Тие се ставиле на располагање — во Норвешка
ПРЕД неколку години, Роал и Елсебет, еден средовечен брачен пар, воделе удобен живот во Берген, град кој е втор по големина во Норвешка. Заедно со своите деца Изабел и Фабијан, тие верно служеле во своето собрание. Роал бил старешина, Елсебет била општ пионер, а Изабел и Фабијан добро напредувале како објавители.
Но, во септември 2009 година, ова семејство решило да проба нешто ново — да проповеда една седмица на едно далечно подрачје. Заедно со Фабијан, кој тогаш имал 18 години, Роал и Елсебет заминале за Нордкин, полуостров во областа Финмарк, која се наоѓа над Северниот поларен круг. Таму, во селото Кјелефјорд, тие проповедале заедно со други браќа и сестри кои исто така дошле да сведочат на тоа оддалечено подрачје. Роал вели: „Првите неколку дена, бев прилично задоволен што успеав да ги средам работите за да можам цела седмица да учествувам во оваа посебна служба“. Но, во текот на истата седмица, нешто го ставило на мисла. Што се случило?
НЕОЧЕКУВАНО ПРАШАЊЕ
Роал вели: „Како гром од ведро небо, Марио, пионер што служи во Финмарк, нѐ праша дали би биле спремни да се преселиме во Лакселв за да му помогнеме на тамошното собрание со 23 објавители“. Роал многу се изненадил од ова неочекувано прашање. Тој објаснува: „Јас и Елсебет веќе имавме разговарано да се преселиме на место каде што има поголема потреба од објавители — но планиравме да го сториме тоа подоцна, кога децата ќе си заминат од дома“. Сепак, уште во првите неколку дена откако дошле на тоа подрачје, Роал видел дека луѓето се спремни да учат за Јехова. Ним им била потребна помош сега — а не подоцна. „Тоа прашање толку ме измачуваше, што не можев да спијам неколку ноќи“, се сеќава тој. Потоа Марио ги одвел Роал и неговото семејство во Лакселв, кој се наоѓа на околу 240 километри јужно од Кјелефјорд. Тој сакал самите да го видат тамошното мало собрание.
Во Лакселв, Андреас, еден од двајцата старешини кои служат таму, им го покажал местото и Салата на Царството. Браќата во собранието срдечно ги пречекале, и им рекле на Роал и Елсебет дека многу би сакале нивното семејство да се пресели таму за да им помогнат со проповедањето. Со насмевка, Андреас му рекол на Роал дека тие веќе договориле разговор за работа за него и за Фабијан. Тие се нашле пред многу важна одлука.
ШТО ЌЕ ОДЛУЧАТ?
„Не сакам да се преселам овде“, била првата реакција на Фабијан. Очигледно не му се допаѓала помислата да живее во помало гратче и да ги остави пријателите од своето собрание со кои бил заедно уште од мали нозе. Освен тоа, сѐ уште не завршил со обуката за електричар. Но, кога ја прашале Изабел (која тогаш имала 21 година) дали би сакала да се пресели, таа воодушевено рекла: „Па тоа ми е животна желба!“ Сепак, кога малку размислила за тоа, Изабел почнала да се прашува: ‚Дали ова навистина е добра идеја? Зарем нема да ми недостигаат пријателите? Нема ли сепак да биде полесно и поедноставно да си останам во моето собрание?‘ Како реагирала Елсебет на поканата да се преселат? Таа вели: „Гледав на тоа како на задача што нашето семејство ја добива од Јехова. Но, размислував и за нашата куќа, која штотуку ја реновиравме, како и за сето она што го стекнавме во изминатите 25 години“.
Откако завршила таа посебна седмица, Роал се вратил со своето семејство во Берген. Сепак, не можеле да престанат да мислат на браќата и сестрите во Лакселв, на оддалеченост од 2.100 километри. „Многу му се молев на Јехова“, вели Елсебет, „и одржував контакт со пријателите што ги запознавме таму со тоа што си разменувавме слики и искуства.“ Роал вели: „Ми требаше време за да се навикнам на таа мисла. А морав да размислам и дали тоа ќе биде изводливо. Како ќе се издржуваме? Многу го молев Јехова и разговарав со семејството и со некои искусни браќа“. Фабијан раскажува: „Колку повеќе мислев на тоа, толку појасно ми стануваше дека немам оправдана причина да одбијам. Често му се молев на Јехова, и постепено желбата да се преселиме таму стануваше сѐ посилна“. А што правела Изабел? За да се подготви за можната преселба, таа почнала да служи како пионер во својот роден град. Откако поминала шест месеци во пионерската служба и одвојувала повеќе време за длабоко да ја проучува Библијата, таа била спремна да го направи тој голем чекор.
ПРЕЗЕМААТ ЧЕКОРИ ЗА ДА ЈА ОСТВАРАТ ЦЕЛТА
Желбата на ова семејство да служи каде што има поголема потреба од објавители станувала сѐ посилна, и тие презеле чекори за да ја остварат својата цел. Роал, кој имал добро платена работа во која навистина уживал, го замолил својот работодавач да му дозволи да отсуствува една година. Но, работодавачот му предложил да работи скратено, односно две седмици да работи, а шест седмици да биде слободен. Роал вели: „Иако земав многу помала плата, сепак бев задоволен“.
Елсебет раскажува: „Се договоривме со Роал да најдам куќа во Лакселв, и да ја издадеме нашата куќа во Берген. Тоа не беше баш лесно, но сепак успеавме. По некое време, децата најдоа скратена работа, и помогнаа да ги покриеме трошоците за храна и превоз“.
Изабел вели: „Бидејќи се преселивме во мало гратче, најголем предизвик ми беше да најдам
работа за да се издржувам како пионер. Понекогаш се чинеше дека тоа е невозможно“. Сепак, со тоа што прифаќала каква било работа со скратено работно време — вкупно девет во текот на првата година — Изабел можела да се грижи за своите потреби. Што направил Фабијан? Тој вели: „За да го довршам школувањето за електричар, требаше уште некое време да одам на пракса. Тоа можев да го правам и во Лакселв. Подоцна го положив испитот, и најдов скратена работа како електричар“.КАКО ДРУГИ ЈА ЗГОЛЕМИЛЕ СВОЈАТА СЛУЖБА
Марелиус и неговата жена, Кесија, исто така сакале да служат каде што има поголема потреба од објавители. Марелиус, кој сега има 29 години, вели: „Говорите и интервјуата за пионерската служба кои ги слушав на конгресите ме поттикнаа да размислам да ја зголемам својата служба“. Но, Кесија, која сега има 26 години, не можела да замисли да се раздели од своето семејство. „Ме плашеше помислата да бидам далеку од луѓето што ги сакам“, вели таа. Освен тоа, Марелиус работел со полно работно време за да ја отплаќа хипотеката на нивната куќа. Тој вели: „Многу го молевме Јехова да ни помогне да направиме промени, и на крајот успеавме да се преселиме“. Најпрво почнале да одвојуваат повеќе време за проучување на Библијата. Потоа ја продале куќата, дале отказ од работа и во август 2011 год. се преселиле во градот Алта, во северна Норвешка. За да се издржуваат, Марелиус работи таму како книговодител, а Кесија работи во продавница.
Кнут и Лизбет, брачен пар на возраст од околу 35 години, биле воодушевени кога ги читале извештаите во Годишникот за браќа и сестри кои служат онаму каде што има поголема потреба од објавители. „Овие искуства нѐ поттикнаа да размислиме дали и ние би можеле да служиме во странство“, вели Лизбет, „но си мислев дека тоа е невозможно за обичен човек како мене.“ Сепак, презеле чекори за да ја остварат својата цел. Кнут вели: „Го продадовме станот и, за да заштедиме, се преселивме кај мајка ми. Подоцна, за да почувствуваме како е да се служи на подрачје на друг јазик, бевме една година во собрание на англиски јазик во Берген, каде што живеевме кај мајка ѝ на Лизбет“. По кратко време, Кнут и Лизбет биле подготвени за големата преселба — дури во Уганда! Секоја година се враќаат на два месеца во Норвешка за да работат. На тој начин имаат доволно пари за да живеат и да проповедаат полновремено во Уганда во остатокот од годината.
„ВКУСЕТЕ И ВИДЕТЕ КОЛКУ Е ДОБАР ЈЕХОВА!“
Како одлуките што ги донеле овие спремни Божји слуги влијаеле врз нив? Роал вели: „Овде поминуваме многу повеќе време заедно отколку во Берген. Станавме многу поблиски како семејство. За нас е благослов што гледаме колку нашите деца напредуваат во духовен поглед“. Тој додава: „Освен тоа, не се грижиме толку многу за материјалните работи. Сфативме дека немаат
толку голема вредност како што мислевме порано.“Елсебет увидела дека е добро да научи уште еден јазик. Зошто? На подрачјето на собранието во Лакселв се наоѓа и селото Карашок, кое е населено со Лапонци — домородци кои живеат во северните предели на Норвешка, Шведска, Финска и Русија. За да може полесно да им сведочи на овие луѓе, Елсебет почнала да го учи лапонскиот јазик. Сега може да води едноставен разговор со нив. Дали ужива додека им сведочи на Лапонците? Таа восхитено вели: „Сега водам шест библиски студии. Не би сакала да бидам на ниту едно друго место!“
Фабијан, кој сега е пионер и слуга-помошник, вели дека тој и Изабел им помогнале на тројца тинејџери во нивното ново собрание уште повеќе да се вклучат во собраниските активности. Сега овие тројца младинци редовно одат во служба. Всушност, двајца од нив се крстиле и служеле како помошни пионери во март 2012 год. Едната тинејџерка која полека почнала да се оддалечува од собранието, им се заблагодарила на Фабијан и на Изабел што ѝ помогнале „повторно да застане на нозе“. Фабијан вели: „Навистина ме трогна кога го рече тоа. Многу сум среќен што можев да помогнам некому!“ Изабел вели: „Откако дојдовме овде, вистински ‚вкусив и видов колку е добар Јехова‘“ (Пс. 34:8). Таа додава: „Освен тоа, службата тука е многу интересна!“
Марелиус и Кесија сега водат поедноставен, но поисполнет живот. Во собранието во Алта, каде што се преселиле, сега има 41 објавител. Марелиус вели: „Кога ќе помислам на минатото, многу сум среќен што сега водиме сосем поинаков живот. Му благодариме на Јехова што можеме да му служиме овде како пионери. Ништо друго не ни носи поголема радост“. Кесија додава: „Научив да покажувам уште поголема доверба во Јехова, и тој многу добро се грижи за нас. А бидејќи живеам далеку од моите, уште повеќе ги ценам моментите што ги поминувам со нив. Никогаш не зажалив за одлуката што ја донесовме“.
А како им е на Кнут и Лизбет во Уганда? Кнут раскажува: „Ни требаше време да се прилагодиме на новите околности и култура. Понекогаш нема вода и струја, а нѐ фаќа и по некој стомачен вирус, но тоа и не е толку важно. Важно е дека има библиски студии колку што сакаш!“ Лизбет вели: „На само половина час од местото каде што живееме има подрачја на кои никогаш не била проповедана добрата вест. Но, кога ќе отидеме таму, на секој чекор среќаваме луѓе кои ја читаат Библијата и нѐ молат да ги поучуваме. Нема поголема радост од тоа да им помагаш на тие понизни лица да ја разберат Библијата!“
Колку мора да е среќен нашиот Водач, Исус Христос, кога гледа од небото како проповедничкото дело што тој го започнал се извршува во сѐ повеќе делови од светот! На сите Божји слуги им причинува голема радост тоа што се ставаат на располагање да ја вршат Исусовата заповед да ‚прават ученици од луѓето од сите народи‘ (Мат. 28:19, 20).