Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Потполно изврши ја својата служба како проповедник

Потполно изврши ја својата служба како проповедник

„Проповедај ја добрата вест, потполно изврши ја својата служба“ (2. ТИМ. 4:5)

1. Зошто може да се каже дека Јехова бил првиот што објавил добра вест?

ЈЕХОВА БОГ бил првиот што објавил добра вест. Веднаш откако се побуниле Адам и Ева, тој ја соопштил добрата вест дека ќе го уништи Сатана Ѓаволот, кој зборувал преку змијата (1. Мој. 3:15). Низ вековите, Јехова ги водел своите верни слуги на Земјата да запишат во неговата Реч како тој ќе го отстрани срамот од своето име, како ќе ја надомести штетата што ја направил Сатана и како луѓето ќе можат повторно да ги добијат благословите што ги изгубиле нашите прародители.

2. а) Каква улога имаат ангелите во проповедничкото дело? б) Каков пример им дал Исус на сите што подоцна станале проповедници?

2 Ангелите исто така објавуваат добра вест, и им помагаат и на други да го прават тоа (Лука 1:19; 2:10; Дела 8:26, 27, 35; Отк. 14:6). А што може да се каже за архангелот Михаел, односно за Исус Христос? Додека живеел на Земјата, тој потполно се посветил на проповедањето на добрата вест. Со тоа им дал одличен пример на сите што подоцна станале проповедници (Лука 4:16-21).

3. а) Каква добра вест им објавуваме на другите? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Исус им заповедал на своите ученици да ја објавуваат добрата вест (Мат. 28:19, 20; Дела 1:8). И апостол Павле го поттикнал својот соработник Тимотеј: „Проповедај ја добрата вест, потполно изврши ја својата служба“ (2. Тим. 4:5). Каква добра вест објавуваме како следбеници на Исус? Ние им кажуваме на сите дека нашиот небесен Татко, Јехова, нѐ сака (Јован 3:16; 1. Пет. 5:7). Неговото Царство е доказ дека тој ги сака луѓето. Затоа со радост им кажуваме дека, ако станат поданици на тоа Царство, ако одлучат да му бидат послушни на Бог и да постапуваат праведно, уште денес можат да бидат пријатели со Него (Пс. 15:1, 2). Освен тоа, Јехова има намера да ги отстрани сите неправди и страдања, и да ја избрише сета болка што ни ја причинуваат лошите спомени. Ова навистина е добра вест! (Иса. 65:17). Затоа, да ги разгледаме следниве важни прашања: Зошто луѓето треба да ја слушнат добрата вест? И, како можеме потполно да ја извршиме својата служба како проповедници?

ЗОШТО ЛУЃЕТО ТРЕБА ДА ЈА СЛУШНАТ ДОБРАТА ВЕСТ?

4. Какви лаги понекогаш кажуваат луѓето за Бог?

4 Замисли си дека си пораснал без татко, и дека некои уште од мал те лажеле дека татко ти го напуштил семејството затоа што бил ладен и бесчувствителен човек, кој воопшто не се интересирал за вас. Други ти велат дека е залудно да го бараш затоа што тој сега е мртов. Всушност, некои кажуваат слични лаги за Бог. Велат дека не е можно да го запознаеме или дека е суров и безмилосен. На пример, многу верски водачи тврдат дека Бог ги казнува злите така што вечно ги мачи во пекол. Други, пак, го обвинуваат за страдањата што се предизвикани од природни катастрофи. Иако во нив гинат и добри и лоши луѓе, тие велат дека катастрофите се казна од Бог.

5, 6. Како влијаат врз луѓето лажните учења и теоријата на еволуција?

5 Од друга страна, многу луѓе сметаат дека нема Бог. На пример, оние што ја застапуваат теоријата на еволуција тврдат дека животот настанал случајно и дека не постои Творец. Некои дури велат дека човекот е еден вид животно, и затоа не е чудно што понекогаш се однесува животински. Тие сметаат дека силните кои владеат над слабите едноставно се водат по „законот на природата“. Од таа причина, многумина мислат дека секогаш ќе има неправди. Затоа, оние што веруваат во еволуција немаат вистинска надеж за иднината.

6 Без сомнение, теоријата на еволуција и лажните учења придонеле за бедната состојба во која се наоѓа човештвото во овие последни денови (Рим. 1:28-31; 2. Тим. 3:1-5). Овие учења не им носат никаква добра вест на луѓето. Наместо тоа, како што напишал апостол Павле, тие им го ‚замрачуваат умот‘ и ги ‚отуѓуваат од животот што го дава Бог‘ (Еф. 4:17-19). Освен тоа, теоријата на еволуција и лажните учења ги спречуваат луѓето да ја прифатат добрата вест од Бог. (Прочитај Ефешаните 2:11-13.)

7, 8. Кој е единствениот начин на кој луѓето можат потполно да ја разберат добрата вест?

7 За да се помират со Бог луѓето мора прво да се уверат дека Тој постои и дека е важно да станат блиски со него. Можеме да им помогнеме да го запознаат така што ќе ги поттикнеме да размислуваат за неговите творби. Ако го проучуваат творештвото со отворен ум, ќе можат да сфатат колку мудар и моќен е Бог (Рим. 1:19, 20). Брошурата Дали животот е Божје дело? може да им помогне да развијат страхопочит и ценење за она што го создал нашиот Величествен Творец. Сепак, не е доволно само да го проучуваат творештвото за да добијат одговор на најважните прашања, како што се: Зошто Бог го допушта страдањето? Која е неговата намера со Земјата? И дали се грижи за мене лично?

8 Луѓето можат потполно да ја разберат добрата вест за Бог и неговата намера само ако ја проучуваат Библијата. За нас е огромна чест што можеме да им помогнеме да ги дознаат одговорите на своите прашања. Но, за да го допреме нивното срце, не е доволно само да им изнесуваме факти. Мора да им помогнеме самите да се уверат дека она што им го кажуваме е вистина (2. Тим. 3:14). Можеме уште подобро да го правиме тоа ако го следиме примерот на Исус. Зошто тој бил толку убедлив? Една причина е тоа што делотворно користел прашања. Како може да се угледаме на него?

ДА КОРИСТИМЕ ДЕЛОТВОРНИ ПРАШАЊА

9. Што треба да правиме за да им помогнеме на луѓето во духовен поглед?

9 Зошто треба и ние, исто како Исус, да користиме прашања во службата? Замисли си ја следнава ситуација: Лекарот ти вели дека има добра вест за тебе. Може да те излекува ако ти направи една тешка операција. Можеби ќе му поверуваш. Но, што ако ти го каже тоа без претходно да утврди каква е твојата здравствена состојба? Во тој случај, веројатно нема да имаш доверба во него. Сеедно колку тој лекар е стручен и искусен, пред да ти пружи каква и да било помош, тој мора да ти постави некои прашања и да чуе какви симптоми имаш. На сличен начин, ако сакаме да им помогнеме на луѓето да ја прифатат добрата вест за Царството, мора да научиме да им поставуваме делотворни прашања. Само ако имаме јасна слика за нивната духовна состојба, ќе можеме да им ја пружиме помошта која ним лично им е потребна.

За да допреме до срцето на луѓето, мора да им помогнеме да се уверат дека она што им го кажуваме е вистина

10, 11. Што можеме да постигнеме ако поучуваме како Исус?

10 Промислените прашања ќе ни помогнат да дознаеме нешто повеќе за оној што го поучуваме, но и да го вклучиме во разговор. Исус го знаел тоа, и затоа често користел прашања. На пример, кога сакал да им даде на своите ученици поука за понизноста, тој најпрво им поставил едно прашање (Мар. 9:33). За да го поучи Петар да донесува заклучоци на темел на начела Исус му поставил прашање со два можни одговора (Мат. 17:24-26). Во друга прилика, кога сакал да дознае што имаат неговите ученици во срцето Исус им поставил неколку потпрашања со кои ги поттикнал да си го кажат своето мислење. (Прочитај Матеј 16:13-17.) Според тоа, кога ги поучувал луѓето, тој не им кажувал само што треба да прават, туку им поставувал и прашања со кои ги мотивирал да живеат во склад со добрата вест.

11 Ако користиме прашања исто како Исус, можеме да постигнеме најмалку три работи. Можеме да утврдиме како најдобро да им помогнеме на луѓето, да одговориме на некој нивни приговор и да ги поучиме понизните како да го применат она што го учат. Да разгледаме три примери кои покажуваат како можеме делотворно да користиме прашања.

12-14. Како може некој родител да му помогне на своето дете со поголема увереност да ја објавува добрата вест? Наведи пример.

12 Пример 1: Што би направил ако твоето дете кое е тинејџер ти рече дека се плаши да му каже на некој свој соученик дека верува во Творец, а не во еволуција? Сигурно би сакал да му помогнеш со поголема увереност да зборува за добрата вест. Затоа, наместо да го критикуваш или, пак, веднаш да му дадеш совет, следи го примерот на Исус и постави му прашања за да видиш како размислува. Како би можел да го сториш тоа?

13 Откако ќе прочитате некои делови од брошурата Дали животот е Божје дело?, би можел да го прашаш кои информации му се особено интересни. Поттикни го да размисли од кои причини тој лично е уверен дека постои Творец и зошто сака да ја врши Божјата волја (Рим. 12:2). Објасни му дека неговите причини можат да бидат поинакви од твоите.

14 Кажи му на дека може на сличен начин да разговара и со својот соученик. Би можел да му изнесе некои факти во врска со создавањето и потоа да го праша што мисли тој. На пример, би можел да ја отвори брошурата Дали животот е Божје дело? на страници 12 и 13, и да го замоли соученикот да ги прочита двата пасуса за крилјата на галебот. Потоа може да му рече: „Сигурно ќе се согласиш дека оние што ги конструирале крилата на авионот се многу интелигентни луѓе“. Соученикот најверојатно ќе се согласи со тоа. Потоа твоето дете може да праша: „А дали си знаел дека крилата на авионите се направени според обликот на крилјата на птиците? Според тоа, ако за една копија е потребен интелигентен конструктор, што може да кажеме за оригиналот?“ За да му помогнеш на своето дете со поголема увереност да разговара со другите за својата вера, можете редовно да вежбате на ваков начин. Ако го поучуваш делотворно да користи прашања, ќе му помогнеш да биде добар проповедник.

15. Како би можеле да користиме прашања за да му помогнеме на некој атеист?

15 Пример 2: Во службата може да наидеме на луѓе кои не веруваат во Бог. Некој може да ни каже дека е атеист. Наместо да дозволиме со тоа да го прекине разговорот, би можеле со почит да го прашаме од кога е атеист и од кои причини не верува во Бог. Откако ќе го слушнеме неговиот одговор и ќе го пофалиме затоа што размислувал во врска со тоа, би можеле да го прашаме дали сепак би сакал да прочита една брошура во која се изнесени некои докази кои одат во прилог на создавањето. Ако има отворен ум, веројатно ќе каже дека не му пречи да ги разгледа тие докази. Потоа би можеле да му ја понудиме брошурата Дали животот е Божје дело? Ако љубезно поставуваме тактични прашања, можеби ќе успееме да допреме до срцето на оние на кои им ја пренесуваме добрата вест.

16. Зошто не е доволно интересентот само да ги прочита одговорите од публикацијата што ја користиме?

16 Пример 3: Кога ја проучуваме Библијата со некој интересент, можеби сметаме дека е доволно тој само да ги прочита одговорите од публикацијата што ја користиме. Но, ако правиме така, би можеле да го спречиме духовно да напредува. Зошто? Затоа што, ако само механички одговара на прашањата без да размислува за нив, тој веројатно нема да пушти длабоки корени во вистината. Како последица на тоа, лесно може да попушти кога ќе наиде на противење, исто како што едно растение ќе овене кога ќе биде изложено на жешкото сонце (Мат. 13:20, 21). За да не дојде до такво нешто, треба да го прашуваме што мисли за она што го учи. Важно е да откриеме дали се согласува со она што го проучува, и зошто. Потоа можеме да му помогнеме да размислува за стиховите и самиот да дојде до исправни заклучоци (Евр. 5:14). Ако делотворно користиме прашања, оние со кои проучуваме ќе можат да се вкоренат во верата и да останат цврсти кога другите ќе им се противат или ќе се обидат да ги одвратат од вистината (Кол. 2:6-8). Што друго треба да правиме за потполно да ја извршиме својата служба како проповедници?

ДА СИ ПОМАГАМЕ ЕДЕН НА ДРУГ

17, 18. Како можеме да соработуваме со објавителите со кои одиме во служба од врата до врата?

17 Исус ги испратил своите апостоли да проповедаат двајца по двајца (Мар. 6:7; Лука 10:1). Подоцна апостол Павле ги спомнал своите „соработници“ кои ‚се бореле за добрата вест заедно со него‘ (Фил. 4:3). Во склад со овие библиски примери, во 1953 год. нашата организација ги поттикна поискусните објавители да ги обучуваат своите соверници за службата на проповедање.

18 Како може да соработуваш со објавителот со кого си во служба? (Прочитај 1. Коринќаните 3:6-9.) Кога тој чита некој библиски стих, добро е да следиш во својата Библија. Внимателно слушај додека зборуваат и објавителот и станарот за да можеш, доколку е потребно, да му помогнеш на партнерот да одговори на некој приговор (Проп. 4:12). Но, внимавај да не го прекинуваш ако гледаш дека аргументите што ги изнесува му звучат логично на станарот. Со својата претерана ревност би можел да го обесхрабриш објавителот и да го збуниш станарот. Се разбира, понекогаш може да биде соодветно да се вклучиш во разговорот. Сепак, потруди се да бидеш краток, и потоа дозволи партнерот да продолжи да зборува.

19. Што не смееме да заборавиме, и зошто?

19 Како може да го искористиме времето додека одиме од една до друга врата? Би можеле да разговараме како да си ги подобриме презентациите. Не е во ред да зборуваме лошо за оние што живеат на подрачјето ниту, пак, да ги критикуваме соверниците (Изр. 18:24). Не смееме да заборавиме дека сите ние сме земјени садови, и дека Јехова ни покажал незаслужена доброта со тоа што ни доверил скапоцена служба — да им ја пренесуваме добрата вест на луѓето. (Прочитај 2. Коринќаните 4:1, 7.) Затоа, сите да покажеме дека го цениме тоа богатство така што потполно ќе ја извршиме својата служба како проповедници.