Научи ги своите деца да покажуваат почит
Научи ги своите деца да покажуваат почит
„УБАВИОТ ЗБОР железна врата отвора“, вели една македонска поговорка. Ова значи дека луѓето обично се пољубезни и попријателски настроени кон оние што се учтиви или имаат добри манири.
Колку е убаво да се видат добро воспитани млади луѓе! Еден покраински надгледник од Хондурас, кој проповеда од врата до врата со објавители на различна возраст, вели: „Честопати се случува едно добро воспитано и учтиво дете да остави посилен впечаток врз станарот отколку она што јас му го кажувам“.
Во ова време, кога луѓето сѐ поретко покажуваат добри манири, корисно е да знаеме како да се однесуваме со другите. Но, уште поважно е што и самата Библија нѐ советува ‚да живееме живот достоен на добрата вест за Христос‘ (Фил. 1:27; 2. Тим. 3:1-5). Мора да ги поучиме нашите деца да покажуваат вистинска почит кон луѓето. Како може да им помогнеме да научат да ги почитуваат другите од срце, а не само механички да следат некои правила за учтиво однесување? a
Поучувај со својот пример
Децата учат од примерот на оние околу нив. Според тоа, главен начин на кој родителите можат да ги научат децата да бидат учтиви е ако и самите постапуваат убаво со другите (5. Мој. 6:6, 7). Не е доволно само да им кажуваш на децата дека треба да бидат учтиви. Иако е важно одвреме-навреме да ги потсетиш како треба да се однесуваат, неопходно е и самиот да им дадеш добар пример.
Да го земеме примерот на Паула. b Нејзината мајка, која е самохран родител, ја воспитала во вистината. За Паула е најнормално да се однесува со почит кон другите. Зошто? Таа вели: „Бидејќи мајка ми ни даде добар пример нам децата, покажувањето почит кон другите стана дел од нас“. Еден христијанин по име Валтер ги поучил своите синови да ја почитуваат мајка си, која не е Сведок. Тој вели: „Се трудев да им дадам добар пример на децата за да научат како да ја почитуваат мајка им. На пример, никогаш не зборував лошо за неа“. Валтер продолжил да ги поучува своите синови за Божјата Реч и го молел Јехова за помош. Едниот син сега служи во подружница на Јеховините сведоци, а другиот е пионер. Тие ги сакаат и ги почитуваат и двајцата родители.
Библијата вели: „Бог не е Бог на нередот, туку на мирот“ (1. Кор. 14:33). Во сѐ што прави Јехова постои ред. Христијаните се трудат да се угледаат на него во овој поглед и затоа водат сметка домот да им биде уреден. Некои родители ги научиле децата да си го местат креветот пред да одат на училиште, да си ја ставаат облеката на место и да помагаат низ дома. Ако децата гледаат дека целиот дом е чист и уреден, веројатно и самите ќе сакаат да ги средуваат своите работи и својата соба.
Што мислат твоите деца за учењето? Дали покажуваат благодарност за она што наставниците го прават за нив? Дали ти, како родител, ги сметаш за важни нивните училишни обврски и дали покажуваш ценење за работата на наставниците? Твоите деца најверојатно ќе имаат ист таков став. Зошто не ги поттикнеш понекогаш да им се заблагодарат на наставниците? Изразувањето благодарност е одличен начин да покажеме почит кон другите, сеедно дали станува збор за наставник, лекар, продавач или кој и да е друг (Лука 17:15, 16). Младите христијани кои се разликуваат од своите соученици затоа што имаат добри манири навистина заслужуваат пофалба!
Членовите на христијанското собрание треба да дадат добар пример за учтивост. Колку е убаво што меѓу нас можат да се видат учтиви млади луѓе кои често знаат да кажат „те молам“ и „благодарам“! Кога возрасните покажуваат почит кон Јехова со тоа што внимателно слушаат додека се изнесува програмата на состаноците, младите се поттикнати да го следат нивниот пример. Децата можат да научат да ги почитуваат другите ако гледаат како браќата и сестрите учтиво се однесуваат во Салата на Царството. На пример, четиригодишниот Андреј веќе знае да каже „извинете“ кога мора да помине меѓу возрасни.
На кој друг начин можат родителите да им помогнат на своите деца да се однесуваат како што доликува? Тие можат и треба да одвојат време за да ги поучат децата разгледувајќи заедно некои од многуте примери во Божјата Реч (Рим. 15:4).
Поучувај со примери од Библијата
Кога Јаков се враќал со своето семејство во Ханаан и требало да се сретне со брат му Исав, најверојатно им кажал на своите деца дека треба да му се поклонат на чичко им (1. Мој. 33:3, 6, 7). Дали и ти би можел да вежбаш дома со твоето синче или ќеркичка да ги поздравува другите со „добро утро“, „добар ден“ или „добровечер“? Воспитаните деца му носат чест на Јехова и родителите се гордеат со нив.
Би можел да ги користиш извештаите од Библијата за да им помогнеш да ја сфатат разликата меѓу почитта и непочитувањето. На пример, кога сакал 2. Цар. 1:9, 10).
да го види пророкот Илија, неверниот израелски цар Охозија испратил кај него „еден педесетник со неговите педесет луѓе“ за да го викнат. Педесетникот строго му наредил на пророкот да тргне по него. Меѓутоа, не смеел да зборува така со човек кој бил Божји претставник. Што му одговорил Илија? „Ако сум Божји човек“, рекол тој, „нека слезе оган од небото и нека ве голтне тебе и твоите педесет луѓе!“ Токму тоа и се случило. Извештајот продолжува: „Оган слезе од небото и ги голтна него и неговите педесет луѓе“ (Тогаш царот испратил кај Илија друг педесетник. И тој се обидел да му нареди на Илија да појде со него. Но, повторно слегол оган од небото. На крајот, кај Илија дошол уште еден педесетник. Овој човек покажал почит кон пророкот. Наместо да му заповеда, тој паднал на колена и го замолил велејќи: „Божји човеку, те молам, нека бидат драгоцени во твои очи мојата душа и душите на овие твои педесет слуги. Ете, оган слезе од небото и ги голтна првите двајца педесетници и нивните педесет луѓе, но мојата душа нека биде драгоцена во твои очи!“ Дали Божјиот пророк би повикал оган врз некој што зборувал со таква почит, иако можеби педесетникот го сторил тоа и од страв да не загине? Во никој случај! Наместо тоа, Јеховин ангел му рекол на Илија да појде со тој човек (2. Цар. 1:11-15). Зарем од ова не се гледа колку е важно да се покажува почит?
Кога римските војници го уапсиле апостол Павле во храмот, тој не си зел за право да зборува, туку со почит го прашал илјаданачалникот: „Смеам ли нешто да ти кажам?“ Како резултат на тоа, на Павле му било дозволено да зборува во своја одбрана (Дела 21:37-40).
Додека му се судело на Исус, еден од стражарите му удрил шлаканица. Сепак, Божјиот Син знаел како треба да реагира. „Ако кажав нешто погрешно, докажи дека е погрешно!“ — рекол тој. „Но ако кажав право, зошто ме удираш?“ Никој не можел оправдано да приговори на начинот на кој зборувал Исус (Јован 18:22, 23).
Во Божјата Реч исто така има примери што ни покажуваат како би требало да реагираме на строга исправка или како со почит да признаеме дека сме направиле некој пропуст (1. Мој. 41:9-13; Дела 8:20-24). Размисли за Авигеја, која му се извинила на Давид за дрскиот начин на кој постапил со него нејзиниот маж, Навал. Освен што побарала простување, таа му дала и великодушен дар, односно многу храна за него и за неговите луѓе. Она што го направила Авигеја оставило толку силен впечаток врз Давид што, по смртта на Навал, ја зел за жена (1. Сам. 25:23-41).
Учи ги своите деца да покажуваат почит кон другите — и во секојдневниот живот, но и кога нема да им е лесно да го прават тоа. ‚Ако нашата светлина свети пред луѓето‘ и во овој поглед, тие ‚ќе го слават нашиот Татко, кој е на небесата‘ (Мат. 5:16).
[Фусноти]
a Се разбира, родителите треба да ги поучат децата дека има разлика меѓу тоа да покажуваат почит кон другите и да прават сѐ што ќе им каже некој што можеби сака да ги злоупотреби. Види во Разбудете се! од октомври 2007, страници 3-11.
b Некои имиња се сменети.