Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова — Богот „кој дава мир“

Јехова — Богот „кој дава мир“

Јехова — Богот „кој дава мир“

„Бог, кој дава мир, нека биде со сите вас!“ (РИМ. 15:33)

1, 2. Која ситуација е опишана во 1. Мојсеева, поглавја 32 и 33, и што се случило на крајот?

 ИСАВ и Јаков, двајца браќа близнаци, биле на пат да се сретнат недалеку од Фануил, во близина на долината Јавок што се наоѓала источно од реката Јордан. Исав, кој дваесет години пред тоа му го продал првородството на својот брат, слушнал дека Јаков се враќа дома, и тргнал да го пресретне со 400 луѓе. Бидејќи се плашел дека Исав сѐ уште го мрази и дека сака да го убие, Јаков неколкупати испратил пред себе слуги кои носеле дар — сѐ на сѐ повеќе од 550 домашни животни. Кога му ги предавале стадата на Исав, слугите му кажувале дека тие се подарок од неговиот брат.

2 Кога конечно се сретнале, Јаков храбро му пошол во пресрет на Исав и му се поклонил, и тоа не само еднаш, туку седум пати! Пред тоа, Јаков го направил најважното нешто за да му го омекне срцето на својот брат — го молел Јехова да го избави од рацете на Исав. Дали Јехова одговорил на оваа молитва? Да. Библијата вели: „Исав му потрча во пресрет, го прегрна, му се фрли околу вратот и го бакна“ (1. Мој. 32:11-20; 33:1-4).

3. Што учиме од извештајот за Јаков и Исав?

3 Од овој извештај учиме дека треба да дадеме сѐ од себе за да ги решиме проблемите кои би можеле да го нарушат мирот во христијанското собрание. Јаков направил сѐ за да се помири со Исав, но не затоа што му згрешил и му должел извинување. Напротив, Исав бил тој што го презрел своето првородство и му го продал на Јаков за чорба од леќа (1. Мој. 25:31-34; Евр. 12:16). Сепак, начинот на кој Јаков му пристапил на својот брат покажува до кој степен треба да одиме за да го зачуваме мирот со нашите соверници. Освен тоа, од овој пример гледаме дека Јехова одговара на нашите молитви кога бараме од него помош за да бидеме во мир со браќата. Во Библијата има и многу други примери од кои учиме што значи да се биде миротворец.

Најдобриот пример

4. Што направил Бог за да ги спаси луѓето од гревот и од смртта?

4 Најдобар пример за тоа што значи да се биде миротворец е Јехова — ‚Богот, кој дава мир‘ (Рим. 15:33). Размисли што сѐ направил тој за да ни помогне да бидеме во мир со него. Како грешни потомци на Адам и Ева, ја заслужуваме „платата за гревот“ (Рим. 6:23). Сепак, поради својата огромна љубов, Јехова се погрижил да добиеме спасение со тоа што го испратил својот сакан Син од небото да се роди како совршен човек. А Синот спремно се согласил да го послуша својот Татко и да го жртвува својот живот за нас (Јован 10:17, 18). Откако вистинскиот Бог го воскреснал својот мил Син, тој му ја принел вредноста на својата пролеана крв, која служи како откупнина што ќе ги спаси покајничките грешници од вечна смрт. (Прочитај Евреите 9:14, 24.)

5, 6. Како откупната жртва на Божјиот Син може да им помогне на грешните луѓе да се помират со Бог?

5 Како откупната жртва на Божјиот Син може да им помогне на грешните луѓе, кои го изгубиле својот добар однос со Бог? Во Исаија 53:5 стои: „Заради нашиот мир, казната падна врз него, и поради неговите рани, ние бевме излекувани“. Значи, благодарение на жртвата на Исус, послушните луѓе можат да се помират со Бог и да станат Негови пријатели. „Преку [Исус], со посредство на неговата крв, ослободени сме со откупнина, простени ни се престапите“ (Еф. 1:7).

6 Библијата вели: „Божјата волја беше во [Христос] да живее сета полнота“. Зошто? Затоа што Исус има главна улога во исполнувањето на Божјата намера. А која е таа намера? Јехова сака ‚преку Исусовата крв пролеана на маченичкиот столб, да помири со себе сѐ, било на земјата било на небесата‘. Што значат овие зборови? (Прочитај Колошаните 1:19, 20.)

7. Што е она „на небесата“ и она „на земјата“ кое Бог го помирува со себе?

7 Благодарение на откупнината, помазаните христијани, кои ‚биле прогласени за праведни‘ како Божји синови, можат да ‚останат во мир со Бог‘. (Прочитај Римјаните 5:1.) Тие се она што е „на небесата“ затоа што имаат небесна надеж, односно „ќе царуваат над земјата“ и ќе служат како свештеници на Бог (Отк. 5:10). Она што е „на земјата“, пак, се однесува на луѓето што се каат за своите гревови и кои, на крајот, ќе живеат засекогаш на Земјата (Пс. 37:29).

8. Како може да ни помогне примерот што ни го дал Јехова кога ќе дојде до проблеми во собранието?

8 Павле им напишал на помазаните христијани во Ефес колку бил благодарен за откупнината. Тој рекол: „Бог, кој е богат со милосрдие... нѐ оживеа и нѐ обедини со Христос уште додека бевме мртви поради престапите — преку незаслужената доброта сте спасени“ (Еф. 2:4, 5). Сеедно дали имаме небесна надеж или се надеваме дека ќе живееме вечно на Земјата, сите ние сме многу благодарни затоа што Бог ни покажал милост и незаслужена доброта, и затоа што направил толку многу за да нѐ помири со себе. Кога ќе се најдеме во ситуации што можат да го нарушат мирот и единството во собранието, зарем не треба да размислуваме за примерот што ни го дал Јехова и да се трудиме да бидеме миротворци?

Примерот на Авраам и на Исак

9, 10. Како Авраам покажал дека сака да го зачува мирот со Лот кога избила караница меѓу нивните пастири?

9 Во врска со Авраам, Библијата вели: „,Авраам му поверува на Јехова, а тој го сметаше за праведен поради тоа‘, и беше наречен ‚Јеховин пријател‘“ (Јак. 2:23). Меѓу другото, Авраам покажал вера во Јехова и така што се трудел да го зачува мирот со другите. На пример, кога неговите стада се намножиле, избила караница меѓу неговите пастири и пастирите на неговиот внук Лот (1. Мој. 12:5; 13:7). Затоа тие двајца решиле дека е најдобро да се разделат. Како постапил Авраам во оваа ситуација? Тој не мислел дека неговиот збор мора да биде последен само затоа што бил постар и имал посебен однос со Бог. Наместо тоа, покажал дека сака да остане во мир со својот внук.

10 Авраам му рекол на Лот: „Те молам, да не се караме ниту ние ниту нашите пастири, зашто ние двајцата сме браќа! Зарем не ти е на располагање целата земја? Те молам, одвој се од мене! Ако ти појдеш налево, јас ќе појдам надесно, а ако ти појдеш надесно, јас ќе појдам налево“. Лот го избрал најплодниот дел од земјата, но Авраам не му се налутил (1. Мој. 13:8-11). Кога подоцна Лот бил заробен од непријателска војска, Авраам веднаш тргнал да го ослободи (1. Мој. 14:14-16).

11. Како Авраам останал во мир со Филистејците?

11 Размисли и за тоа како Авраам се трудел да остане во мир со Филистејците, кои живееле во негова близина во Ханаан. Тие ‚сосила го присвоиле‘ бунарот што го ископале слугите на Авраам во Вирсавеја. Како постапил овој верен човек кој пред тоа поразил четири цареви за да го спаси својот внук? Наместо да се бори за да си го поврати бунарот, тој решил да не каже и да не направи ништо. По некое време, филистејскиот цар Авимелех дошол кај него за да склучат сојуз за мир. Дури откако се заколнал дека ќе им прави добро на потомците на Авимелех, Авраам му го спомнал бунарот што го присвоиле филистејските слуги. Царот бил многу изненаден кога го чул тоа, и веднаш му го вратил. Авраам продолжил да живее мирно како дојденец во земјата (1. Мој. 21:22-31, 34).

12, 13. а) Како Исак го следел примерот на својот татко? б) Како Јехова го благословил затоа што бил мирољубив?

12 Исак, синот на Авраам, бил мирољубив како својот татко. Ова се гледа од начинот на кој и тој постапувал со Филистејците. Бидејќи во земјата завладеал глад, Исак го преместил својот логор од Веер-Лахај-Рој, кој се наоѓал во сушното подрачје на Негев, во поплодниот крај во Герар каде што живееле Филистејците. Таму Јехова го благословил со богат род и го намножил неговиот добиток. Филистејците почнале да му завидуваат. Тие не сакале Исак да се збогати како својот татко, и затоа ги затрупале бунарите што слугите на Авраам ги ископале во тој предел. На крајот, филистејскиот цар му рекол на Исак ‚да си оди откај нив‘. За да го зачува мирот, Исак си заминал (1. Мој. 24:62; 26:1, 12-17).

13 Откако го преместил својот логор, неговите пастири ископале друг бунар. Но, филистејските пастири тврделе дека водата е нивна. Исто како својот татко, Авраам, Исак не се расправал за бунарот. Напротив, им рекол на слугите да ископаат друг. Но, филистејците си го присвоиле и тој бунар. За да остане во мир со нив, Исак повторно го преместил својот голем логор на друго место. Таму неговите слуги ископале бунар што тој го нарекол Реховот. Со текот на времето, се преселил во поплодниот крај околу Вирсавеја, каде што Јехова го благословил и му рекол: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе, и ќе те благословам и ќе го намножам твоето потомство поради мојот слуга Авраам!“ (1. Мој. 26:17-25).

14. Како Исак покажал дека сака да задржи мирољубиви односи со филистејскиот цар кога тој дошол да склучи сојуз за мир со него?

14 Без сомнение, Исак можел да го брани своето право да ги користи бунарите што ги ископале неговите слуги. Сепак, тој решил да се пресели неколкупати само за да го зачува мирот. Подоцна филистејскиот цар, заедно со двајца свои луѓе, дошол во Вирсавеја за да склучи сојуз за мир со Исак, велејќи: „Јасно гледаме дека Јехова е со тебе“. И во оваа прилика Исак покажал дека е миротворец. Библијата вели: „Тој им приреди гозба, па јадеа и пиеја. Следното утро станаа рано и се заколнаа едни на други. Потоа Исак ги испрати... во мир“ (1. Мој. 26:26-31).

Примерот на Јосиф

15. Зошто браќата на Јосиф ‚не можеле да му кажат мирно ниту збор‘?

15 Библијата вели дека синот на Исак, Јаков, бил „беспрекорен човек“ (1. Мој. 25:27). Како што видовме во почетокот, тој сакал да се смири со својот брат, Исав. Јаков сигурно многу научил од мирољубивоста на својот татко. А што може да се каже за синовите на Јаков? Тој имал 12 сина, но од сите нив најмногу го сакал Јосиф. Јосиф го почитувал својот татко и му бил послушен, и Јаков имал доверба во него (1. Мој. 37:2, 14). Но, неговите постари браќа станале толку љубоморни што ‚не можеле да му кажат мирно ниту збор‘. Тие немилосрдно го продале во ропство и го излажале татко им дека го убил ѕвер (1. Мој. 37:4, 28, 31-33).

16, 17. Како Јосиф покажал дека сака да биде во мир со своите браќа?

16 Јехова бил со Јосиф и го благословил. Со текот на времето, тој станал управител на египетската земја и само фараонот имал поголема власт од него. Кога завладеал голем глад и браќата на Јосиф дошле по храна во Египет, не го препознале бидејќи бил облечен во египетска облека (1. Мој. 42:5-7). Колку било лесно да им се одмазди затоа што постапиле немилосрдно кон него и кон нивниот татко! Наместо тоа, тој се обидел да се смири со нив. Кога видел дека навистина се каат, Јосиф им се открил, велејќи: „Немојте сега да се жалостите ниту да се прекорувате што ме продадовте ваму, зашто Бог ме испрати пред вас за да ви го зачува животот“. Потоа ги избакнал сите свои браќа и се исплакал над нив (1. Мој. 45:1, 5, 15).

17 По смртта на нивниот татко, Јаков, браќата мислеле дека сега Јосиф би можел да им се одмазди. Кога сфатил дека се плашат да не им направи такво нешто, Јосиф ‚се расплакал‘ и им рекол: „Не плашете се! Јас ќе ве снабдувам со храна вас и вашите деца“. Така мирољубивиот Јосиф ‚ги утешил со охрабрувачки зборови‘ (1. Мој. 50:15-21).

‚Напишано за наша поука‘

18, 19. а) Што научи од примерите што ги разгледавме во оваа статија? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Павле рекол: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4). Што учиме од најдобриот пример, Јехова, но и од библиските извештаи за Авраам, Исак, Јаков и Јосиф?

19 Кога размислуваме за сето она што го направил Јехова за да имаме добар однос со него, зарем не сме поттикнати да дадеме сѐ од себе за да бидеме во мир со другите? Од Авраам, Исак, Јаков и Јосиф учиме дека родителите можат да им дадат добар пример на своите деца. Освен тоа, овие извештаи покажуваат дека Јехова го благословува трудот на оние што настојуваат да го зачуваат мирот. Ова ни помага да сфатиме зошто Павле напишал дека Јехова е „Бог, кој дава мир“. (Прочитај Римјаните 15:33; 16:20.) Во следната статија ќе видиме зошто Павле нагласил колку е важно да го зачуваме мирот и како можеме да бидеме миротворци.

Што научи?

• Пред да се сретне со Исав, што направил Јаков за да се смири со него?

• Како влијае врз тебе она што го направил Јехова за да ги помири луѓето со себе?

• Што научи од примерите на Авраам, Исак, Јаков и Јосиф?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Што најмногу му помогнало на Јаков за да се смири со Исав?