев 18 библиски студии. ‚Вкусив и видов колку е добар Јехова‘!“ (Пс. 34:8).

„НАУЧИВ ДА СЕ ПОТПИРАМ НА ЈЕХОВА“

Суки

Суки, немажена сестра од САД која има околу 40 години, се преселила на Филипините. Што ја поттикнало да направи таков чекор? Во 2011 год., таа присуствувала на еден покраински собир каде што имало интервју со една брачна двојка. Тие раскажале дека продале речиси сѐ што имале за да се преселат во Мексико и да проповедаат таму. Суки вели: „Тоа интервју ме наведе да размислувам за некои цели кои порано не ми паѓале на ум“. Кога дознала дека има голема потреба да им се проповеда на луѓето што зборуваат пенџапски, а живеат на Филипините, Суки, која има индиско потекло, решила да се пресели таму за да помага. Дали наишла на пречки?

Таа вели: „Не мислев дека ќе ми биде толку тешко да решам што да продадам, а што да задржам. Освен тоа, пред да заминам, се преселив кај едно семејство каде што некое време живеев со нераспакувани куфери. Тоа не беше лесно, бидејќи претходните 13 години имав свој стан и водев удобен живот. Но, беше добар начин да се подготвам да живеам поедноставно“. На какви предизвици наишла откако се преселила на Филипините? „Најтешко ми беше да се борам со носталгијата и со фобиите од инсекти. Научив да се потпирам на Јехова повеќе од кога и да било порано!“ Што мисли Суки денес за одлуката што ја донела? Со насмевка, таа вели: „Јехова нѐ поттикнува: ‚Испитајте ме за да видите дали нема да ви излеам благослов‘. Тој благослов навистина го чувствувам секогаш кога некој станар ќе ми рече: ‚Кога ќе дојдеш пак? Имам уште многу прашања‘. Многу сум среќна што можам да им помагам на луѓето кои се духовно гладни!“ (Мал. 3:10). Таа додава: „Всушност, најтешко ми беше да ја донесам одлуката да се преселам. Но, откако го сторив тоа, просто не ми се веруваше како Јехова се погрижи сѐ да оди како што треба“.

„ГО СОВЛАДАВ СТРАВОТ“

Симеј, женет брат кој има речиси 40 години, заминал од Филипините бидејќи нашол добро платена работа на Блискиот Исток. Додека престојувал таму, многу бил охрабрен од покраинскиот надгледник и од говорот на еден член на Водечкото тело. Тоа го поттикнало да го стави Јехова на прво место во животот. „Но, се плашев дури и да помислам да ја оставам работата“, вели Симеј. И покрај тоа, дал отказ и се вратил на Филипините. Денес тој и неговата жена, Хајди, служат во Давао дел Сур, во јужниот дел на земјата каде што има потреба од објавители кои треба да проповедаат на едно огромно подрачје. Симеј вели: „Многу сум среќен што го ставив Јехова на прво место и го совладав стравот што ме спречуваше да ја оставам работата. Нема поголемо задоволство и радост во животот од тоа да му го даваш најдоброто на Јехова!“

Симеј и Хајди

„ТОА НИ НОСИ ОГРОМНА РАДОСТ!“

Рамило и Џулиет, брачен пар пионери кои имаат околу 30 години, чуле дека му е потребна помош на едно собрание кое е оддалечено речиси 30 километри од нивното место. Затоа, решиле да се стават на располагање за да служат таму. Секоја седмица, и по сонце и по дожд, Рамило и Џулиет се возат по неколку пати со својот мотор за да ги поддржуваат состаноците и да проповедаат со тамошните објавители. Иако не е секогаш лесно да се патува по нерамни патишта и да се преминуваат висечки мостови, тие се среќни што служат во поголема мера. Рамило вели: „Заедно со жена ми водиме 11 библиски студии! Точно, потребни се жртви за да служиме таму каде што има поголема потреба, но тоа ни носи огромна радост!“ (1. Кор. 15:58).

Џулиет и Рамило

Дали би сакал да дознаеш како можеш да се ставиш на располагање да служиш на места каде што има поголема потреба од објавители во твојата или во друга земја? Ако да, разговарај со својот покраински надгледник и прочитај ја статијата „Можеш ли да ‚прејдеш во Македонија‘?“, која излезе во Нашата служба за Царството од август 2011 год.