Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Теши ги сите што тагуваат‘

,Теши ги сите што тагуваат‘

,Теши ги сите што тагуваат‘

„Јехова ме помаза... да ги утешам сите што тагуваат“ (ИСА. 61:1, 2)

1. Што правел Исус за оние што тагувале, и зошто?

ИСУС ХРИСТОС рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34). Додека ја извршувал задачата што му ја дал Бог, Исус ги одразувал прекрасните особини на својот Татко, пред сѐ, огромната љубов што Јехова ја чувствува кон луѓето (1. Јов. 4:7-10). Еден начин на кој Бог покажува дека нѐ сака е така што нѐ теши. Всушност, апостол Павле го нарекол Јехова „Богот на секоја утеха“ (2. Кор. 1:3). Исус покажал таква љубов кога го правел она што го претскажал пророкот Исаија. (Прочитај Исаија 61:1, 2.) Исус го прочитал ова пророштво во синагогата во Назарет и објаснил дека се однесува на него (Лука 4:16-21). Во текот на целата своја служба, тој со љубов ги тешел оние кои тагувале така што ги охрабрувал и им помагал да најдат душевен мир.

2, 3. Зошто христијаните треба да го следат примерот на Исус со тоа што ќе ги тешат другите?

2 Сите христијани треба да го следат примерот на Исус со тоа што ќе ги тешат оние кои тагуваат (1. Кор. 11:1). Павле рекол: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг“ (1. Сол. 5:11). Денес, повеќе од кога и да е порано, потребно е да ги тешиме другите затоа што живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Искрените луѓе во целиот свет сѐ почесто мора да се справуваат со лица кои со своите зборови и постапки ги повредуваат и им причинуваат болка и тага.

3 Библијата претскажала дека ќе биде така. Во последниве денови на овој злобен свет, мнозина се „себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, [и] повеќе... ги сакаат уживањата отколку Бог“. Освен тоа, ‚злите луѓе и измамниците напредуваат од лошо на полошо‘ (2. Тим. 3:2-4, 13).

4. Какви услови владеат денес во светот?

4 Сето ова не треба да нѐ изненадува затоа што Божјата Реч јасно кажува дека „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Во „целиот свет“ спаѓаат политиката, религијата, трговијата и средствата за јавно информирање што Сатана ги користи за да ги шири своите идеи. Ѓаволот со право е наречен „владетелот на светот“ и „богот на овој свет“ (Јован 14:30; 2. Кор. 4:4). Условите на целата Земја стануваат сѐ полоши затоа што тој е многу гневен. Свесен е дека му останува кратко време пред Јехова да го отстрани од светската сцена (Отк. 12:12). Колку е утешно што знаеме дека Бог нема уште долго да ги трпи Сатана и неговиот злобен поредок, и дека конечно ќе биде разрешено спорното прашање во врска со Јеховиното право да владее! (1. Мој. 3. погл.; Јов 2. погл.).

Добрата вест се проповеда по целата Земја

5. Како се исполнува пророштвото за проповедањето во овие последни денови?

5 Во овој тежок период од човечката историја, се исполнува она што го претскажал Исус. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14). Јеховините слуги низ целиот свет учествуваат во ова проповедничко дело. Денес, над 7.500.000 Јеховини сведоци, во повеќе од 107.000 собранија ширум Земјата им ја пренесуваат на луѓето добрата вест за Божјето Царство, исто како што правел Исус (Мат. 4:17). Благодарение на нашето проповедање, им се дава голема утеха на оние што тагуваат. Неодамна, за само две години, 570.601 лице се крстија како Јеховини сведоци!

6. Што мислиш за порастот на нашето проповедничко дело?

6 Денес, Сведоците преведуваат и делат библиска литература на повеќе од 500 јазици. Вакво нешто не е забележано во историјата на човечкиот род! Тоа што видливиот дел од Јеховината организација постои до денешен ден, успешно ја извршува својата задача и постојано расте е навистина нешто посебно. Бидејќи овој свет е под власта на Сатана, ова би било невозможно без водството и помошта од Божјиот моќен свет дух. Со оглед на тоа што добрата вест се проповеда по целиот свет, утеха од Библијата добиваат не само нашите соверници туку и сите што ја прифаќаат пораката за Царството.

Утеха од соверниците

7. а) Зошто не можеме да очекуваме Јехова да ги отстрани сите причини за страдање уште денес? б) Од каде знаеме дека можеме да истраеме ако се соочиме со прогонство и неволји?

7 Во овој свет исполнет со злоба, сигурно ќе се соочиме со ситуации кои ќе ни причинуваат страдање. Не можеме да очекуваме Бог да ги отстрани сите причини за несреќа или тага сѐ додека не го уништи овој свет. Освен тоа, доживуваме прогонство. Но, ова ни дава можност да покажеме дека сме му верни на Јехова и дека го признаваме како свој Владетел (2. Тим. 3:12). Сепак, бидејќи нашиот небесен Татко ни помага и ни дава утеха, и ние можеме да бидеме како помазаните христијани од древниот Солун, кои со истрајност и вера поднеле прогонство и најразлични неволји. (Прочитај 2. Солуњаните 1:3-5.)

8. Како Библијата покажува дека Јехова ги теши своите слуги?

8 Нема сомнение дека Јехова им ја дава потребната утеха на своите слуги. На пример, кога царицата Језавела се заканила дека ќе го убие пророкот Илија, тој се обесхрабрил и побегнал, па дури и рекол дека сака да умре. Наместо да го укори, Јехова го утешил и му влеал храброст за да може да продолжи да му служи како пророк (1. Цар. 19:1-21). Друг доказ дека Јехова го теши својот народ е помошта што им ја дал на првите христијани. Библијата вели дека ‚за собранието низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија настапило време на мир во кое тоа се изградувало‘. И, додека ‚одело во стравот од Јехова и во утехата на светиот дух, постојано растело‘ (Дела 9:31). Колку сме благодарни што и ние ја имаме „утехата на светиот дух“!

9. Зошто можеме да добиеме утеха ако учиме за Исус?

9 Како христијани, ние добиваме утеха кога учиме за Исус Христос и ги следиме неговите стапки. Тој рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Кога читаме на каков љубезен начин Исус постапувал со луѓето и кога се трудиме да се угледаме на него, можеме полесно да се носиме со животните притисоци.

10, 11. Кој може да даде утеха во собранието?

10 И сохристијаните можат да нѐ тешат. На пример, да размислиме како старешините во собранието им помагаат на оние што се соочуваат со неволји. Ученикот Јаков напишал: „Болен ли е некој меѓу вас [во духовен поглед]? Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него“. Каков ќе биде резултатот од ова? Јаков продолжува: „Молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови, ќе му биде простено“ (Јак. 5:14, 15). Освен старешините, и другите во собранието можат да дадат утеха.

11 На жените обично им е полесно да зборуваат со други жени за разни проблеми. Особено постарите и поискусни сестри можат да им дадат добри совети на помладите сестри. Можеби овие повозрасни, зрели христијанки веќе поминале низ слични ситуации во животот. Со своето сочувство и убави особини, тие можат многу да помогнат. (Прочитај Тит 2:3-5.) Се разбира, и старешините и другите можат и треба ‚да ги тешат потиштените души‘ во собранието (1. Сол. 5:14, 15). Да не заборавиме дека Бог „нѐ теши во секоја наша неволја, за да можеме [и ние] да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја“ (2. Кор. 1:4).

12. Зошто е многу важно да одиме на христијанските состаноци?

12 За да добиеме утеха, исто така е многу важно да одиме на нашите христијански состаноци, каде што се охрабруваме од библиските мисли кои се разгледуваат. Во Библијата читаме дека Јуда и Сила ‚ги охрабриле браќата со многу зборови и ги зајакнале‘ (Дела 15:32). Пред и по состаноците може да водиме изградувачки разговори со браќата и сестрите. Затоа, дури и да минуваме низ некој тежок период, да не се изолираме, бидејќи така нема да ни биде подобро (Изр. 18:1). Наместо тоа, да го послушаме следниов совет на апостол Павле: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евр. 10:24, 25).

Црпи утеха од Божјата Реч

13, 14. Како може Библијата да нѐ утеши?

13 Сеедно дали сме крстени христијани или само што сме почнале да учиме за Бог и за неговите намери, можеме да црпиме голема утеха од Божјата пишана Реч. Павле напишал: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4). Библијата може да нѐ утеши, ‚вистински да нѐ оспособи и потполно да нѐ опреми за секое добро дело‘ (2. Тим. 3:16, 17). Голема утеха ни е тоа што ја знаеме вистината за Божјата намера и што имаме цврста надеж за иднината. Затоа, добро да ја искористиме Библијата и библиските публикации што можат да нѐ утешат и да ни помогнат на многу начини.

14 Исус ни дал добар пример со тоа што ја користел Божјата реч да ги поучува и да ги теши другите. Откако воскреснал, тој им се појавил на двајца свои ученици и им ги објаснил Писмата. Неговите зборови ги допреле до срце (Лука 24:32). Слично на Исус, и апостол Павле ‚расправал со слушателите на темел на Писмата‘. Оние што го слушале во Верија, ‚ја примиле речта и секој ден ги истражувале Писмата за да видат дали е тоа така‘ (Дела 17:2, 10, 11). Според тоа, многу е важно да ја читаме Библијата секој ден и да извлечеме корист од неа и од христијанските публикации кои се наменети да ни дадат утеха и надеж во овие тешки времиња.

Други начини на кои може да даваме утеха

15, 16. На кои други начини би можеле да ги тешиме и да им помагаме на нашите браќа?

15 Можеме да им дадеме утеха на нашите браќа и така што ќе им помагаме на различни начини. На пример, би можеле да пазариме за постарите или за болните соверници. Би можеле да им помогнеме низ дома, и така да им покажеме дека се грижиме за нив (Фил. 2:4). Освен тоа, можеме да ги пофалиме браќата или сестрите за нивните убави особини, како што се љубовта, храброста и верата.

16 Можеме да ги тешиме постарите ако појдеме кај нив и ако внимателно ги слушаме додека ни раскажуваат за своите спомени, како што се искуствата и благословите кои ги доживеале во Јеховината служба. Всушност, така би можеле и самите да се охрабриме и да се утешиме! Би било добро да им прочитаме нешто од Библијата или од нашите публикации. Би можеле да ја подготвиме заедно со нив статијата од Стражарска кула која ќе се проучува таа седмица или материјалот што ќе се разгледува на Собраниското проучување на Библијата. Освен тоа, можеме заедно да гледаме некое DVD од нашата организација. Исто така, може да им прочитаме или да им раскажеме некое охрабрувачко искуство од нашите списанија или книги.

17, 18. Зошто може да бидеме уверени дека Јехова ќе ги теши и ќе им помага на своите верни слуги?

17 Ако забележиме дека на некој наш соверник му е потребна утеха, можеме да се молиме за него (Рим. 15:30; Кол. 4:12). Додека се справуваме со своите проблеми и се трудиме да ги тешиме другите, да ја имаме истата увереност како псалмистот кој пеел: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Пс. 55:22). Јехова секогаш ќе им ја даде потребната утеха и помош на своите верни слуги, и никогаш нема да ги разочара.

18 Бог им го рекол следново на своите слуги во минатото: „Јас, јас сум вашиот утешител“ (Иса. 51:12). Јехова ќе биде и наш утешител и ќе ги благослови добрите дела и зборови со кои ги тешиме оние што тагуваат. Сеедно дали имаме надеж дека ќе живееме вечно на небото или на Земјата, секој од нас може да се утеши од следниве зборови што Павле им ги кажал на помазаните христијани во неговото време: „Самиот наш Господар, Исус Христос, и Бог, нашиот Татко, кој нѐ сакаше и преку својата незаслужена доброта ни даде вечна утеха и прекрасна надеж, нека ги утешат вашите срца и нека ве зацврстат во секое добро дело и збор“ (2. Сол. 2:16, 17).

Се сеќаваш ли?

• Во колкав обем проповедаме и им носиме утеха на луѓето?

• На кои начини би можеле да ги тешиме другите?

• Како Библијата покажува дека Јехова ги теши своите слуги?

[Прашања]

[Слика на страница 28]

Дали ги тешиш оние што тагуваат?

[Слика на страница 30]

И младите и старите можат да се храбрат едни со други