Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да избереме добра разонода?

Како да избереме добра разонода?

Како да избереме добра разонода?

„Испитувајте што е прифатливо за Господарот“ (ЕФ. 5:10)

1, 2. а) Од каде знаеме дека Јехова сака да му се радуваме на животот? б) На што ќе бидеме поттикнати ако гледаме на разонодата како на дар од Бог?

БИБЛИЈАТА јасно покажува дека Јехова сака да се радуваме на животот. На пример, во Псалм 104:14, 15 стои дека Бог дава ‚да расте храна од земјата и вино што го весели срцето на смртниот човек, и дава масло за да свети лицето и леб што го закрепнува неговото срце‘. Значи, Јехова е тој што ни го дава сето она што ни е потребно за живот. Бог дава да расте жито и да имаме масло и вино. Но, виното исто така ‚го весели срцето на човекот‘. Иако можеме да живееме и без него, тоа сепак е дар што ни причинува радост (Проп. 9:7; 10:19). Да, Јехова сака да се радуваме и нашите срца да бидат ‚исполнети со веселост‘ (Дела 14:16, 17).

2 Затоа, не треба да мислиме дека е погрешно ако понекогаш одвојуваме време за да ги набљудуваме ‚небесните птици‘ или „полските кринови“ или, пак, да уживаме во некои други активности што нѐ освежуваат и ни го прават животот поинтересен (Мат. 6:26, 28; Пс. 8:3, 4). Бог сака да бидеме среќни и да водиме исполнет живот — тоа е дар од Него (Проп. 3:12, 13). Ако гледаме на разонодата како на дел од тој дар, ќе бидеме поттикнати да се рекреираме на начин што го радува Бог. *

Слобода и граници во изборот на разонода

3. Зошто луѓето избираат да се рекреираат на различни начини?

3 Оние што имаат исправен став кон разонодата знаат дека можат сами да изберат како ќе го поминуваат слободното време. Но, знаат и дека има граници на она што можат да го прават. Зошто? За да го добиеме одговорот, да ја споредиме разонодата со храна. Луѓето во разни делови од светот сакаат да јадат различна храна. Всушност, она што некои го јадат со задоволство во еден крај на светот, можеби воопшто не им се допаѓа на луѓето што живеат во друг крај. Слично на ова, и христијаните што живеат во разни делови на Земјата се рекреираат на различни начини. Дури и оние што живеат во исто место можеби ќе изберат поинаква разонода. На пример, некои ги одмора читањето, но за други тоа може да биде здодевно. Некои сакаат да се рекреираат возејќи велосипед, но други тоа ги уморува. Како и да е, свесни сме дека во такви работи како што се храната и рекреацијата секој има право на личен избор (Рим. 14:2-4).

4. Зошто треба да си поставиме јасни граници во поглед на разонодата? Наведи пример.

4 Иако секој од нас може сам да одлучи што ќе прави во слободното време, тоа не значи дека секој вид разонода е прифатлив за еден христијанин. Да ја земеме повторно за пример храната. Можеби сакаме да јадеме различна храна, но сигурно нема да јадеме нешто што е расипано. Тоа не би било разумно и би можело да го загрози нашето здравје. Слично на ова, иако можеме да избереме различни видови на добра разонода, сигурно нема да се забавуваме со неморални или насилни работи или, пак, со нешто што би било опасно за нашиот живот. Во спротивно би ги прекршиле Божјите начела и би му наштетиле на своето физичко и духовно здравје. Затоа, мора да си поставиме јасни граници во поглед на разонодата. Прво треба внимателно да размислиме што би сакале да правиме, а потоа треба да избереме само рекреација што ќе биде корисна за нас и прифатлива за Јехова (Еф. 5:10). Како можеме да го сториме тоа?

5. Како можеме да провериме дали нашата разонода е во склад со Божјите мерила?

5 За да биде изградувачка за нас и да го радува Јехова, нашата разонода треба да биде во склад со мерилата што се изнесени во Божјата Реч (Пс. 86:11). Како можеш да провериш дали ова е случај со разонодата што ти се допаѓа тебе? Така што ќе си поставиш три едноставни прашања: ‚Каква разонода избирам? Колку време трошам на рекреација? Со кого го минувам слободното време?‘ Да ги разгледаме овие прашања едно по едно.

Каква разонода избирам?

6. Каква забава не смееме да избереме, и зошто?

6 Пред да одлучиш како ќе го трошиш слободното време, добро е најпрво да се прашаш: ‚Каква разонода ми се допаѓа?‘ Имај на ум дека постојат два вида забава. Во првиот спаѓаат работи што не смееме да ги правиме, а во вториот работи што би можеле да ги правиме. Кој е првиот вид? Во овој злобен свет, голем дел од забавата е сосема спротивен на библиските мерила или ги прекршува Божјите закони (1. Јов. 5:19). Вистинските христијани не треба никогаш да изберат ваква разонода. Во неа спаѓа забава што е поврзана со демонизам, хомосексуалност, порнографија, насилство и садизам, или во која се величаат други лоши и неморални постапки (1. Кор. 6:9, 10; прочитај Откровение 21:8). Со тоа што не се забавуваме на ваков начин, му покажуваме на Јехова дека ‚го мразиме злото‘ (Рим. 12:9; 1. Јов. 1:5, 6).

7, 8. Што ќе ни помогне да избереме добра разонода? Наведи пример.

7 Вториот вид забава вклучува работи кои не се јасно забранети во Божјата Реч. Сепак, библиските мерила можат да ни помогнат да разбереме дали се добри и исправни во Јеховини очи. Затоа, пред да избереме ваков вид забава, треба внимателно да размислиме за да се увериме дека со неа нема да ги прекршиме Божјите начела (Изр. 4:10, 11). Потоа треба да донесеме лична одлука која ќе ни овозможи да зачуваме чиста совест (Гал. 6:5; 1. Тим. 1:19). Како да го сториме тоа? Размисли за следново: Пред да пробаме некое ново јадење, сигурно сакаме да дознаеме што има во него. На сличен начин, пред да избереме некој вид на разонода, треба да знаеме каква е таа (Еф. 5:17).

8 На пример, можеби си еден од многуте љубители на спортот. Спортот може да биде забавен и возбудлив. Но, има спортски дисциплини во кои натпреварувачите стануваат насилни. Некои спортови се опасни за животот и често водат до повреди. Освен тоа, понекогаш навивачите ја прославуваат победата на својот тим на насилен и разуздан начин и во националистички дух. Што треба да правиш ако ти се допаѓа некој ваков спорт? Додека размислуваш што сѐ е вклучено во него, сигурно ќе заклучиш дека не гледаш на таа работа како Јехова и дека таквата рекреација не е во склад со пораката за мир и љубов што им ја проповедаме на другите (Иса. 61:1; Гал. 5:19-21). Но, ако се увериш дека забавата што си ја избрал е во склад со Божјите мерила, тогаш таа најверојатно ќе ти користи и ќе те освежи (Гал. 5:22, 23; прочитај Филипјаните 4:8).

Колку време трошам на рекреација?

9. Што ќе ни открие одговорот на прашањето: ‚Колку време трошам на рекреација?‘

9 Одговорот на првото прашање што го разгледавме открива што ни се допаѓа, а што не. Второто прашање што треба си го поставиме е: ‚Колку време трошам на рекреација?‘ Одговорот ќе ни открие кои работи ги сметаме за важни, а кои за неважни. Тогаш, како може да знаеме дали ја ставаме разонодата на исправно место?

10, 11. Како зборовите на Исус запишани во Матеј 6:33 ни помагаат да одредиме колку време да трошиме на рекреација?

10 Исус Христос им рекол на своите следбеници: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30). Значи, љубовта кон Јехова треба да ни биде на прво место во животот. Покажуваме дека тоа навистина е така ако го слушаме следниов совет на Исус: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33). Како можат овие зборови да ни помогнат да одредиме колку време да одвоиме за разонода, и колку таа треба да ни биде важна?

11 Забележи дека Исус нѐ советувал ‚најнапред да го бараме царството‘. Тој не рекол дека треба ‚да го бараме само царството‘ и ништо друго. Очигледно, Исус знаел дека ќе треба да одвоиме време за многу други работи во животот. Потребни ни се дом, храна, облека, школување, вработување, рекреација итн. Сепак, од сите тие работи, само Царството треба да ни биде на прво место (1. Кор. 7:29-31). Кога сфаќаме што треба да ни биде најважно, ќе ја ставиме разонодата и сите други активности во втор план и најнапред ќе го бараме Царството. Ако направиме така, тогаш рекреацијата ќе биде корисна за нас.

12. Како начелото од Лука 14:28 може да се примени на рекреацијата?

12 Значи, кога станува збор за времето што го одвојуваме за рекреација, добро е однапред да го пресметаме трошокот (Лука 14:28). Треба да одредиме колку време ќе потрошиме на некој вид рекреација, а потоа да размислиме дали вреди да го потрошиме тоа време. Не треба толку многу да се рекреираме што ќе ги занемариме важните активности како што се личното проучување на Библијата, Семејната вечер, христијанските состаноци или проповедањето (Мар. 8:36). Но, ако некоја разонода нѐ освежува и ни дава сила за да продолжиме со нашата служба за Бог, тогаш можеби и вреди да одвоиме време за неа.

Со кого го поминувам слободното време?

13. Зошто треба внимателно да размислиме со кого ќе го поминуваме слободното време?

13 Третото прашање што треба да си го поставиме е: ‚Со кого сакам да го поминувам слободното време?‘ Важно е да размислиме и за овој аспект на разонодата. Зошто? Затоа што изборот на нашите пријатели многу влијае врз тоа колку изградувачка ќе биде нашата забава. Исто како што јадењето во друштво на добри пријатели причинува поголемо уживање, така и рекреацијата во добро друштво ни носи поголемо задоволство. Затоа е нормално што мнозина од нас, особено младите, многу сакаат да го поминуваат слободното време заедно со своите пријатели. Сепак, за да бидеме сигурни дека таквото дружење ќе биде изградувачко, мудро е однапред да размислиме кој би бил добро друштво, а кој не (2. Лет. 19:2; прочитај Изреки 13:20; Јак. 4:4).

14, 15. а) Како примерот на Исус ни помага да избереме добри пријатели? б) Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со нашите пријатели?

14 Примерот на Исус може многу да ни помогне да си избереме добри пријатели. Исус отсекогаш ги сакал луѓето (Изр. 8:31). Додека бил на Земјата, тој со љубов се грижел за оние што ги сретнувал (Мат. 15:29-37). Сепак, не бил близок пријател со сите. Иако се однесувал пријателски со луѓето воопшто, им бил близок пријател само на оние што исполнувале одредени услови. На своите 11 верни апостоли, тој им рекол: „Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:14; види и Јован 13:27, 30). Исус ги прифатил за свои пријатели само оние што го следеле него и што му служеле на Јехова.

15 Затоа, добро е да ја имаме на ум оваа изјава на Исус кога одлучуваме дали некој ќе ни биде близок пријател. Прашај се: ‚Дали тој (или таа) покажува и на збор и на дело дека ги слуша заповедите на Јехова и на Исус? Дали го сака доброто и дали го мрази злото? Дали ќе ми помогне да го ставам Царството на прво место во животот и верно да му служам на Јехова?‘ Ако си сигурен дека одговорот на овие прашања е ‚да‘, тогаш си нашол добар пријател со кого можеш да го поминуваш слободното време (прочитај Псалм 119:63; 2. Кор. 6:14; 2. Тим. 2:22).

Дали сме избрале добра разонода?

16. Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со нашата разонода?

16 Накратко разгледавме неколку прашања поврзани со разонодата — каква разонода избираме, колку време трошиме на неа и со кого го минуваме слободното време. За навистина да нѐ освежи, нашата разонода мора да биде во склад со библиските мерила. Затоа, во врска со видот на забава што го избираме, треба да се прашаме: ‚Што е вклучено во неа? Дали е добра или расипана?‘ (Изр. 4:20-27). Во врска со времето што го одвојуваме за рекреација, да размислиме: ‚Колку време ќе потрошам на неа? Дали вреди да потрошам толку време за таа работа?‘ (1. Тим. 4:8). А во врска со друштвото, мора да одредиме: ‚Со кого ќе го поминувам слободното време? Дали тоа друштво е добро или лошо?‘ (Проп. 9:18; 1. Кор. 15:33).

17, 18. а) Како може да провериме дали нашата разонода е во склад со библиските мерила? б) Што си решен да правиш во врска со разонодата?

17 Ако некоја разонода не е во склад со библиските мерила во кој и да било од овие три аспекти, тогаш не е добра за нас. Од друга страна, ако одговара на библиските начела во поглед на трите прашања што беа разгледани, таа ќе биде за наше добро и со неа ќе му носиме слава на Јехова (Пс. 119:33-35).

18 Според тоа, кога станува збор за разонодата, да се трудиме да го правиме исправното нешто во исправна мера и со исправните луѓе. Сите ние од срце да го послушаме следниов библиски совет: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Кор. 10:31).

[Фуснота]

^ пас. 2 Во оваа статија, зборовите „разонода“, „рекреација“ и „забава“ се користат наизменично за да опишат работи што ги правиме за да се опуштиме во слободното време.

Можеш ли да објасниш?

Кога станува збор за разонодата, како би ги применил начелата од...

Филипјаните 4:8?

Матеј 6:33?

Изреки 13:20?

[Прашања]

[Графикон на страница 9]

(Види во публикацијата)

Каква разонода?

[Графикон на страница 10]

(Види во публикацијата)

Колку време?

[Графикон на страница 12]

(Види во публикацијата)

Со кого?

[Слика на страница 10]

Како може да го следиме примерот на Исус кога избираме пријатели и рекреација?