Помогнете им на младите да се запознаат со Јеховината организација
Помогнете им на младите да се запознаат со Јеховината организација
ДЕЦАТА сакаат да учат. Можеш да си замислиш какви сѐ прашања им поставувале малите Израелчиња на своите родители ноќта кога ја прославиле првата Пасха во Египет: ‚Зошто го заклавме јагнето?‘ ‚Зошто тато ја мачка вратата со крв?‘ ‚Каде ќе одиме?‘ Јехова очекувал и сакал децата да поставуваат вакви прашања. Тоа јасно се гледа од она што им го заповедал на татковците во Израел. Во врска со идните прослави на Пасхата, тој им го рекол следново: „Кога вашите синови ќе ве прашаат: ‚Што ви значи оваа служба?‘ — речете им: ‚Тоа е пасхалната жртва за Јехова, кој ги одминуваше куќите на синовите на Израел во Египет кога ги удри Египќаните со неволја, а нашите куќи ги поштеди‘“ (2. Мој. 12:24-27). Подоцна, Јехова ги потсетил родителите во Израел колку е важно да им одговараат на прашањата на своите деца во врска со ‚уредбите и законите‘ што им ги дал Тој (5. Мој. 6:20-25).
Очигледно е дека Јехова сакал децата да добијат точен и јасен одговор на прашањата поврзани со неговото обожавање — одговор што ќе ги поттикнел да го сакаат како свој Бог и Спасител. Тој има желба истото да биде случај и со младите денес. Меѓу другото, родителите можат да всадат во своите деца длабока љубов кон Јехова Бог и кон неговиот народ ако ги запознаат подобро со Неговата организација и ако им помогнат да разберат како им користи она што таа го прави за нас. Да разгледаме неколку начини на кои младите можат да дознаат повеќе детали за Божјата организација.
Собранието
Важно е младите добро да го запознаат собранието во кое служи нивното семејство. За таа цел, вие како родители треба да ги носите децата на сите христијански состаноци. На тој начин ќе се држите за начелото од следнава заповед која Јехова му ја дал за израелскиот народ: „Собери го народот — мажите, жените, децата... за да слушаат и да научат да се бојат од Јехова, вашиот Бог, и совесно да ги држат сите зборови на овој закон. И нивните синови, кои уште не го познаваат тој закон, нека слушаат и нека учат да се бојат од Јехова, вашиот Бог“ (5. Мој. 31:12, 13).
Децата можат да учат за Јеховината Реч уште додека се многу мали. Пример за тоа е Тимотеј, за кого апостол Павле рекол дека ‚ги познавал светите списи од рано детство‘ (2. Тим. 3:15). На состаноците во Салата на Царството, дури и најмалите деца почнуваат постепено да го разбираат она што се изнесува и да ги учат теократските песни. Исто така, учат да ја користат и да ја ценат Библијата и библиската литература. Освен тоа, на нашите состаноци тие ќе ја почувствуваат искрената љубов — особина која е главно обележје на Христовите вистински следбеници. Исус рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Срдечната љубов и чувството на сигурност кои преовладуваат во Салата на Царството ќе им се допаднат на децата, и тоа ќе им помогне да стекнат навика цел живот да одат на христијанските состаноци.
Ако секогаш се трудите да доаѓате во Салата на Царството доволно рано и да не си заминете веднаш по состанокот, вашите деца ќе имаат можност да си најдат пријатели. Наместо да ги пуштите да се дружат само со други деца, зошто не ги запознаете со браќа и сестри на различна возраст? Така ќе можат да стекнат и постари пријатели кои ќе можат да ги збогатат со своето големо искуство и мудрост. Исто како што во старо време советникот по име Захарија имал добро влијание врз младиот Озија, царот на Јуда, со тоа што ‚го учел на страв од Бог‘, така и оние што во нашево време со години верно му служат на Јехова можат да извршат добро влијание врз младите (2. Лет. 26:1, 4, 5). Кога сте во Салата на Царството, можеш да им објасниш на децата и за што служи библиотеката, огласната табла, како и други работи.
Нашата меѓународна организација
Децата треба да разберат дека нивното собрание е дел од една меѓународна организација која се состои од над 100.000 собранија. Објаснете им некои важни работи во врска со организацијата, со делото што го извршува, како и со улогата што децата ја имаат во неа. Објаснете им зошто со радост ги очекувате покраинските собири, обласните конгреси и посетата на покраинскиот надгледник. (Види ја рамката „Што да се разгледува на Семејната вечер посветена на Јехова“, на 28. страница.)
Кога ќе ви се укаже можност, поканете на ручек или вечера некој патувачки надгледник, мисионери, членови на бетелското семејство или, пак, други полновремени слуги. Немојте да си мислите дека тие немаат време за младите. Овие полновремени слуги се трудат да го следат примерот на Исус, кој одвојувал време за децата и разговарал со нив (Мар. 10:13-16). Кога вашите деца ќе слушнат што доживуваат овие Јеховини слуги во светата служба и кога ќе видат колку се радосни поради тоа, можеби и тие ќе си постават цел да започнат со полновремена служба.
Што друго можете да направите како семејство за да им помогнете на децата да се запознаат подобро со Јеховината организација? Еве неколку предлози: Можете заедно да ја проучувате брошурата Јеховините сведоци обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот. Користете ги видеопрограмите на Јеховината организација за да ги поучите за важни работи од минатото и од сегашноста. Притоа нагласете колкава оддаденост, понизност и верност покажале Јеховините слуги и објаснете им како Јехова ги користел за да ја рашират добрата вест низ целиот свет. Ако сте во можност, посетете го Бетелот во вашата земја, па дури и во други земји. Ваквите посети ќе им помогнат на вашите деца да стекнат јасна претстава за тоа како видливиот дел од Јеховината организација, под водство на верниот роб, е организиран за да обезбедува духовна храна и упатства за браќата низ целиот свет, исто како што обезбедувал и во првиот век од н.е. (Мат. 24:45-47; Дела 15:22-31).
Поуки според потребите на секое дете
Кога ги поучувате децата, имајте на ум како Исус ги поучувал своите апостоли. Во една прилика, тој им рекол: „Имам Јован 16:12). Тој не ги оптоварувал своите ученици со премногу информации. Наместо тоа, постепено ги поучувал за важни вистини, за да можат добро да ги разберат и да ги ценат. Следете го неговиот пример, и немојте да ги преплавувате децата со информации. Со тоа што редовно и малку по малку ќе ги запознавате со организацијата, ќе го задржите нивниот интерес и ќе им биде пријатно и убаво да учат за христијанското собрание. Со текот на времето, како што нивните потреби се менуваат, ќе можете да ги потсетите на некои работи и да градите врз она што веќе го научиле.
уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите“ (Христијанското собрание е како симболична тврдина која ни помага да останеме духовно јаки. Затоа, младите што ревносно учествуваат во собраниските активности се подобро подготвени да се спротивстават на влијанието на Сатановиот свет (Рим. 12:2). Уверени сме дека ќе уживате помагајќи им на своите деца да се запознаат со Јеховината организација. Со негов благослов, нека останат цврсто поврзани со неа и со грижливиот Бог кому му служиме.
[Рамка/слика на страница 28]
Што да се разгледува на Семејната вечер посветена на Јехова
Подолу се наведени неколку теми во врска со Јеховината организација кои можете да ги разгледате во текот на Семејната вечер.
▪ Разговарајте за историјата на вашето собрание. Кога и како било основано? Кои Сали на Царството ги користело низ годините? Кога ќе дискутирате за ова, би можеле да поканите некој долгогодишен член на собранието кој би можел да одговори на прашањата на децата.
▪ Објаснете им на децата која е целта на различните собраниски состаноци и на поголемите собири, и како можат тие да извлечат корист од програмата.
▪ Дискутирајте за целите на разните школи што ги има основано Јеховината организација. Раскажете некои искуства кои покажуваат какви добри резултати имаат оние што ги посетувале овие школи.
▪ Помогнете им на децата да сфатат колку е важно да бидат редовни објавители на добрата вест. Покажете им на кој начин и самите можат да имаат удел во меѓународниот извештај за службата кој секоја година излегува во Нашата служба за Царството.
▪ Разговарајте за разните видови полновремена служба во кои можат да стапат младите во Јеховината организација. Корисни информации во врска со ова има во 10. поглавје од книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја.
▪ Помогнете им на децата да сфатат зошто во собранието се следат одредени процедури. Објаснете им зошто треба секогаш да постапуваат според упатствата од Јеховината организација, дури и во малите работи. Покажете им како можат да придонесат за редот во собранието со тоа што ќе ги следат упатствата на старешините.
[Слика]
Добро е вашите деца да се спријателат со долгогодишни Божји слуги
[Слики на страница 26]
Како и во древниот Израел, родителите денес се трудат да дадат јасен и точен одговор на прашањата во врска со Јеховината организација