Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читањето на Библијата — неисцрпен извор на сила

Читањето на Библијата — неисцрпен извор на сила

Читањето на Библијата — неисцрпен извор на сила

РАСКАЖАЛ МАРСО ЛЕРУА

„ВО ПОЧЕТОКОТ Бог ги создаде небото и земјата.“ Тоа беа првите зборови што скришно ги прочитав од Библијата, додека седев сам во мојата соба. Зошто се криев за да ја читам? Бидејќи знаев што мислеше за оваа книга татко ми, кој беше закоравен атеист.

Никогаш порано ја немав отворено Библијата и тие уводни зборови ме погодија како гром од ведро небо. Си помислив: ‚Ете го одговорот! А јас се чудев зошто има таков склад во физичките закони!‘ Тој ден не можев да ја оставам Библијата — читав од осум вечерта до четири часот следното утро. Оттогаш почнав да ја читам Божјата Реч секој ден, и таа навика ми остана цел живот. Да ви објаснам како читањето на Библијата ми беше неисцрпен извор на сила сите овие години.

„Ќе мора да ја читаш секој ден“

Роден сум во 1926 год., во Вермел, едно рударско селце во северна Франција. Во Втората светска војна, јагленот беше едно од најважните природни богатства во земјата. Како рудар, бев ослободен од воена обврска. Сепак, за да имам подобар живот, почнав да земам часови по радио-електроника. Токму тоа ми помогна да сфатам дека физичките закони се во совршен склад. Кога имав 21 година, еден пријател со кој учев ми подари Библија, и ми рече: „Ова е книга што вреди да се прочита“. Уште пред да стигнам до последната страница, ми стана јасно дека Библијата е книга од Бог — неговата порака до човештвото.

Бидејќи си мислев дека и моите соседи ќе сакаат да ја читаат, набавив осум Библии. Многу се изненадив кога тие почнаа да ме исмеваат и да ми се противат. А некои суеверни роднини ме предупредија: „Ако се фатиш за оваа книга, ќе мора да ја читаш секој ден!“ И навистина беше така — до ден-денес не сум престанал да ја читам, и никогаш не зажалив за тоа.

Кога видоа дека се интересирам за Библијата, некои од соседите ми дадоа публикации што ги добиле од Јеховините сведоци. Во една брошурка со наслов Еден свет, една влада * (на сликата е прикажано француското издание) беше објаснето зошто Библијата вели дека Божјето Царство е единствената надеж за човештвото (Мат. 6:10). Бев цврсто решен да им зборувам за оваа надеж на другите.

Ноел, еден мој пријател од детството, беше првиот на кого му дадов Библија. Бидејќи самиот беше активен католик, договори да се сретнеме со еден човек кој учеше за свештеник. Иако малку се плашев, на темел на Псалм 115:4-8 и Матеј 23:9, 10 знаев дека Бог забранува да се користат идоли во обожавањето и дека не сака луѓето да им се обраќаат на свештениците со ‚оче‘ или слични називи. Ова ми даде храброст да ги бранам вистините што ги дознав од Библијата. Како резултат на тоа, Ноел ја прифати вистината и сѐ уште верно му служи на Јехова.

Отидов да ја посетам и мојата постара сестра. Нејзиниот маж имаше книги за спиритизам и беше вознемируван од демони. Иако во почетокот се чувствував немоќен да му помогнам, некои библиски стихови како, на пример, Евреите 1:14, ме уверија дека Јеховините ангели ќе ме поддржат. Кога зет ми ги примени библиските начела и ги фрли сите работи поврзани со окултизмот, успеа да се ослободи од влијанието на демоните. И тој и сестра ми станаа ревносни Сведоци.

Во 1947 год., Артур Емиот, еден Сведок од Америка, дојде кај мене дома. Многу се израдував и веднаш го прашав каде се собираат Сведоците. Тој ми кажа дека има една група во Лиева, на околу десетина километри од моето село. Бидејќи во тоа време беше тешко да се купи дури и велосипед, неколку месеци одев пеш на состаноци. Тогаш делото на Јеховините сведоци во Франција веќе осум години беше под забрана. Во целата земја имаше само 2.380 Сведоци, а мнозина од нив беа доселеници од Полска. Но, на 1 септември 1947 год., нашето дело во Франција повторно беше законски признато. Во Париз, во Вила Гибер, беше отворена подружница. Бидејќи во Франција немаше ниту еден пионер, истата година во декемврискиот број на Нашата служба за Царството (која тогаш се викаше Информатор) објавителите беа поттикнати да започнат со пионерска служба и да проповедаат по 150 часа месечно. (Оваа служба беше намалена на 100 часа во 1949 год.) Бидејќи бев уверен во Исусовите зборови од Јован 17:17, каде што пишува: „[Божјата] реч е вистина“, се крстив во 1948 год., а во декември 1949 год. станав пионер.

Од затвор назад во Данкерк

Најпрво бев испратен да служам во Ажен, јужна Франција, но таму останав сосема кратко. Со оглед на тоа што престанав да работам во рудниците, повеќе не важеше ослободувањето од воената обврска. Одбив да служам војска и затоа морав да лежам затвор. Иако не ми беше дозволено да имам кај себе Библија, успеав да најдам неколку страници од Псалмите. Кога ги читав, многу се охрабрував. Откако излегов од затвор, морав да донесам одлука: Дали да продолжам да служам како пионер или да се удомам? И повторно ми помогна она што го прочитав во Библијата. Размислував за зборовите на Павле запишани во Филипјаните 4:11-13: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“. Затоа решив да продолжам со пионерската служба. Во 1950 год., бев испратен да служам во Данкерк, град во кој веќе имав проповедано.

Кога пристигнав таму, немав ништо. Градот беше разорен во Втората светска војна, и не беше лесно да се најде сместување. Решив да посетам едно семејство на кое му проповедав порано, а домаќинката на куќата многу се израдува. „Господине Леруа, Ве пуштија од затвор!“, извика таа кога ме виде. „Маж ми вели дека, ако повеќето беа како Вас, никогаш немаше да има војна.“ Тие издаваа соби, и ми понудија да останам кај нив до почетокот на туристичката сезона. Истиот ден, Еванс, брат му на Артур Емиот, ми понуди работа. * Тој работеше како преведувач на пристаништето и бараше некого да чува ноќна стража на еден брод. Ме запозна со еден од главните членови на екипажот. Откако излегов од затвор, бев коски и кожа. Кога Еванс му објасни на овој човек зошто сум толку слаб, тој ми кажа да земам што сакам од фрижидерот. Во еден ист ден, добив сместување, работа и храна! Ова уште повеќе ја зајакна мојата доверба во зборовите на Исус запишани во Матеј 6:25-33.

Кога започна туристичката сезона, јас и Симон Аполинарски, со кој служевме заедно како пионери во Данкерк, моравме да најдеме друго сместување, но бевме решени да не си заминеме. Се сместивме во една стара коњушница, каде што спиевме на душеци наполнети со слама. По цел ден одевме во служба. Му сведочевме и на сопственикот на коњушницата, и тој беше еден од многуте што ја прифатија вистината. За кратко време во локалниот весник излезе статија во која жителите на Данкерк беа предупредени дека дошло до „наезда од Јеховини сведоци во регионот“. Но, таму бевме само јас, Симон и уште неколкумина Сведоци! Во тешките мигови се храбревме размислувајќи за нашата надеж и за грижата која Јехова цело време ја покажуваше кон нас. Кога заминав да служам на друго место, во 1952 год., во Данкерк имаше 30 редовни објавители.

Зајакнат за нови одговорности

Откако кратко служев во градот Амиен, бев испратен како специјален пионер во Булоњ Бијанкор, една населба во Париз. Ја проучував Библијата со многу луѓе, а некои од нив подоцна станаа полновремени проповедници и мисионери. Еден младич, Ги Мабила, ја прифати вистината и низ годините служеше прво како покраински, а потоа и како обласен надгледник. Подоцна ја надгледуваше изградбата на печатницата во денешниот Бетел во Лувиер, кој се наоѓа на околу 100 километри од Париз. Бидејќи во службата често имав прилика да зборувам со другите за Божјата Реч, тоа уште повеќе ми ја врежа во мислите, ми причинуваше радост и ми помогна уште повешто да поучувам.

Потоа, во 1953 год., сосема неочекувано бев именуван да служам како покраински надгледник во Алзас-Лорен, регион што во периодот меѓу 1871 и 1945 год. беше двапати присоединет кон Германија. Затоа морав да научам малку германски. Кога започнав со покраинската служба, во тој крај имаше малку коли, телевизори или машини за пишување, а немаше никакви транзистори ниту, пак, компјутери. Но, животот не ми беше ни тажен ни тежок. Напротив, за мене тоа беше многу радосен период. Бидејќи ги немав сите тие удобности, ми беше полесно да задржам бистро око и без пречки да му служам на Јехова (Мат. 6:19-22).

Многу силен впечаток ми остави собирот „Победоносното Царство“, кој во 1955 год. се одржа во Париз. Таму ја запознав мојата идна сопруга, Ирен Колански, која почнала со полновремена служба една година пред мене. Нејзините родители беа по потекло од Полска и со години ревносно му служеле на Јехова. Во Франција им проповедал Адолф Вебер. Тој му бил градинар на брат Расел и дошол во Европа за да ја објавува добрата вест. Јас и Ирен се венчавме во 1956 год., и таа ми се придружи во покраинското дело. Низ годините, Ирен навистина ми беше извор на голема поддршка!

Две години подоцна, ме очекуваше уште едно изненадување — бев именуван за обласен надгледник. Но, бидејќи немаше доволно браќа да служат во покраинското дело, и понатаму продолжив да посетувам некои собранија како покраински надгледник. Животот навистина ни беше исполнет со активности! Освен што проповедавме 100 часа месечно, секоја седмица држев говори, посетував по три групи за Проучување на книга, ги проверував разните собраниски извештаи и подготвував свој извештај за подружницата. Како успевав да си откупам време за да ја читам Божјата Реч? Немаше друго решение освен да исечам по неколку страници од една стара Библија и да си ги носам со себе. Секогаш кога чекав некого, ќе ги извадев и ќе си читав. Тие кратки, пријатни моменти додека ја читав Библијата ја зајакнаа мојата решеност да продолжам верно да ја вршам својата задача.

Во 1967 год., јас и Ирен бевме повикани да станеме постојани членови на бетелското семејство во Булоњ Бијанкор. Почнав да работам во Службеното одделение, и 40 години подоцна, сѐ уште ја вршам таа задача. Многу се радувам што, меѓу другото, имам можност да одговарам на писма со библиски прашања. Навистина уживам да истражувам во Божјата Реч и ‚да ја бранам добрата вест‘! (Фил. 1:7). Голема радост ми причинува и тоа што можам да го водам утринското обожавање пред појадокот, на кое се разгледува Библијата. Од 1976 год., служам како член на Одборот на подружницата во Франција.

Најдобриот начин на живот

Иако низ годините не ни беше секогаш лесно, мислам дека сега ми е најтешкиот период од животот, бидејќи поради староста и здравствените проблеми јас и Ирен не можеме да правиме онолку колку што би сакале. Сепак, тоа што заедно ја читаме и ја проучуваме Божјата Реч ни помага цврсто да ја држиме во мислите нашата надеж. Одиме до нашето подрачје со автобус и со задоволство им зборуваме за таа надеж на другите. И јас и Ирен служиме полновремено повеќе од 60 години. Затоа можеме од сѐ срце да им ја препорачаме оваа служба на сите што сакаат да водат интересен, радосен и исполнет живот. Потполно се согласувам со зборовите на цар Давид кој, кога остарел, напишал: „Никогаш не видов праведник да биде оставен“ (Пс. 37:25).

Во текот на целиот живот, Јехова ме зајакнуваше преку својата Реч. Пред 60-ина години, моите роднини ми кажаа дека, ако се фатам за Библијата, нема да престанам да ја читам. И навистина беа во право. Никогаш не зажалив што ја читав Библијата секој ден.

[Фусноти]

^ пас. 8 Издадена во 1944 год., но веќе не се печати.

^ пас. 14 Нешто повеќе за Еванс Емиот можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 јануари 1999, страници 22-23.

[Слика на страница 5]

Јас и Симон

[Слика на страница 5]

Првата Библија што ја имав беше слична на оваа

[Слика на страница 5]

Кога служев како обласен надгледник

[Слика на страница 6]

На нашата венчавка

[Слика на страница 6]

Јас и Ирен со задоволство ја читаме и ја проучуваме Божјата Реч