Повеќе не се плашам од смртта
Повеќе не се плашам од смртта
Раскажал Пјеро Гати
ТАТНЕЊЕТО стануваше сѐ погласно и погласно. Потоа се слушаше завивање на сирените кои ги предупредуваа луѓето да се засолнат. На крајот, со заглушувачки звук почнаа да паѓаат бомби и настапи невиден ужас.
Сето ова се случуваше во Милано (Италија), во 1943/1944 год. Како млад војник во тој град, по бомбардирањата честопати добивав задача да ги расчистувам остатоците од човечките трупови кои беа разнесени или затрупани во урнатините од скривниците. Но, не беше најстрашно само тоа што пред мои очи гледав како умираат други луѓе. Понекогаш и јас самиот за влакно успевав да спасам жива глава. Во тие мигови, во молитва му ветував на Бог дека, ако преживеам, ќе ја вршам неговата волја.
Крај на стравот од смртта
Пораснав во едно село во Италија кое е на десет километри од Комо, во близина на границата со Швајцарија. Уште како мал, морав да се соочам со болката и стравот од смртта. Шпанскиот грип покоси две од моите сестри. Потоа, во 1930 год., кога имав само шест години, умре мајка ми, Луиџија. Бидејќи бев воспитан како католик, живеев според правилата на верата и секоја седмица одев на миса. Но, мојот страв од смртта исчезна дури со години подоцна во една берберница, а не во црква.
Во 1944 год., Втората светска војна сѐ уште беснееше и го земаше својот данок. Јас бев дел од десетиците илјади италијански војници што ја напуштија воената зона и избегаа во Швајцарија, која беше неутрална земја. Кога пристигнавме, нѐ сместија во неколку кампови за бегалци. Мојот камп се наоѓаше во Штајнах, во североисточниот дел на земјата. Таму имавме извесна мера на слобода. На берберот во Штајнах му беше потребна помош во дуќанот. Живеев и работев кај него еден месец, но тоа беше доволно за да запознаам една личност што ми го смени целиот живот.
Еден од муштериите беше Адолфо Телини, Италијанец што живееше во Швајцарија. Тој беше Јеховин сведок. Никогаш немав слушнато за Сведоците, што не е ништо необично бидејќи во цела Италија тогаш имаше само околу 150 од нив. Адолфо ми зборуваше за прекрасните работи што ги пишува во Библијата, како на пример, за ветувањето дека еден ден ќе има мир и вечен живот (Јован 10:10; Отк. 21:3, 4). Бев воодушевен од самата помисла дека во иднина ќе нема војни и смрт. Кога се вратив во кампот за бегалци, за ова му кажав на еден млад Италијанец по име Џузепе Тубини. И тој беше одушевен од она што го слушна. Адолфо и други Сведоци одвреме-навреме нѐ посетуваа во кампот.
Еден ден, Адолфо ме однесе во Арбон, место оддалечено десетина километри од Штајнах, каде што една мала група Сведоци одржуваа состаноци на италијански јазик. Многу ми се допадна она што беше изнесено на состанокот, па затоа следната седмица отидов пеш. Подоцна, присуствував на еден собир на Сведоците во Цирих. Особено ме трогна говорот со дијапозитиви во кој беа прикажани слики на логори на смртта, како и купишта мртви човечки тела. Дознав дека многу Сведоци од Германија биле мачени и убивани поради нивната вера. На собирот ја запознав Марија Пицато. Бидејќи била активна како Јеховин сведок, фашистите во Италија ја осудиле на 11 години затвор.
Кога заврши војната, се вратив во Италија и му се приклучив на малото собрание во Комо. Иако никој не ја проучуваше Библијата со мене, основните работи ми беа кристално јасни. И Марија Пицато му припаѓаше на тоа собрание. Ми објасни зошто е потребно христијаните да се крстат и ми предложи да појдеме кај Марчело Мартинели, кој живееше во Кастионе Андевено, во областа Сондрио. Марчело беше верен помазан христијанин кој за време на диктаторскиот режим бил осуден на 11 години затвор. За да отидам кај него, морав да поминам 80 километри со велосипед.
Со помош на Библијата, Марчело ми покажа што е потребно за да се крстам. Потоа се помоливме и отидовме на реката Ада, каде што се крстив. Тоа беше во септември 1946 год. Никогаш нема да го заборавам тој ден! Од бескрајна радост што одлучив да му служам на Јехова и што имав цврста надеж за иднината, вечерта кога се вратив дома заборавив дека со велосипедот сум поминал 160 километри во еден ден!
Во мај 1947 год., во Милано се одржа првиот собир по војната во нашата земја. Беа присутни 700 души, меѓу кои имаше и многу Сведоци што го преживеале прогонството од фашистите. Но, на собирот се случи нешто необично. Џузепе Тубини, дечкото на кој му сведочев во кампот за бегалци, го одржа говорот за крштавање, иако и тој самиот требаше да се крсти.
На собирот се запознав со брат Натан Нор, кој дојде од Бетелот во Бруклин. Тој нѐ охрабри Џузепе и мене целосно да се посветиме на службата за Бог. Затоа, решив да почнам со полновремена служба веќе следниот месец. Кога се вратив дома, им кажав на моите за одлуката што ја донесов. Тие се обидоа да ме разубедат, но јас останав цврст. Така, по еден месец пристигнав во Бетелот во Милано. Таму веќе служеа четири мисионери: Џузепе (Џозеф) Романо и неговата сопруга Анџелина, Карло Бенанти и неговата сопруга Костанца. Петтиот член на семејството беше Џузепе Тубини, кој само што пристигнал. Јас бев шестиот.
Откако поминав еден месец во Бетел, добив задача да служам како покраински надгледник — првиот надгледник роден во Италија. Брат Џорџ Фредианели, првиот мисионер кој од Соединетите Држави беше испратен во Италија во 1946 год., веќе служеше во патувачкото дело. Неколку седмици ме обучуваше, а потоа продолжив сам во таа авантура. Точно се сеќавам на првото собрание кое го посетив — Фаенца. Всушност, дотогаш немав одржано ниту еден говор во некое собрание. Сепак, ги охрабрив присутните, посебно младите, да почнат со полновремена служба. Подоцна, некои од тие млади браќа и сестри добија одговорни задачи во делото во Италија.
Со службата како патувачки надгледник започна еден интересен дел од мојот живот, кој беше исполнет со изненадувања, промени, предизвици и радости — живот во кој на своја кожа ја почувствував љубовта на браќата и сестрите.
Религиите во Италија по војната
Да ви раскажам нешто повеќе за положбата на религиите во Италија во тоа време. Католичката црква имаше најголемо влијание и никој не можеше да ѝ се
спротивстави. Иако во 1948 год. се воведе нов устав, законите што ги имаа донесено фашистите за да ги спречат Сведоците слободно да проповедаат беа укинати дури во 1956 год. Поради притисокот од страна на свештениците, покраинските собири често беа прекинувани. Но, понекогаш обидите на свештениците завршуваа со неуспех, како што се случи во 1948 год. во Сулмона, едно гратче во централна Италија.Собирот се одржа во еден театар. Утрото во неделата, јас бев претседавач на програмата, а Џузепе Романо го одржа јавното предавање. Иако во тоа време во цела Италија немаше ни 500 објавители, на говорот беа присутни 2.000 души. Откако заврши говорот, еден млад човек подбуцнат од двајца свештеници кои беа во публиката, се качи на бината. Имаше намера да создаде неред и затоа почна да вика на сет глас. Јас веднаш му реков: „Ако имаш нешто да кажеш, изнајми си сала и слободно кажи што сакаш“. На присутните не им се допадна тоа што го направи и почнаа гласно да негодуваат. Тогаш тој се симна од бината и замина.
Во тоа време, патувањето беше вистинска авантура. Понекогаш пешачев од едно собрание до друго, се возев на велосипед, во раскантани и преполни автобуси или, пак, патував со воз. Некогаш морав да спијам во штала или во шупа. Бидејќи војната заврши неодамна, многу Италијанци беа сиромашни. Имаше малку браќа, а тие едвај врзуваа крај со крај. И покрај тешките услови, беше прекрасно да му се служи на Јехова.
Обука на Школата Гилеад
Во 1950 год., заедно со Џузепе Тубини бевме поканети на 16. клас од мисионерската школа Гилеад. Уште тогаш ми беше јасно дека ќе треба добро да се испотам за да го научам англискиот јазик. Се трудев од петни жили, иако не ми беше лесно. Моравме да ја прочитаме целата Библија на англиски. За да успеам во тоа, понекогаш не одев на ручек за да читам на глас. На школата, конечно дојде и мојот ред да имам говор. Се сеќавам како да беше вчера кога инструкторот ми рече: „Гестовите што ги правиш и жарот со кој зборуваш се одлични ама твојот англиски е за никаде!“ И покрај ова, успеав да ја завршам школата. По неа, Џузепе и јас добивме задача да се вратиме во Италија. Со обуката што ја добивме, можевме подобро да им служиме на браќата.
Во 1955 год. се оженив со Лидија, сестра на која седум години претходно јас ѝ го
одржав говорот за крштавање. Нејзиниот татко, Доменико, беше многу мил брат. И покрај тоа што за време на фашистичкиот режим доживеал прогонство и три години бил протеран, успеал да им помогне на сите свои седум деца да станат Сведоци. И Лидија ревносно се бореше за вистината. Пред да можат Сведоците слободно да проповедаат од куќа до куќа, трипати била изведена на суд. По шест години брак, се роди нашиот прв син, Бенјамино. Во 1972 год. ни се роди вториот син, Марко. Многу сум радосен што и двајцата ревносно му служат на Јехова заедно со нивните семејства.Сѐ уште сум активен во Јеховината служба
Додека радосно им служев на другите, имав многу незаборавни искуства. На пример, во почетокот на 1980-тите, мојот тест му напиша писмо на тогашниот претседател на Италија, Сандро Пертини. Кога земјата беше под власта на фашистите, и двајцата биле протерани на островот Вентотене, каде што беа праќани наводните непријатели на државата. Мојот тест бараше средба со претседателот за да може да му сведочи. Кога требаше да се видат, и јас отидов со него. Не се надевавме на таков прием. Претседателот срдечно го прегрна мојот тест. Потоа зборувавме за нашата вера и му оставивме литература.
Во 1991 год., откако 44 години ги посетував собранијата низ цела Италија, престанав да служам како покраински надгледник. Следните четири години се грижев за една Конгресна сала, сѐ додека не бев присилен да ја намалам мојата активност поради сериозна болест. Меѓутоа, благодарение на незаслужената доброта на Јехова, сѐ уште сум во полновремена служба. Давам сѐ од себе за да ја проповедам добрата вест и да ги поучувам другите. Моментално ја проучувам Библијата со неколку заинтересирани лица. Браќата велат дека, кога имам говор, сѐ уште зборувам со многу жар. Му благодарам на Јехова за тоа што ревноста не ми се намали со годините.
Кога бев млад, многу се плашев од смртта, но тоа што стекнав точно спознание за Библијата ми дава цврста надеж за вечен живот, како што рекол Исус (Јован 10:10). Тоа е она што со душа го чекам — мирен живот во кој ќе имаме заштита, радост и безброј благослови од Јехова. Сета чест му припаѓа на нашиот љубезен Творец, чие име имаме предност да го носиме (Пс. 83:18).
[Карта на страници 22 и 23]
(Види во публикацијата)
ШВАЈЦАРИЈА
БЕРН
Цирих
Арбон
Штајнах
ИТАЛИЈА
РИМ
Комо
Милано
Ада
Кастионе Андевено
Фаенца
Сулмона
Вентотене
[Слика на страница 22]
На пат за Школата Гилеад
[Слика на страница 22]
Со Џузепе на Гилеад
[Слика на страница 23]
На денот на нашата венчавка
[Слика на страница 23]
Мојата сакана жена е покрај мене повеќе од 55 години